Газа: Американски војници ќе го надгледуваат примирјето
10 октомври 2025
САД имаат намера да го поддржат почитувањето на посакуваното примирје во војната меѓу ИзраелИХамас во Појасот Газа со испраќање свои војници. Ова го објави Белата куќа, речиси истовремено со согласноста на израелскиот кабинет за планот за прекин на огнот.
Командниот центар на американската армија задолжена за регионот (Центком) ќе обезбеди 200 војници, кои, меѓутоа, нема да бидат распоредени во Појасот Газа, објаснија високи претставници на американската влада во телефонски разговор со новинарите.
„Страв од она што следи“
Целта е да се воспостави заеднички контролен центар, во кој треба да учествуваат и вооружени сили од Египет, Катар, Турција и веројатно од Обединетите Арапски Емирати, додадоа претставниците. Центарот треба да ги собере различните безбедносни сили и да ги координира операциите со израелската армија. Точно каде треба да бидат стационирани војниците ќе биде утврдено и објавено подоцна.
„Нема многу доверба од двете страни дека планот навистина ќе биде почитуван“, изјавија високи претставници на американската влада. На пример, Хамас се плаши дека Израел може да ги продолжи воените операции во подоцнежната фаза. „Постои голем страв од она што следи“.
Трамп најавува патување на Блискиот Исток
Во меѓувреме, Трамп најави дека ќе тргне кон Блискиот Исток во недела. Точно кога и на која локација ќе биде тоа, сè уште е нејасно. „Мислам дека заложниците ќе се вратат во понеделник или во вторник“, рече републиканецот во Белата куќа.
„Веројатно ќе бидам таму. Се надевам дека ќе бидам таму. И планираме да заминеме некаде во недела“. Неколку часа претходно, Трамп веќе посочи дека сака да се движи „прилично брзо“.