1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Бранденбург: тесна победа на СПД пред АФД

СН/агенции
23 септември 2024

Социјалдемократите во Бранденбург, наспроти резултатите од претходните анкети, извојуваа тесна победа над Алтернативата за Германија. Ова е првенствено заслуга на социјалдемократски премиер на оваа германска покраина.

Победник на вечерта: Дитмар Војдке од СПД (во средина)
Победник на вечерта: Дитмар Војдке од СПД (во средина)Фотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

„Се чини дека социјалдемократите, како и многу пати во историјата, ги спречија екстремистите на нивниот пат кон власта“, изјави актуелниот и веројатен иден премиер на Бранденбург од редовите на СПД, Дитмар Војдке, по објавувањето на првите нецелосни изборни резултати во германската покраина.

Војдке на тој начин алудираше на тесната победа на неговата Социјалдемократска партија на Германија (СПД)  над десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД), која убедливо водеше во истражувањата на јавното мислење во последните месеци.

Но, како гласаа околу 2,1 милиони граѓани на Бранденбург со право на глас? Според привремените официјални резултати, 30,9 отсто од граѓаните гласале за партијата на германскиот канцелар Олаф Шолц, СПД, а 29,2 отсто за АфД

Со 12,1 отсто демохристијанската ЦДУ постигна најнизок резултат досега во која било сојузна покраина на истокот на Германија. Партијата на Зелените со 4,1 отсто падна под изборниот праг од пет отсто од гласовите и со тоа не собра доволно гласови за да влезе во парламентот.

Кандидатот на АФД Ханс-Кристоф Бернд (лево) со партиското раководство: „Иднината на Германија е сина“Фотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Новооснованата лево-популистичка партија Сојуз Сара Вагенкнехт (БСВ) освои 13,5 отсто, а партијата Левица, од која произлезе партијата БСВ, не го помина изборниот праг со 3 отсто.

Според првичните сигнали од поранешниот премиер и кандидат на СПД, Војдке, можно е продолжување на актуелната коалиција СПД-ЦДУ, но без Партијата на Зелените. Таа коалиција владее со оваа германска покраина од 2019 година. Сепак, СПД и ЦДУ имаат 44 места, исто колку и АфД и БСВ заедно (АфД 30, БСВ 14), така што коалицијата на СПД и БСВ се чини поверојатна.

Успехот на СПД и силното закрепнување во споредба со анкетите на јавното мислење, аналитичарите го поврзуваат со популарноста во Бранденбург на кандидатот на СПД и премиер Војдке, која е далеку поголема од популарноста на неговата партија и на канцеларот Олаф Шолц ширум Германија. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми