1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покраинските избори и иднината на германската влада

Бенџамин Најт
31 август 2024

Десноекстремната АфД би можела да победи на изборите во покраините Тирингија и Саксонија, нанесувајќи ѝ удар на германската демократија и особено на партиите што ја сочинуваат сојузната влада на канцеларот Шолц во Берлин

Герлиц плакат АфД
Се очекува десноекстремната АфД да излезе како најсилна од три покраински избори во ГерманијаФотографија: DW

Во градот Бад Лангензалца неколку стотини луѓе се собраа на паркинг-плац за да слушнат говор од човек во блескаво бела кошула кој се смета за еден од најопасните луѓе во германската политика: Бјерн Хеке, лидер на огранокот на десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД) во покраината Тирингија.

Настанот зад градскиот ѕид обраснат со бршлен, беше организиран како „летна забава“ со пиво, печени колбаси и балони, деца на кои им ги цртаат лицата, а Хеке, последниот од неколкуте говорници, буквално долета на малата сцена со раширени раце, бликајќи од самодоверба.

Не е ни чудо: неговата партија веќе неколку месеци убедливо води во анкетите во Тирингија. Изборите таму и во соседната покраина Саксонија се одржуваат на 1 септември, а АфД би можела да победи во двете покраини.

Во Бад Лангензалца, Хеке го завршува својот говор повикувајќи ги луѓето да гласаат за него за да се спречела „пропаста на земјата“. Ова, вели тој, се избори за тоа „дали сакаме иднина или не“.

Слушателите се чинат убедени. Дури и неодредените гласачи на оваа „летна забава“ не се вознемирени од расистичките изјави што повремено ги даваат политичарите на АфД, ниту од тоа дека домашните разузнавачки агенции на Германија го сметаат огранокот на АфД во Тирингија за уште поекстремен од АфД како целина. „Неколку нешта што тој ги наведе се прилично добри“, изјави за ДВ еден неопределен гласач и како пример посочи „намалување на даноците“: „Но, сите партии го ветуваат тоа пред избори“, додава тој.

Не дека сите во Тирингија ја прифаќаат АфД како легитимна опција. Секаде каде што Хеке води кампањи, тој мора да надвика свирежи, исмејувања од контрадемонстрантите составени од различни левичарски антифашистички групи. Само еден ден пред „летната забава“ во Бад Лангензалца, АфД беше принудена да го откаже настапот на Хеке во градот Јена, бидејќи контрадемонстрантите успеаја да ги пробијат полициските линии на самиот настан.

Бјерн Хеке од АфД блика од самодоверба на неговите митинзи во ТирингијаФотографија: Ben Knight/DW

Хеке одамна научи да го интегрира ова непријателство во своите говори - меѓу тврдењата дека травестити предаваат сексуално образование во основните училишта и дека мигрантите носат криминал во Германија, тој вели дека владата станува сè поавторитарна. Неговите паралели со комунистичката диктатура што некогаш владееше со Источна Германија наидува на добар прием кај поддржувачите во Бад Лангензалца.

Ова ширење на реални или замислени поплаки е она со што мора да се справуваат сите други партии во Тирингија и Саксонија, особено оние кои припаѓаат на коалицијата од левиот центар на канцеларот Олаф Шолц. И се чини дека тоа функционира - во Тирингија, најновите анкети покажуваат дека АфД има околу 30% доверба, многу повеќе од Демохристијаните (ЦДУ) со 21%. Во соседна Саксонија, ЦДУ подобро се држи, а двете партии имаат по околу 30% доверба.

Саксонија и Тирингија - слични, но различни

Иако источна Германија често се смета за хомоген регион, постојат големи политички разлики меѓу покраините. Додека Тирингија во последната деценија беше под водство на Левица и премиерот Бодо Рамелов, Саксонија од 2017 година беше предводена од Михаил Кречмар од демохристијанската ЦДУ.

Бодо Рамелов (Левица) е омилен, но неговата партија губи гласачи кои се вртат кон БСВФотографија: Staatskanzlei Thüringen/dpa/picture alliance

Во тековната кампања, ЦДУ на Кречмер неодамна повторно го презеде водството пред АфД во некои анкети, додека времето на Рамелов на функцијата се чини дека е минато. Рејтингот на Левица се преполови во однос на последните избори во 2019 година и сега изнесува 15%, а актуелните коалициски партнери, СПД и Зелените на изборите в недела може да бидат целосно збришани.

Тоа значи дека во двете покраини, единствените коалиции што може ја држат АфД надвор од владата (и сите други партии ветија дека ќе го сторат тоа) се чини дека е непријатниот сојуз помеѓу ЦДУ и Сојузот Сара Вангенкнехт (БСВ). Тоа би било бизарно партнерство: Првата е партија која сака да се претставува како карпа на стабилност, традиција и конзервативизам, а втората беше основана пред помалку од една година и ја предводи поранешна комунистка со дарба за популистичка реторика.

Сара Вагенкнехт, која минатата година ја подели партијата Левица со која своевремено раководеше, стана неизмерно популарна во источна Германија, иако таа всушност и не е на гласачкото ливче на претстојните избори. „Сара Вагенкнехт е култна личност во источна Германија, таа ја води партијата автократски и таа е фокус на копнежот за авторитет и лидерство на истокот“, вели Ханс Форлендер, политиколог на дрезденскиот Универзитет за технологија.

Коалиција со БСВ, кој во анкетите има речиси 20 отсто во Тирингија и над 10 отсто од гласовите во Саксонија, веројатно ќе биде тешко сварлива за некои во ЦДУ. Настрана од тоа што Вагенкнехт своевремено беше членка на Партијата на социјалистичко единство во Германија (СЕД) во комунистичката источногерманска диктатура, таа веќе поставува барања кои за ЦДУ ќе бидат тешки за прифаќање - особено тоа дека треба да се декларира против стационирање на американските балистички ракети со среден дострел во Германија.

Сара Вагенкнехт стана неизмерно популарна во источна ГерманијаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Но, тоа наидува на добар прием во источна Германија, смета Форлендер. „Многу луѓе во источна Германија наследија скептицизам и одбивност од времето на ГДР против НАТО“, вели тој и додава дека „постојат некои антиамерикански ставови и сè уште има рефлекси на отпор кон сè што доаѓа од 'Западот'“.

Во согласност со таквите инстинкти, и БСВ и АфД успешно ги користат стравувањата кај многу источни Германци во врска со војната во Украина, прашање што беше доминантно на оваа предизборна кампања.

И иако БСВ постојано се дистанцираше од десноекстремната АфД и исклучува каква било соработка, еден факт фрла непријатна сенка на овие избори: двете партии имаат повеќе заедничко отколку што имаат разлики.

Сето ова ја става СПД на Олаф Шолц во очајна положба, особено затоа што во уште една источна германска покраина, Бранденбург, ќе се одржуваат избори три недели подоцна. И овде АфД води на анкетите, а СПД и ЦДУ се борат за второто место.

Сепак, на некој начин, коалициските партнери на Шолц се тие што најмногу треба да се плашатод овие три избори: партијата на Зелените, која моментално е во владата во сите три покраини, веројатно ќе го изгуби тоа влијание, додека неолибералните Слободни демократи (ФДП) се соочуваат со пропаст на истокот - веројатно како казна за прикачување на нивниот вагон во возот Шолц. Тоа не е добро за веќе расцепканата коалиција на Шолц.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми