1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полемика која предолго трае - кој е новинар, а кој не е?

ДТЗ
13 ноември 2023

Дел од новинарите сметаат дека саморегулацијата е вистинскиот пат кон подобрување на професионалноста, додека експертите посочуваат дека е потребна поголема транспаретност на медиумите околу сопственоста

ILA 2014
Фотографија: picture-alliance/ZB

За две години, судот во два наврати при судска одлука одредува кој е новинар и дали медиумските платформи се медиуми или не. Одлуката на судијката што одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, дека „ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа“, предизвика низа реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето кога ќе се затворат законските дупки коишто ја отвораат можноста и судот да се вплетка во полемиката кој е новинар, а кој не е?

Слична одлука беше донесена и во 2021 година, кога во пресудата на Основниот граѓански суд, меѓу причините зошто е одбиена тужбата на новинарот Горан Трпеноски кој бараше надомест на нематеријална штета, беше објаснето дека тој согласно Законот за медиуми не можел да има својство на новинар, бидејќи здружението каде што бил вработен не претставува издавач на медиум, ниту пак дигиталната редакција сдк.мк претставува медиум регулиран со Законот за медиуми.

Некои од новинарите решението го гледаат во нов закон за медиуми во кој со јасни критериуми ќе биде наведено што е онлајн медиум. За други саморегулацијата е вистинскиот пат кон подобрување на професионалноста на медиумите, додека експертите посочуваат дека е потребна и поголема транспаретност на медиумите околу сопственоста и кој стои зад нив. 

Одговорност во повеќе правци

„Одговорноста е во повеќе правци“, вели за ДВ Марина Тунева, вонреден професор и медиумски експерт.  Според неа, саморегулацијата е моќна алатка која што е глобално призната и прифатена за подобрување на професионалноста во медиумите. Доколку медиумите се придржуваат до новинарските стандарди ќе го задржат интегритетот и ќе бидат препознаени од публиката како релевантни.

Доколку медиумите се придржуваат до новинарските стандарди ќе го задржат интегритетот и ќе бидат препознаени од публиката како релевантни, вели Марина ТуневаФотографија: privat

„Но, саморегулацијата не е единствениот начин - ако медиумите не се транспарентни, може да доведе до сомнеж кој стои зад нив, дали ги контролира некој центар за моќ. Таквото работење може да доведе до пристрасност во работењето. Затоа е потребно медиумите да бидат транспарентни за сопственоста“, децидна е Тунева.

Ризици од преголема регулација

Преголемата регулација во областа на новинарството може да биде сериозна пречка за слободата на медиумите и генерално за слободата на говор. Има примери со кои прекумерните законски ограничувања, посебно на дигитални платформи, не само што го задушуваат новинарското изразување, туку можат да доведат и до едностран медиумски пејзаж каде што критичките и различните гласови се маргинализирани.

„Ова е особено загрижувачко кога судовите се вклучени во дефинирањето кој е, а кој не е новинар. Ваква судска пракса може да се разбере и како обид за наметнување на лиценци или слични законски барања од страна на судските тела што е спротивна на демократскиот принцип на слобода на изразување, како што е вградено во Европската конвенција за човекови права и потврдено од Европскиот суд за човекови права“, вели за ДВ, Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

Од друга страна, со оглед на новата регулатива на ЕУ (Актот за дигитални медиумски услуги, но и Европскиот акт за медиумски слободи), се наметнуваат законски обврски во делот на медиумската транспарентност и сопствеништво, а со цел да се заштити публиката, но не и во содржината на онлајн медиумите зашто тоа веќе е предвидено во Кривичниот закон и Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда.

„Перцепцијата е дека веќе постои консензус и потреба и меѓу самите он лајн медиуми за т.н. блага регулација што подразбира волонтерски регистар од кој ќе биде јасно кој е сопственик, уредник, редакција, фирма или граѓанско здружение, односно правно лице кое стои зад сопственоста на онлајн медиумот, вели Секуловски.

„Блага“ регулација

Експертската заедница веќе ги изнесе своите ставови дека е потребна регулација до одреден степен на онлајн медиумите, но без да се задира во слободата на изразувањето, вели и Тунева.  Според неа, една таква иницијатива беше формирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми - Промедиа, кој го сочинуваат над стотина онлајн медиуми, кои објавуваат содржини на повеќе јазици.

Целта на овој регистар е да се прикажат оние онлајн медиуми кои ги исполнуваат облигаторните критериуми на СЕММ да бидат дел од регистарот на професионални онлајн медиуми. Станува збор за пракса каква што има во повеќето демократски општества, со цел да се направи дистинкција меѓу медиумите коишто ги почитуваат и не ги почитуваат доволно новинарските стандарди. Со пребарувањето на базата на членки на Промедиа, судовите можат да проверат дали членките се обрзале да ги почитуваат стандардите за професионалност.

Перцепцијата е дека веќе постои консензус и потреба и меѓу самите он лајн медиуми за т.н. блага регулација, велат од ЗНМФотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

„Битката е многу поголема отколку што изгледа. Саморегулација - да, ама пропратно. Сè останато е можност друг да ни пресудува“, укажува Мери Јордановска, новинар и член на Советот за етика во медиумите. 

Својот став таа го сподели и на социјалните мрежи. „Уште пред многу години, кога како новинари решивме да се 'саморегулираме', бев против тоа да биде единствено решение и сè уште сум. Оти противејќи се државата да нè регулира (со можност во законските решенија да учествуваат сите новинарски здруженија), на крај стигнавме до тоа судот да нè регулира, кој е новинар, а кој не е. И сега, дојдени сме до стадиум кој како сака и секој со различен мотив да ни го толкува трудот, напорот и сè што вложуваме во оваа професија“, вели таа.

Јордановска смета дека за да се има портал мора да се има фирма или здружение на граѓани, во кое ќе има вработени, ќе се плаќа данок, ќе биде регистрирана да врши таква дејност, ќе има автор на текстовите, ќе информира за теми од јавен интерес. „Ако го имавме ова законски, никој жив немаше да може да си игра како сака со професијата новинар“, децидна е таа.

Медиумски реформи како спас

Во тек се медиумски реформи за кои долго се зборува и од кои се очекува да се надминат слабостите во регулирањето на медиумската сфера коишто беа детектирани во изминатиот период. „Сега работите повторно се придвижија и се прават напори за усогласување со регулативата на Европската Унија, конкретно со Актот на слобода за изразување и Актот за дигитализацијата“, вели Тунева. 

Експертската заедница веќе го изнесе своите ставови дека е потребна регулација до одреден степен на онлајн медиумите, но без да се задира во слободата на изразувањето. Една таква иницијатива беше формирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми - Промедиа, кој го сочинуваат над стотина онлајн медиуми, кои објавуваат содржини на повеќе јазици. Целта на овој регистар е да се прикажат оние онлајн медиуми кои ги исполнуваат облигаторните критериуми на СЕММ да бидат дел од регистарот на професионални онлајн медиуми.

„Станува збор за пракса каква што има во повеќето демократски општества, со цел да се направи дистинкција меѓу медиумите коишто ги почитуваат и не ги почитуваат доволно новинарските стандарди“, вели Тунева.

Од ЗНМ за ДВ велат дека на саморегулацијата гледаат не само како на претпочитана алтернатива, туку како основен столб за одржување на новинарската независност и интегритет.

„Саморегулацијата во медиумите, преку механизми како што се Советот на честа при ЗНМ или Советот за етика, им дава овластување на новинарите и медиумските организации да поставуваат и спроведуваат сопствени етички стандарди. За тоа дали е нешто етично или не решава саморегулацијата, а за сопственоста, начинот на финансирањето, транспарентноста на работата (импресум), треба да има законска нотификација“, објаснува Драган Секуловски.

Освен тоа, саморегулацијата поттикнува и чувство на одговорност кај новинарите и медиумските организации. „Тоа ја поттикнува културата на одговорност која е водена од рецензијата од колеги и стандардите на заедницата, наместо од стравот од правни реперкусии. Ова опкружување е погодно за истражувачко новинарство, критичко известување и разновидност на гледишта - од кои сите се од суштинско значење за здраво демократско општество“, додава Секуловски.

 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми