1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Полицијата контролира на германските граници, но спорадично

Сабине Кинкарц
19 септември 2024

Репортерка на ДВ ја посети тројната граница на Германија, Белгија и Холандија по воведувањето на граничните контроли. Полицијата избира кого да запре, надевајќи се дека ќе ги спречи илегалните мигранти.

Полицијата контролира на граници Германија
Полицијата контролира на германските граници, но спорадично Фотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance

На границите на Германија со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија тоа е веќе секојдневие, а од понеделникот (16 септември) се  додадени контроли  кон Франција, Белгија, Луксембург, Холандија и Данска.

Контролите треба да траат најмалку шест месеци, до средината на март следната година.

„Сакаме дополнително да ја намалиме нерегуларната миграција, да ги запреме шверцерите, криминалците и да ги идентификуваме и запреме исламистите во рана фаза“, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Германија има повеќе од 3.800 километри граници. На крајниот запад е тројната граница со Белгија и Холандија, каде што се упати тимот на ДВ.

Патување без ограничувања во регионот Ахен

На повеќето помали гранични премини нема ништо необично на првиот ден од продолжените контроли.

Сообраќајот се одвива непречено по патниот правец со една лента што ги поврзува Валс во Холандија со Ахен во Германија. Продавниците се полни, а луѓето седат на сонце во уличните кафулиња.

Нема контроли при влез од холандски Валс во Германија Фотографија: Sabine Kinkartz/DW

На излезот од Валс можете да видите две табли. На едната пишува „Сојузна Република Германија“, а до неа има табла со мапа на областа, каде на холандски пишува „Возење велосипед без ограничувања!“

Може да се вози низ полиња и шуми помеѓу Германија, Белгија и Холандија.

Регионот околу Ахен во текот на децениите прерасна во една целина. Граничните и контролните системи веќе одамна не постојат. Бројни патишта ги поврзуваат градовите и селата во пограничниот регион.

Се подразбира дека во триаголникот Германци живеат во Белгија и Холандија и работат во Германија и обратно. Луѓето одат на шопинг во соседните земји, се возат со редовни автобуски линии.

Флексибилни гранични контроли

Така треба и да остане, посочува Давид Спекс, портпарол на инспекцијата на сојузната полиција во Ахен.

Министерството за внатрешни работи во Берлин нареди контроли кои се „целни, приспособени на ситуацијата, флексибилни во однос на место и време“, наместо „широко распространети“.

Спекс дава информации од просторот за одмор на автопатот веднаш над белгиската граница. На почетокот на овие проширени гранични контроли, сојузната полиција е стационирана таму во заштитни елеци.

Германската сојузна полиција подига контролни пунктови на местата за пауза на автопатите Фотографија: Sabine Kinkartz/DW

Точно на границата колегите седат во полициски автомобили и го следат сообраќајот. Ако видат возило што изгледа сомнително, го проследуваат до паркинг просторот за одмор. Таму полицијата го опколува од сите страни. Патниците мора да покажат лични карти и документи, се проверуваат багажот и товарната површина.

Исто толку брзо како што се позиционирала, полицијата може да се повлече и да воспостави контрола на друго место.

Кадровски предизвици при граничните контроли

Каде се вршат проверките зависи од искуството на  граничната полиција.  Помалите патишта се следат само повремено, а велосипедските патеки речиси никогаш.

Фокусот е на случајни проверки првенствено од кадровски причини.

Пред неколку години, полицискиот синдикат пресмета дека само во регионот Ахен ќе бидат потребни околу 900 полицајци за деноноќна контрола на најважните гранични премини.

Сојузната полициска инспекција во Ахен моментално има околу 330 полицајци. Меѓутоа, таа е одговорна за дел од границата што се протега на повеќе од 200 километри од Ахен на југ. Тука се и 44 железнички станици и три аеродроми.

Давид Спекс, портпарол на инспекцијата на сојузната полиција во АхенФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Со сегашниот број полицајци, не би можело да има сеопфатни гранични контроли, како што бараат опозициските Демохристијани. Ахен додуша доби засилување. Спекс не сака да открие колку луѓе, но вели дека е доволно за да се зголеми притисокот.

„Сега можеме да бидеме во униформа, но и во цивилна облека и можеме да извршиме повеќе проверки и да станеме понепредвидливи за криминалците“, вели тој.

Но, контролите се непредвидливи и за луѓето кои живеат во пограничната област. Ова ги подгрева стравовите, особено за сообраќајниот метеж и чекањето со часови на границата.

„Го следиме прекуграничниот сообраќај и се обидуваме да ги минимизираме проблемите за жителите“, ветува шефот на сојузната полиција во Ахен, Рихард Кестер.

Реакции на соседните земји на граничните контроли

Министерката за внатрешни работи Ненси Фесер, исто така, вети дека контролите ќе имаат што е можно помало влијание врз локалните патници, трговијата и бизнисот.

На истокот и југот на Германија се покажа дека така функционира. „Овие контроли овозможуваат ефективно да се одвратат илегалните мигранти, повеќе од 30.000 само од октомври 2023 година. Покрај тоа, има за петина помалку барања за азил и петина повеќе депортации“, истакна таа.

Меѓутоа,  соседните земји не се многу среќни  поради новиот курс на Германија. Во Шенген зоната, всушност, контролите се предвидени само на надворешните граници на ЕУ.

Ставање под контрола на илегалната миграција

Канцеларот Олаф Шолц (СПД) најави дека ќе разговара со шефовите на владите во ЕУ, како и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Сите знаат дека работиме во рамките на европското право, но максимално ги користиме нашите можности“, рече Шолц.

„Сите разбираат дека  бројот на луѓе кои доаѓаат во Германија е превисок  и затоа е разбирливо што германската влада има интерес да се погрижи да ги ставиме овие работи под контрола со добро управување со  нерегуларната миграција“,  изјави Шолц, оправдувајќи ги граничните контроли.

По првиот ден, сојузната полиција во Ахен е задоволна. Фатени се неколку лица на кои не им е дозволен влез во државата, изречена им е забрана за влез.

Зарем овие луѓе не можат едноставно да одат на помали гранични премини и таму да влезат во Германија? Портпаролот на сојузната полиција Давид Спекс ги крева рамениците.

Тоа секогаш е „игра на мачка и глушец“, вели тој. Тоа сигурно нема да се промени.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми