1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аналитичари: Излез од блокадата место „трик“ оставки

ДТЗ
21 август 2023

Ситуацијата со уставните измени не може да се пролонгира долго - набргу ќе треба да се знае дали ќе влеземе во уште ризичен внатрешен циклус на поделби или ќе ја надминеме оваа блокада, вели аналитичарот Сефер Селими

Димитар Ковачевски
„Денот кога ќе ги изгласаме уставните измени, ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори“, порача премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

„Денот кога ќе ги изгласаме уставните измени, ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори“, порача премиерот Димитар Ковачевскиво гостување во „Тема на денот“ на телевизијата Сител. Според него, „ниту еден човек не се родил за да биде премиер“.  Од опозициската партија денеска пристигна одговор. Тие му порачаа на Ковачевски да си даде оставка, бидејќи „тој и ЕУ се далеку како зима и лето“.

Оставките кои најпрво ДУИ, а сега и премиерот Димитар Ковачевски ги нудат на тацна само за да поминат уставните измени во Собрание, според дел од аналитичарите е непотребно играње на карта „се или ништо“, која што негативно се одразува кај граѓаните, но може да се толкува и како „трик“ најавата за напуштање на бродот, токму во момент кога пред земјата ќе се најдат уште поголеми предизвици на патот кон ЕУ. 

Партиите да не се расфрлаат со оставки 

„Двете политички партии место да се расфрлаат со оставки и притискање за нови избори како решение за излез од кризата, треба да ја сносат нивната одговорност која ја имаат пред граѓаните и како позиција и како опозиција и да размислуваат за доброто на државата и на сегашните и на идните генерации“. вели аналитичарот Сефер Селими за ДВ. 

Според него, индивидуалните судбини на политичарите во ситуацијата не се најбитни. „И да остане и да даде оставка премиерот, небитна е неговата индивидуална судбина како политичар. Исто така како што не е битно дали Христијан Мицкоски ќе стане или не премиер во некоја идна влада. Поради тоа што кој и да остане, која партија и да биде победничка на следните избори - клучното прашање е дали земјата ќе остане заглавена на патот кон ЕУ без јасна перспектива, од каде што ќе следи најверојатно и индиректна изолација на  државата, или ќе се придвижи напред и ќе го искористи моментот“, вели Селими. 

Универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов смета дека СДСМ не смее да прифати влада без ДУИ и без Албанци за само да се смилува ВМРО да гласа за уставните амандмани. А, не треба ниту премиерот да ја нуди својата оставка на тацна и да се нуди како 'жртва' само со цел да се деблокира процесот. 

Христијан Мицкоски вели дека единственото решение и разумен излез од ситуацијата се изборите, а дури потоа ќе се нуди решение за прашањето со Бугарија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Владата има за задача и да спроведе фер и демократски избори, а СДСМ со добри резултати и пак да формира влада. Се друго е напуштање на бродот. Или пропаганден потез во стилот на ДУИ 'гласајте за амандманите и ние ќе ја напуштиме владата па кој сака нека ја формира и нека организира избори. Европската иднина на Македонија ни е поважна од останувањето на власт за разлика од ВМРО на кое доаѓањето на власт му е поважно од европската иднина на Македонија'. А, може да се случи и губење на европската иднина и губење на власта“, го изнесе својот став на социјалните мрежи универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов.

Тој повикува да не се брза, оти „пропагандата во стилот 'менувам власт за поддршка на амандманите' односно 'менувам власт за идеали' личи на трик кој е лесно препознатлив и кој е повеќе израз на немоќ отколку паметна идеја за одоброволување на опозицијата.  

(Не) разумен излез 

По собраниската седница во петокот на која не беше обезбедено двотретинско мнозинство како услов за да се гласа за уставните измени, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски рече дека единственото решение и разумен излез од ситуацијата се изборите, а дури потоа ќе се нуди решение за прашањето со Бугарија.

„Ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија. Но, за да го направиме тоа потребни се прво избори. Но, предупредувам дека секој месец повеќе вештачко одржување на оваа власт ќе значи две работи – прво губење време, второ уште подлабока криза“, рече Мицкоски.

Историски момент

„Честопати во изминатите 30 години независност на РСМ, се научивме дека речиси секој политичар, лидер на партија создавал таканаречен историски момент. кој би бил „се или ништо“. Дури и кога тие моменти не биле историски, туку зависела само нивната политичка кариера. Еден од таквите моменти, кои беа вистински момент на историја беше 2018 година кога се проби првата блокада која што стоеше на евроинтеграцискиот процес и земјата стана членка на НАТО“, вели Селими.

Но, според него, честото споменување на таквите историски моменти ја губи вредноста кај граѓаните и тие губат доверба во политичарите.

Oвој момент ќе биде исто така историски и ќе ја дефинира иднината на држава, не поради тоа што ние се наоѓаме во историски момент, туку затоа што Европа се наоѓа  во историски момент, вели аалитичарот Сефер СелимиФотографија: Government of North Macedonia

„Сакаме ние или не,. мислам дека овој момент ќе биде исто така историски и ќе ја дефинира иднината на држава, не поради тоа што ние се наоѓаме во историски момент, туку затоа што Европа се наоѓа  во историски момент. Целата западна демократија се соочува со еден голем предизвик кој треба да ја редефинира безбедносната структура на континентот. Ние се наоѓаме на крстопат, на кој ќе треба да носиме одлука која ќе ја дефинира и нашата иднина“, вели Селими.

Политичкиот аналитичар Селими вели дека со оглед на блокадата во која што се најде земјата, тој не може да предвиди добро сценарио за иднината „ако се заглавиме самите себеси“.

„Видовме што може да ни се случи кога ќе се затвориме сами со себе, без јасна перспектива, и каде што немаме обединувачка визија за нашата држава. Тука ќе почнат и интраетнички и меѓуетнички и секакви теми кои може да ја продлабочат кризата. Кога и така имате кревка демократија, што тешко опстојува од внатрешни притисоци, размислете што би можело да се случи кога и трети актери ќе се вклучат во таа сцена, кои најмалку што сакаат е Македонија да биде стабилна, и да биде интегрирана во ЕУ“, посочува нашиот соговорник.

Тој верува дека ситуацијата не би можела да се пролонгира долго и дека набргу ќе треба да се знае јасно дали ќе влеземе во уште ризичен внатрешен циклус на поделби или ќе ја надминеме оваа блокада и ќе можеме преку придобивките на ЕУ да започне внатрешно помирување и консолидација на државата. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми