1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка дебата ја зовре политичката сцена

ДТЗ
2 ноември 2023

Инцидентот кој се случи во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, меѓу новинарот водител, директорот и гостинот, ја подели јавноста на два таборa - и едните и другите бараат извинување и ја префрлаат вината.

Deutschland Freizeit Fernsehen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политичка дебата која што заврши со кавга и директно вмешување на директор на телевизија кој побара гостинот да ја напушти емисијата, предизвика лавина реакции, осуда и загриженост за нарушување на независноста и кридибилитетот на новинарството. Станува збор за настани коишто се случија во средата (01.11) на директниот пренос на „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“, каде што во улога на гости беа владиниот советник Исмет Рамадани и новинарот Горан Момировски, а уредник на емисијата беше Александар Видиновски. Во текот на политичката дебата се случи жестока расправија, во која што се вклучи и директорот на телевизија Канал 5 во одбрана на новинарот и телевизијата и побара Рамадани да ја напушти емисијата. 

Во текот на политичката дебата се случи жестока расправија, во која што се вклучи и директорот на телевизија Канал 5 во одбрана на новинарот и телевизијата и побара Рамадани да ја напушти емисијатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Кој ја почна кавгата? 

Кавгата почна кога претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани му се обрати на новинарот дека треба да се биде праведен, а не едностран и да не се истакнуваат и да се напаѓаат само албанските националистички изјави, а да не се реагира на националистичките изјави од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и останати партии од македонскиот блок. 

„Во раководството на ВМРО-ДПМНЕ има неколку луѓе кои во 90-тите години кога настапуваа против Педагошкиот факултет викаа „гасни комори за Албанците“, рече Рамадани, забележувајќи му на водителот дека не реагирал на коментар дека „ќе се газеле Албанци како жаби“.

„Престанете да ги потценувате Албанците“, рече Рамадани, по што во емисијата телефонски се вклучи директорот на Канал 5, Иван Мирчевски. Тој тврди дека остро реагирал на наводите на поранешниот пратеник и долгогодишен политичар Исмет Рамадани, бидејќи ја обвинил телевизијата дека пропагира етничка дискриминација на Албанците. 

Мирчевски му порача на Рамадани дека е крајно неприфатливо и да помисли такво нешто, бидејќи телевизијата е отворена за сите националности, дека Албанците на ниеден начин не биле дискредитирани, а уште помалку дека имало некаква дискриминација. 

Поделена јавност 

Инцидентот ја подели јавноста, но и политичарите на два табора - едни кои застанаа во одбрана на Рамадани и побараа телевизијата итно да му се извини, додека другиот табор предводен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги осуди, како што велат, „нападите со лажни обвинувања на владиниот советник Исмет Рамадани и обидите за загушување на слободата на говор изразени на емисијата „Само Вистина".

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) вината ја лоцираше на двете страни. „Дебатите за политичко-општествените прашања треба да придонесуваат кон остварување на слободата на изразување, кон културата на толеранција и во ниту еден момент не смеат да поттикнуваат нетрпеливост. Сите учесници во јавниот дискурс, а особено политичарите и носителите на јавни функции, треба да бидат свесни за тежината на јавно искажаниот збор и да се воздржуваат од изјави, особено преку медиумите, кои го поткопуваат дијалогот меѓу различните етнички групи во општеството“, се вели во реакцијата на АВМУ.

Тие сметаат дека етикетирање на медиуми и новинари, како што тоа го направи Исмет Рамадани, негативно се одразува на слободата на медиумите и го нарушува новинарскиот дигнитет. Политичарите и носителите на јавни функции имаат посебна одговорност пред јавноста и треба да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и да вложат максимални напори да се овозможи медиумите непречено да ја извршуваат својата работа. 

Политичка дебата која што заврши со кавга и директно вмешување на директор на телевизија кој побара гостинот да ја напушти емисијата, предизвика лавина реакции, осуда и загриженост за нарушување на независноста и кридибилитетот на новинарствотоФотографија: Fotolia/picsfive

Истовремено, медиумите треба да бидат простор за отворена дебата, место каде ќе се изнесуваат различните мислења и ставови (и позитивни и негативни) на учесниците во интервјуа, дискусии и други емисии. Уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика треба да бидат самостојни и независни. Секое попречување и, особено, прекинување на емисиите од страна на управителите или сопствениците на медиумите, како вмешувањето на Иван Мирчевски, управителот на ТВ Канал 5, во емисијата „Само вистина“ претставува мешање во таа независност и самостојност, посочуваат од АВМУ.  

Загриженост 

Новинарските здруженија - ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) веднаш реагираа поради инцидентот. 

„Сaкаме да ја истакнеме важноста од потребата за одржување на новинарските стандарди, обезбедување дискурс со почитување и заштита на уредувачката независност. Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката“, посочуваат од здруженијата.

Но, тоа не беше случај во еден дел на дебатата. Модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.

„Изразуваме сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност, што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствата од ваква природа можат да ѝ наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално. Категорично ги осудуваме сите дејства кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија. Коментарите на Рамадани кон водителот Видиновски, кои во одреден дел од дебатата беа конфронтирачки, не смеат да бидат оправдување за таков тип на интервенции, се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ побара Владата и Ковачевски под итно да се извинат и оградат од ставовите на својот советник. „Во спротивно овој атак треба да се смета како смислено сценарио и позиции на владата. Не е првпат првенци на владата да застапуваат ксенофобични ставови и да изразувааат непочит кон медиумите. Секогаш кога немаат аргументи од власта одбранбениот механизам се лажните обвинувања и лепењето на етикети дека некој прави атак врз Албанците“, реагираше партијата. 

И Демократскиот сојуз најостро го осуди настапот на Рамадани, обвинувајќи дека директно се загрозени новинарите и слободата на говорот. Дел од политичките аналитичари, пак, повикаа на оставки во телевизијата и извинување до Исмет Рамадани.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми