1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка криза во БиХ: Кој прв ќе попушти - Додик или Шмит?

Драган Максимовиќ
15 септември 2023

Босна и Херцеговина влегува во најдлабоката повоена политичка криза, оценуваат аналитичарите. Продолжува отворениот судир, проследен со закани, меѓу претседателот на Република Српска, Додик и Високиот претставник Шмит.

Милорад Додик се заканува со отцепување на Република Српска
Милорад Додик се заканува со отцепување на Република СрпскаФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Додека во Босна и Херцеговина продолжува дипломатската офанзива, во која политичарите се надеваат на позитивен одговор до крајот на годината кога станува збор за мислењето на ЕУ за пристапувањето на БиХ кон Унијата, од друга страна владее целосен политички хаос, кој следеше по потврдата на обвинението против претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Во обвинението, обвинителството бара на Додик да му се забрани да ја извршува функцијата претседател на ентитет и забрана да извршува каква било јавна функција во согласност со одредбите од Кривичниот законик на БиХ. Од Бања Лука, каде Додик одржа итен состанок, стигнува одговор дека нема да се почитуваат одлуките на Судот на Босна и Херцеговина.

Дестабилизација на вооружените сили на БиХ

„Учесниците на состанокот рекоа дека нема да ги прифатат одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, бидејќи тоа се политички мотивирани одлуки и немаат ништо што би можело да личи на закон“, рече Додик, по разговорот со српските претставници во заедничките институции, од каде беше порачано дека „ја брани РС и нејзиниот уставен поредок“.

Во еден од заклучоците, усвоен на тој состанок, се дефинира обезбедувањето на пари во буџетот на РС за сите оние кои ќе се повлечат од институциите на Босна и Херцеговина. А, и акцијата за напуштање на здружената армија, Вооружените сили на Босна и Херцеговина е подготвена.

„Исто така, одржавме консултации со припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина, верувајте дека повеќето од нив изразуваат подготвеност веднаш да се повлечат во РС доколку бидат повикани“, рече Додик еден ден претходно.

Подигнувањето на обвинението го овозможи Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, со наметнување измени во Кривичниот законик пред два месеци, откако ги поништи спорните закони донесени од Народното собрание на РС, а кои се однесуваат на неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и одлуките донесени од високиот претставник.

И покрај тоа, законите се објавени и во Службениот весник на Република Српска, поради што на нејзиниот директор Милош Лукиќ, според обвинението, му се заканува забрана за вршење на оваа функција во период од десет години.

Сето тоа доведе до закана за забрана за влез на Кристијан Шмит на територијата на РС, што со помош опозицијата на овој ентитет, и беше реализирано пред два дена.

Шмит побара средби со претставниците на опозицијата, но тие го одбија повикот со образложение дека нема да паднат во стапица, за власта да има аргумент да ги обвини дека соработуваат со канцеларијата на Високиот претставник. Но, на тој начин само им помогнаа на властите во Бања Лука и застанаа рамо до рамо во борбата со Додик против Кристијан Шмит.

Јадец и топовско месо

„Не сакам да бидам топовско месо и предмет на злоупотреба од страна на Кристијан Шмит кој повторно си игра игри со Милорад Додик и сака да ја компромитира опозицијата. Не знам дали ова е резултат на нивниот договор зад кулисите или случајност“, рече членот на Списокот за правда и ред Небојша Вукановиќ, кој го нарече Шмит кукавица затоа што се повлекол пред Додик и не дошол во Бања Лука.

„Не сум кукавица“, одговара Кристијан Шмит, наведувајќи дека постапил мудро кога решил да ја откаже посетата на Бања Лука.

„Беа поставени барикади за да се спречи моето доаѓање. Зошто некои улици беа затворени? Музичкиот фестивал е дури во петок. Или се подготвуваа за тоа со денови или се обидоа да го спречат моето доаѓање. Замислете да се случеше напад врз мене или да ми забранат да влезам во зградата и пред камерите, некој да ме спречува насилно“, рече Шмит.

Кристијан Шмит повторно најавува употреба на бонските овластувањаФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

„Дали некој, освен во Бања Лука, верува дека некој во Европа би бил среќен поради тоа? Можеби би биле среќни во Москва. Ќе имавте ситуација која би предизвикала кризни состаноци и оваа земја би била уште подалеку од Европа. Постапив мудро“, изјави Шмит, пренесувајќи му порака на Додик дека ќе дојде во Бања Лука.

„Му порачувам на Додик: Не ја потценувај меѓународната заедница, ќе одговараш за своето однесување. Веќе интензивно ги користев бонските овластувањата. Нема да ги откријам сите карти, но сите опции се на маса. Претходникот на Додик беше отстранет од власт од мојот претходник“, додаде Шмит за Н1.

Оваа изјава го налути политичкото раководство на РС, особено делот што се однесува на барикадите.

„Ова се неверојатни лаги. Не беа ни подготвени ни поставени барикади. Впрочем, слободата на движење е нормална во Реублика Српска, за разлика од Федерацијата, а полицијата ги штити сите граѓани и странци. Лагите се особено опасни кога се очигледни, бидејќи се најави за нови проблеми. Единствено ако се психогенски оправдани, тогаш се помалку опасни, но не и безопасни“, напиша на социјалните мрежи претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ.

Слично реагираше и Додик, кој додаде дека „единствената барикада за Шмит е онаа во Советот за безбедност на ОН“.

Сецесијата повторно на дневен ред

Енвер Казаз, политички аналитичар од Сараево, смета дека може да се каже дека Шмит отстапил пред Додик, но дека не треба да се заборави фактот дека Додик е конфликтен политичар. Според Казаз, Шмит постапил рационално и се откажал од конфликтот кој во овој момент би бил скандалозен.

„Факт е дека Додик тргна во отворен судир со меѓународната заедница и со Германија, чиј дипломат е Шмит. Додик ќе плати висока економска цена со дополнително изолирање на РС на меѓународно ниво“, вели Казаз, кој не верува дека тука е крајот на институцијата Висок претставник.

„БиХ во овој момент има потреба од Висок претставник, бидејќи вратите на ЕУ се отклучуваат поради војната во Украина, за да се спречи продор на руските интереси. Да, Високиот претставник постои без разлика на негирањето од РС. Но, сигурно е дека не чека длабока политичка криза, преку Уставниот суд и прашањето за имотот целно се влегува во таа политичка криза, најголема во повоена Босна и Херцеговина“, заклучува Казаз.

Имотот на ентитетот повторно се наметна како прашање број еден за Милорад Додик поради неофицијалните најави дека Шмит би можел да воведе закон со кој им се доделува имот на општините на користење.

Доколку законот биде наметнат, ќе се одржи седница на Народното собрание и ќе се прогласи независен статус на РС, рече Додик, повторувајќи дека Шмит и натаму не е добредојден во РС.

„Ако сака нека провери. Тоа е негов ризик. Доколку слушнеме дека нешто се случува, ќе интервенираме за да ги заштитиме туристите и нивните животи и што поскоро да ги пренесеме на безбедно место“, категорично изјави Додик.

Опасност од распад на Босна и Херцеговина

Целата политичка криза, која започна по одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој не му дозволи на Додик  државен имот да го прогласки како ентитетски, според аналитичарите и  ќе заврши со приказната за Уставниот суд. Тоа го поткрепува и ставот на Шмит во однос на странските судии.

„Додека Дејтон не биде целосно имплементиран, канцеларијата на високиот претставник и странските судии мора да останат. Така ќе остане и во наредните години додека БиХ не биде целосно демократско општество бидејќи постои опасност од конфликт и распад на БиХ“, предупредува Шмит.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми