Политичката кариера на Марин Ле Пен засега е завршена
1 април 2025
Во сончевото понеделничко утро на 31 март во Париз, веројатно беше решена политичката иднина на Марин Ле Пен. Кривичниот суд во модерната зграда во центарот на француската престолнина ја донесе својата пресуда. Десничарската националистичка политичарка Марин Ле Пен, која е популарна кај многу Французи, нема да смее да се кандидира за политичка функција во следните пет години. И тоа важи веднаш, уште од овој момент.
Ова може да го означи крајот на нејзината амбиција да го замени актуелниот француски претседател Емануел Макрон во 2027 година. Таа беше во предност во последните анкети на јавното мислење за следните претседателски избори. Ле Пен веќе трипати се кандидираше за највисоката функција во Франција, а најверојатно нема да има четврти пат - барем не во 2027 година.
Заедно со дваесетина други обвинети кои работеле за нејзината десничарска национална партија Национален собир (Rassemblement National), Марин Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера на јавни средства.
Поконкретно, станува збор за обвинението за фиктивни вработувања на парламентарни соработници во Европскиот Парламент, кои фактички, целосно или барем делумно работеле за партијата во Франција. Судијата претседавач при објавувањето на пресудата нагласи дека не се работи за лично богатење на обвинетите, туку за „богатење на партијата“.
Марин Ле Пен „во центарот“ на системот на фиктивни вработувања
Ле Пен, претседателка на Национален собир од 2011 до 2022 година, според одлуката на судијата, била „во центарот“ на оваа операција. Севкупно, станува збор за проневера на сума од неколку милиони евра за годините од 2004 до 2016 година. За нејзината улога, судот ја осуди политичарката, која и самата беше пратеник во Парламентот на ЕУ до 2017 година, на четиригодишна затворска казна - од што две години условно, а две во домашен притвор со носење сигурносна електронска алка на ногата. Судот одреди и парична казна од 100.000 евра.
Меѓутоа, Ле Пен не ги слушна овие детали за нејзината казна. Откако судијата објави дека казната вклучува ограничување на правото да се кандидира на изборите со непосреден ефект, Ле Пен ја напушти судницата. Таа веќе јасно го искажа своето отфрлање на пресудата со постојано тресење на главата.
Пресудата одекна како бомба
Пресудата го погоди политичкиот Париз како бомба. Лидерот на партијата Национален собир, Џордан Бардела, кој исто така се смета за можен наследник за претседателската кандидатура, повика на „мирна мобилизација“ - преку онлајн петиција. Пресудата според него е „демократски скандал“. Критики стигнаа и од други политички табори. Левичарскиот политичар Жан-Лук Меланшон напиша дека „отстранување на избран претставник треба да биде одговорност на народот“.
Покрај критиките од Русија и САД, дополнителни реакции стигнаа и од европскиот десничарски табор. Холанѓанецот Герт Вилдерс беше „шокиран“ од пресудата, а унгарскиот премиер Виктор Орбан изрази солидарност на платформата Х со зборовите „Јас сум Марин!“ („Je suis Marine!").
Адвокатот на Ле Пен најави жалба
Набргу по пресудата, адвокатот на Ле Пен најави поднесување жалба на неа. Сепак, практично е невозможно нешто да се промени во однос на исклучувањето од правото на кандидирање, вели правниот историчар Пјер Алоран во интервју за ДВ. Единствената шанса на Ле Пен е процесот на апелација, постапката пред второстепен суд да тече многу брзо, нагласи експертот од Универзитетот во Орлеанс.
Меѓутоа, одлуката во жалбениот процес веројатно би била донесена само непосредно пред претседателските избори и во тој случај би имало мала смисла тогаш да се сменува кандидатот. Дополнително, не може да се предвиди како ќе одлучи апелациониот суд. Ле Пен е пратеник во француското национално собрание и на таа функција може да остане до крајот на мандатот.
Во првата реакција на пресудата, Марин Ле Пен на француската телевизија ја нарече одлуката „политичка“ и ја повтори нејзината невиност. Таа смета дека судот експлицитно сакал да ја спречи да се кандидира за функцијата во 2027 година. Ле Пен најави дека ќе работи на брза жалба за да може сè уште да се кандидира за следните претседателски избори. Дури иако и самата мисли дека шансите се мали.
Камил Лонс, заменик-шеф на париската канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи, предупреди дека Национален собир ќе ги зајакне обвинувањата дека судството е пристрасно и дека Ле Пен е жртва на политички прогон. Овие тврдења би можеле да придонесат за да се мобилизираат гласачите за претседателските избори во 2027 година.