Србија: Има ли ЕУ храброст да го казни Вучиќ?
13 септември 2025
Политичката криза во Србија трае веќе единаесетти месец, а потрагата по решение сè почесто завршува во Европската унија, со очекувања фразите од Брисел за „следење на ситуацијата“ да се претворат во конкретни потези и притисок врз власта во Белград.
Најгласните критики засега доаѓаат од Европскиот парламент. На пленарната седница во Стразбур во вторникот, на 9 септември, се одржа уште една дебата под наслов „Бран на насилство и континуирана употреба на сила против демонстрантите во Србија“. Повеќето пратеници ја осудија власта во Белград, обвинувајќи ја за авторитаризам и насилство врз демонстрантите. Тие побараа поконкретна реакција од Европската комисија.
„Брисел не смее на Вучиќ да му нуди моркови за тој да им дели стапови на своите граѓани“, изјави известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула.
Критики стигнаа и од мнозинството говорници од Европската народна партија (ЕПП), чија придружна членка е Српската напредна партија. Нивниот лидер Манфред Вебер дури пред седницата порача дека во наредните денови ќе се разговара за понатамошното членство на СНС во оваа групација.
Пратеникот на ЕПП, Давор Иво Штир, меѓутоа, покрај критиките кон властите во Србија, упати критики и кон „национализмот“ кај демонстрантите.
„Проблемите во Србија се многу подлабоки, тие се структурни и опфаќаат и дел од опозицијата и студентското движење. Тоа стана очигледно во јуни на големиот митинг во Белград. Радио Слободна Европа го карактеризираше тој собир со насловот 'Национализмот ја надвладеа борбата против корупцијата'“, рече Штир.
„Зелени ѓубриња“
Европратениците беа едногласни и во осудата на зборовите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој делегацијата на европските Зелени повеќепати ја нарече „ѓубриња“ и се закани дека ќе ги гони кривично.
Копретседателката на Европските Зелени, Вула Цеци, и европратеникот Расмус Нордквист минатата недела ја посетија Србија и присуствуваа на протест во Нови Сад кој заврши со силна полициска интервенција, по што реагираше и претседателот Вучиќ.
„Некое ѓубре се собра таму, ѓубре кое не може да владее ни во своите земји“, рече Вучиќ и додаде: „Оние што дојдоа да ја рушат Србија однадвор, од странство, мора да знаат дека ќе се бориме посилно отколку што мислеа.“
Цеци одговори дека Вучиќ ја преминал секоја граница на демократскиот дискурс.
„Она на што сведочевме е авторитаризмот со кој граѓаните на Србија секојдневно се соочуваат. Нашата солидарност е со нив. Нивната храброст во одбраната на демократијата заслужува поддршка, а не непријателство. Европската унија не смее да молчи“, рече Цеци.
Тие побараа од Европската комисија и претседателката Урсула фон дер Лајен конечно да заземе јасен став и да му стави до знаење на Вучиќ дека не е недопирлив.
Фон дер Лајен без реакција
На тие повици претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, засега не реагира. Ниту во својот говор за состојбата на Унијата во средата, 10 септември, не се осврна на ситуацијата во Србија.
За уредникот на вести на порталот European Western Balkans, Александар Ивковиќ, тоа беше очекувано. Надежите дека ќе се случи такво нешто, вели тој, биле нереални.
Наместо претседателката на Комисијата, се огласи еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„Во Белград имаме проблем“, предупреди таа по средбата со шефицата на австриската дипломатија, Беате Мајнл-Рајзингер, во Виена.
„Кога членовите на Европскиот парламент се нарекуваат ѓубре, тоа открива сомнително разбирање на демократијата. Изјавите на претседателот Вучиќ и претседателката на Собранието, Брнабиќ, против ЕУ исто така нема да ја подобрат репутацијата на Србија во Европа“, додаде Кос.
Ден подоцна, меѓутоа, нејзиниот тон пред Европскиот парламент беше забележливо поблаг. Во своето обраќање потсети на обврските на Србија во процесот на евроинтеграции и проблемите со слободата на медиумите и владеењето на правото на кои европските функционери со години укажуваат.
„Очекуваме полициската акција да биде сразмерна и да ги почитува основните права. Ги осудуваме сите дела на омраза, вандализам и насилство и продолжуваме да ги повикуваме сите страни да ги деескалираат тензиите“, рече Кос.
„Ќе продолжиме да соработуваме со властите, политичките актери и граѓанското општество, охрабрувајќи ги да најдат излез од моменталната политичка пат-позиција и да воспостават навистина инклузивен процес во корист на целото општество“, заклучи Кос.
ЕПП е на потег
Можеби Комисијата остана на благи формулации, но сигнал за промена стигна од Европската народна партија, нагласува за ДВ Александар Ивковиќ. Критиките на нивните пратеници и најавата дека ќе се преиспита членството на СНС се резултат на кулминацијата на проблемите во односите меѓу двете партии.
Тие проблеми, како што додава, се огледаат во посетите на Вучиќ на Москва и Пекинг, насилното гушење на протестите и стагнацијата на евроинтеграциите на кои европските функционери со години предупредуваат.
„Тоа не значи дека ќе ги исклучат од партијата, но фактот што им го испратија тоа предупредување е веќе доста силна порака. Тоа никако не им одговара на СНС, затоа што за нив заштитата на Европската народна партија, и од критики на Европската унија и како некој вид надворешна легитимација, беше многу важна изминатите години“, објаснува Ивковиќ.
Ќе одговори ли ЕК на повикот за санкции?
Додека европските лидери сè уште се двоумат, српските опозиционери пред европските институции изнесоа јасна листа на барања.
„Бараме јасна осуда на полициската бруталност, да се изврши притисок врз режимот во Србија, сакаме санкции, забрана за патување, замрзнување на имотот на клучните актери на режимот – Брнабиќ, Вучиќ, Мацут, Дачиќ, од полицајците до службениците кои вршеле тортура, да се истражи дали парите на европските даночни обврзници се користат за корупција на режимот, притисок врз режимот да прифати избори како решение за кризата“, истакна копретседателката на Зелено-левиот фронт, Билјана Ѓорѓевиќ, говорејќи пред европратениците.
Но, колку се реални таквите очекувања? Аналитичарот Александар Ивковиќ смета дека не се: единствената реална мерка би можела да биде евентуално запирање или одложување на исплатите на средствата од таканаречениот План за раст.
Персонални санкции за припадниците на режимот, вели тој, не се за очекување, бидејќи би довеле до фронтален судир меѓу ЕУ и властите во Белград.
„Европската унија сака да го избегне тоа, барем додека не биде сигурна дека оваа власт е на заминување и додека не се покаже дека постои силна проевропска алтернатива која би ја презела власта од Српската напредна партија“, смета Ивковиќ.
До тој момент, додава тој, СНС ќе остане партнер кој, и покрај сите проблеми, ѝ е потребен на Европската унија за да се одржи стабилноста во регионот и за Србија целосно да не се сврти кон Русија и Кина.