1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички хороскоп за 2026: Нема пробив кон ЕУ, нема избори

29 јануари 2026

Политичкиот хороскоп за 2026 предвидува: без пробив кон ЕУ, без предвремени избори и без реформи кај власта и опозицијата- политичката сцена останува заглавена. Пишува Петар Арсовски

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и еврокомесарката на проширување на ЕУ, Марта КосФотографија: Petr Stojanovski/DW

Традиционално, веднаш по завршувањето на сезоната на руска салата, сарми и кифлички, следува период на прогнози за следната година. Во тој политички хороскоп, што повеќе следиме, толку повеќе нè фаќа еден вид политички фатализам – како нашата натална карта да е предодредена да биде доминирана од знаци како кози и волови. Сепак, не можам да избегам од впечатокот дека неколку теми ќе бидат клучни во нашата, веќе астролошка, судбина во 2026.

Прво, дали ова е годината кога ЕУ ќе ни влезе во асцендент во трета куќа, односно дали ќе има  пробив кон евроинтеграциите.  Второ, дали ќе има предвремени парламентарни избори. Трето, дали власта ќе го испорача напредокот на кој ја обврзува доминантната политичка позиција што ја има во државата во моментов. Четврто, дали опозицијата ќе се реформира, на што пак ги обврзува нивната политичка позиција во моментов. И, на крајот, дали од овие динамички варијабли може да се насети движењето на домашната политичка сцена во 2026.

Пробив кон ЕУ и дилемата околу предвремени избори

Најнапред, за мене најгорливото прашање: дали има шанси за  пробив кон ЕУ  во следната година. Мислам дека шансите за таков пробив се минимални, речиси непостоечки. На ова влијаат политичката атмосфера и дискурсот и во  Македонија и во  Бугарија,  и соодветните домашни политички наративи. Во таа динамика, не само што нема затоплување на односите, туку напротив – тие се влошуваат.

Притоа, дома владее наратив поттикнат од една квазиинтелектуална структура, кој практично нè блокира на стартот, дури и пред каков било рационален обид за напредок. Тој, под разни патопсихолошки фасади, во основа се сведува на мантрата: „ние ѝ требаме на ЕУ, и таа сега мора да најде начин како да влеземе“. Неверојатно, скоро секој збор – со исклучок можеби на „сега“ – во таа реченица е неточен. Реалноста е дека не ѝ требаме ние на ЕУ, туку таа нам, и наша обврска е да најдеме начин како да ги одблокираме преговорите.

Притоа, има една политичка вљубеност во кавгата помеѓу САД и ЕУ, би рекол со една доза на ситнење од наша страна, што дополнително нè прави пасивно-агресивни во целиот тој процес. Се плашам дека, додека разбереме дека без помош од надвор (засега единствен таков план ни е  ЕУ),  ние нема да најдеме сила да направиме вистински пробив или структурни промени дома, веќе ќе биде доцна, и ќе се најдеме во фајлот „оставени за некои подобри времиња“, што за нас може да значи уште една изгубена генерација.

Второто прашање за 2026 е  дали ќе има предвремени парламентарни избори.  Власта упорно вели не, но тоа кај нас никогаш не било гаранција – напротив. Сепак, во овој случај мислам дека навистина шансите за предвремени избори во 2026 се многу мали.

Прво, постои притисок од меѓународната заедница против избори, сметајќи дека тие не би донеле никакви позначајни промени на политичката сцена, па со самото тоа стануваат беспредметен, а скап и проблематичен маневар.

Второ, ако се автентични дискусиите за промена на Изборниот законик, тоа автоматски исклучува брзи избори, затоа што (1) треба време за усогласување на промените и нивно спроведување, што може да потрае, и (2) по евентуалните промени мора да има извесен период на адаптација на новите правила – не само кај партиите, туку и кај администрацијата што треба да ги спроведе изборите. Оттаму, овие промени процедурално би направиле избори во 2026 невозможни.

Трето, и можеби најзначајно, тука е јавното мислење: предвремените парламентарни избори кај голем дел од јавноста се доживуваат како трик на политичките елити за свои потреби. Значи, ако сакате успешни и јавно поддржани предвремени избори, треба да создадете политички контекст за тоа, односно да проектирате некаков општествен и политички проблем што единствено се решава со предвремени избори. Во отсуство на можен пробив кон ЕУ, не гледам друг политички наратив што би го оправдал ваквиот потег во 2026.

Што може (и што не може) да испорачаат власта и опозицијата во 2026

Третото прашање е дали соодветните партии – и власта и опозицијата – можат да испорачаат резултати во 2026: за првите испорака на ветувањата, за вторите структурна трансформација и ребрендирање. Мислам дека и тука ѕвездите не ни се наклонети.

Власта е заробена од сопствената популарност: таа во овој момент, штитејќи го резултатот, смета дека политички не може да си дозволи непопуларни потези, а состојбата бара токму такви – остри и болни реформи. Имаме разгалено гласачко тело навикнато на пензии, субвенции, државна помош и слично, што на власта практично ѝ ги врзува рацете во каква било посуштинска реформа што би ја направила економијата поконкурентна и поотпорна.

Борбата против криминалот и корупцијата е, исто така, заробена во партиска логика – на секој сменет проблематичен судија, десет партиски кандидати чекаат да го пополнат испразнетото место. Значи, клучните процеси ќе останат блокирани.

За опозицијата, пак, работите се уште покомплицирани. Катарзата изостана, и мислам дека ќе продолжат да пловат на автопилот, под привидот дека кај нив дома сè уште е во ред, нема потреба од поголеми промени, а слогата владее во нивната сè помала и поинтимна хипи-комуна.

Оваа стратегија е поттикната од една политичка претпоставка: тркалото се врти, владата ќе згреши кога-тогаш, и ние само треба да издржиме до тогаш, кога власта практично ќе се тркала по улица и ние природно ќе ја земеме. Оваа претпоставка е проблематична во новиот политички контекст, што нè носи до последното прашање – какви ќе бидат развојните елементи на политичката сцена во 2026.

Имено, тезата дека политичката поддршка функционира по систем на сврзани садови може да биде точна само во услови на релативна политичка дихотомија, што кај нас беше случај пред последните политички случувања. Сега, на сцената од страната на опозицијата имаме уште еден играч што ги предизвикува овие стратегии.

При последната лидерска средба имавме релативна замена на улогите –  СДСМ  како радикален аутсајдер, а Левица како конструктивна опозиција. Ако оваа динамика продолжи, постои веројатност во следните 12–18 месеци тие да ги сменат позициите: Левица да стане главната опозиција, а СДСМ да се претвори во „нишер“ партија. Ваквото репозиционирање ќе стане уште поверојатно и побрзо  доколку СДСМ дополнително се фрагментира.

Значи, општо земено, хороскопот за 2026 е релативно здодевен: пробив кон ЕУ нема, предвремени избори тешко, власта нема да испорача, опозицијата нема да се реформира. Ако се прашувате како ќе изгледа новата година, можеби најдобро е да ги искористиме зборовите на „вечниот астролог“ на домашната политика: „како досега“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми