Политичкиот банкрот на Милорад Додик
1 октомври 2025
Поранешниот претседател Милорад Додик во понеделникот се повлече од сите официјални функции во Република Српска, ентитетот со српско мнозинство што сочинува половина од Босна и Херцеговина, по речиси три децении на власт.
Со тоа заврши повеќемесечниот судир со државното судство, со целосна капитулација на Додик.
Сѐ започна во февруари, кога федералниот суд на Босна го осуди на една година затвор и му забрани политичко дејствување во период од шест години, поради непочитување на одлуките на Високиот претставник Кристијан Шмит, меѓународниот претставник задолжен за спроведување на Дејтонскиот мировен договор со кој и беше ставен крај на босанската војна пред 30 години.
Во август, Централната изборна комисија на Босна го разреши Додик од функцијата претседател на Република Српска.
Почетен отпор
„Нема да се повлечам. Ќе има референдум на крајот од септември“, постојано тврдеше Додик, и по судската одлука и по разрешувањето од претседателската функција.
Иако избегна затворска казна со плаќање парична казна, сепак му е забрането политичко дејствување во наредните шест години.
Но сега, дури и Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партијата што Додик ја водеше колку што беше на власт, ја промени својата пркосна позиција.
По месеци закани за отцепување како одговор на пресудата, партијата конечно попушти.
Додик побара Националното собрание на Република Српска да назначи привремен претседател до изборот на нов на предвремените избори на 23 ноември.
„Ова е дел од нашата поширока стратегија, потег за отпор кон заканите што имаат за цел да ја поткопаат Република Српска“, изјави Додик во понеделникот.
Поделената партија на Додик
Иако се повлече, Додик останува лидер на СНСД, негово дело и партијата што му го отвори патот до политичката моќ. Но од некогашна апсолутна контрола врз ентитетот Република Српска, па дури и значително влијание врз националната политика преку поддршка или блокирање на одлуки на државно ниво, Додик сега е сведен на лидер на партија поделена од внатрешни конфликти.
Неговото повлекување може да значи и распад на СНСД, а со тоа и бледеење на наследството што некогаш од Западот и поранешната американска државна секретарка Мадлен Олбрајт беше наречено „здив на свеж воздух на Балканот“.
Од врвот до самопредизвиканиот пад
По потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, Босна и Херцеговина беше поделена на два ентитета: претежно српската Република Српска и претежно бошњачко-хрватската Федерација на Босна и Херцеговина.
Додик дојде на власт во 1998 година, кога ја презеде функцијата лидер на Република Српска, каде владееше речиси непречено до неговата осуда годинава.
Иронично, токму Додик ги иницираше последните случувања, поднесувајќи предмет до Уставниот суд, надевајќи се дека ќе го дискредитира Високиот претставник Кристијан Шмит, кој воведе законски реформи што овозможуваат кривично гонење на избрани политичари.
Наместо тоа, резултатот беше пресуда што предизвика повеќемесечен, и на крајот безуспешен, обид да се задржи на власт.
Дури и повторуваните закани за референдум, кои Додик ги спомна повеќе од 50 пати за да се претстави како единствен бранител на српското национално единство, не го спасија.
Уништена економија
Повеќе од две децении неконтролирана корупција, клиентелизам, непотизам и политичка заштита ја уништија економијата на Република Српска. Јавните претпријатија и индустрии беа испразнети преку сомнителни тендери, лажни концесии и правни нагодби.
Компанијата за дистрибуција на електрична енергија на Република Српска беше доведена до банкрот за само неколку години, а термоелектраните, некогаш главни извозници на енергија, сега се на работ на колапс.
Бранител на српското единство?
Иако јавно се залагаше за српско единство, единството на кое се потпираше Додик всушност служеше само на интересите на неговото семејство и политичкиот круг.
Неговото лидерство донесе сѐ освен она што навистина ѝ требаше на Република Српска: економски раст, поствоено закрепнување и помирување.
Ослабувањето на централната држава и отворањето пат за потенцијално идно отцепување на Република Српска станаа главна цел на Додик и СНСД.
По војната од 1992–1995 година, Република Српска имаше население од речиси 1,5 милиони. Денес, се проценува дека тој број е намален на едвај 700.000.
Сојузници во Москва, Будимпешта и Белград
Иако првично дојде на власт со поддршка од Западот, Додик подоцна се сврте кон Москва, воспоставувајќи силни врски со претседателот Владимир Путин. Разви блиски односи и со унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Додик беше убеден дека Москва ќе даде непоколеблива поддршка ако отцепувањето на Република Српска од Босна и Херцеговина стане реално.
Но таква поддршка никогаш не се оствари, ниту од Кремљ, ниту од Будимпешта или Белград. Накратко, долгоочекуваниот балкански политички блок никогаш не се формираше.
Односи со Високиот претставник
Падот на Додик може да се проследи до клучна судска одлука од 2020 година, со која државниот имот што и припаѓаше на поранешната југословенска република Босна пред војната од 1992 година, и беше доделен на централната влада на Босна и Херцеговина. Додик ја сметаше одлуката за неприфатлива бидејќи го оспоруваше концептот на ексклузивна територијална контрола на Република Српска.
Следеше политички судир со тогашниот Висок претставник Валентин Инцко од Австрија, кој воведе закон што го криминализира негирањето на геноцидот. Ова беше сфатено како директен напад врз раководството на Република Српска, кое сѐ уште го негира меѓународно признатиот геноцид во Сребреница.
Инцко беше наследен од германецот Кристијан Шмит, кого Додик го прогласи за персона нон грата поради спроведување закони што ги сметаше за штетни за Република Српска. Додик дури нареди полицијата да го уапси Шмит ако влезе во ентитетот, закана што никогаш не беше реализирана.
На крајот, со повлекувањето и прекинувањето на понатамошната конфронтација со меѓународната заедница и државните институции, Додик неофицијално ги прифати и авторитетот на Шмит и легитимноста на босанскиот суд што го осуди.