Сите велат во Македонија сè стои во место. Не сум сигурен — мислам дека еден од главните проблеми на испораката на македонската политика е дека кај нас се случуваат премногу работи, цело време. Не е проблемот што ништо не се случува — проблемот е што сè се случува, но ништо не се завршува.
Ако ги следиме медиумските наративи, добиваме впечаток дека државата е во постојана вонредна состојба, без пауза или разрешница. Секое утро почнува со обвинување, попладнето носи демант, а вечерта веќе има нова тема што го поклопува сето претходно. Македонија живее во состојба на постојана криза — која никогаш не се разрешува.
Овој феномен раѓа неодговорни политички елити, зашто денот ги одвејува кризите, или ги заменува со нови; прави анестетизирана публика и продуцира политичари кои се менаџери на наративи, наместо на резултати. Кризите кај нас не се инцидент — тие се систем, во кој најголемата жртва е одговорноста.
Во функционална демократија, кризите, како инцидентни појави, имаат свој природен животен циклус: се појавуваат, ескалираат, се анализираат и имаат разрешница (институционална или политичка). Кај нас имаме само почеток и ескалација, но ретко имаме исход.
Аферите кои до вчера ни изгледале како пресвртници во јавното расположение, денес се веќе ад акта — не суштински, туку психолошки. Јавноста оди понатаму, медиумите одат понатаму. Политичарите, се разбира, одамна се веќе таму. Кризата останува само уште една непријатна меморија, потсетник на трајниот жабарник во кој јавноста плови секој ден.
Резултатот е политика на масовна амнезија, без меморија. Нема акумулација на притисок, нема натрупување на одговорност — секој случај доаѓа и си оди истиот ден, почнува од нула и завршува никаде. Па зошто политичарите би биле одговорни, во ваков амбиент на дефицит на внимание и меморија? Кој ги повикува на одговорност?
Кризата не е исклучок, туку рутина
На прв поглед, ова изгледа како амбиент во кој никој не би можел да се снајде. Сепак, кога кризата не е исклучок, туку рутина, таа за голем дел од политичките елити лесно се претвора во алатка за секојдневен менаџмент.
За власта, брзиот распоред на нови кризи без разрешница дозволува комоција едноставно да не прават ништо и да остават непријатните прашања да потонат во брзата ротација на наслови, а одговорноста да се разводни во шумата од нови постојани случки и перипетии.
За опозицијата, ова е исто удобен амбиент, иако резултатот е ист. Наместо да гради подолгорочен и поиздржан случај, таа посегнува по хиперпродукција на нови кризи, во еден релативно хистеричен манир: ново обвинување, нова прес-конференција, ново откритие и „политичка бомба“ — но без доследност.
Резултатот е сумарно анестезија на електоратот, зашто во амбиент каде континуитетот и издржаноста се заменети со интензитет, на крајот публиката ќе се исклучи. И така, сите повторно играат на ист терен, само што никој не ја игра играта до крај.
Медиумите и нивниот неумолив нов 24-часовен ритам, со постојана потреба од публика, кликови и нови приказни, најчесто имаат улога на засилувач на овие тенденции. Ова особено во последно време, кога голем дел од наративите се префрлаат на дигитални платформи.
Таквите платформи дополнително прават еден вид негативна „урамниловка“: секоја вест е еднаква, секоја е итна, секоја има иста тежина — од тоа кој како се облекол на отворање на некоја културна манифестација, до земјотрес во странска земја.
Како резултат на ваквата поставеност, времето (еволутивниот циклус) на секоја тема, особено кризните, драстично се компресира — она што порано траело со недели, денес завршува за неколку часа. Ова создава не само дефицит на внимание, туку и дефицит на проценка на значењето на темите. Кога сè е истакнато, ништо не е важно.
Публиката се исклучува — овој калабалак на итни, нападни најави, но суштински воајерски пристап на темите, како и амбиентот на постојана кризна комуникација, ги прави незаинтересирани. Не е публиката неинформирана — напротив.
Истражувањата покажуваат дека голем дел од публиката активно следи медиумски содржини, но не ги процесира. Пристапот на воајеризам се развива заедно со заклучокот дека ништо не продуцира исход, па затоа нема смисла активно да се ангажираат во јавниот дискурс.
Медиумската апатија се претвора и во политички дефетизам
За гледачите, кога секој ден носи нов бомбастичен скандал, кој притоа брзо се развејува во медиумскиот амалгам на негативна содржина, зошто да инвестираат енергија во нешто за кое не веруваат дека ќе има резултат? Таквата медиумска апатија се претвора и во политички дефетизам, што јасно се гледа по излезноста на секој изборен циклус.
Во ваква средина, политиката неизбежно се адаптира на состојбата, која во основа им одговара — пристапот се менува од однос кон реалноста, кон управување со перцепцијата на реалноста, од резултати кон наслови.
Неопходните реформи во нашето општество, особено оние што бараат време — судски, административни, економски — тешко преживуваат во краток циклус на внимание, зашто не се драмски податливи. Тие немаат драматичен момент, немаат „климакс“, немаат перипетија и расплет — не се продаваат.
Тие бараат континуитет, а континуитетот е токму она што најмногу недостига. Затоа, приоритет станува нешто друго: да се остане видлив, да се контролира наративот, да се реагира побрзо од другиот. Политичкиот успех се мери во присуство, не во резултати.
Оттаму, фрагментацијата и дистанцата од реалноста престануваат да бидат само медиумски феномен — тие стануваат начин на владеење.
На крајот, најголемиот проблем со оваа состојба е што со текот на времето таа станува невидлива и нормална. Сите сериозни теми кои би изискувале системска реакција, сега добиваат единствено дневно-политичка употребна вредност.
Така, системот, наместо да се активира во криза, во основа само во криза и функционира. Резултатот: се разбира, кога никој не следи и прашува, одговорноста прва умира.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
