1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полјаците учат да војуваат

Дорис Хајман | дпа
2 ноември 2022

По руската агресија врз Украина, Полска масовно инвестира во војската. На граѓаните им се нудат еднодневни курсеви за да се запознаат со основите и можеби да одлучат да станат војници.

Полска армија
Софија учи да пукаФотографија: Doris Heimann/dpa/picture alliance

На голем екран се гледа тенк како се движи низ ридскиот пејзаж. Одеднаш, од зад ѕидот се појавуваат непријателски војници. Софија Адач ја стегнува цврсто автоматската пушка, нишани и го повлекува чкрапалото.

Црвените точки ги означуваат нејзините погодоци на екранот. „Не го задржувајте здивот додека пукате, само дишете“, вели инструкторката, наредникот Магдалена Поровска. Со испружена рака покажува под кој агол треба да се држи пушката.

Вежбите за гаѓање на симулаторот се дел од бесплатната еднодневна обука што полската армија од неодамна им ја нуди на граѓаните. Војниците им покажуваат на цивилите како да користат оружје, како да се однесуваат во опасни ситуации и основите на ориентација на терен.

„Мислам дека се потребни такви вештини, тие му даваат на човекот поголемо чувство на сигурност“, вели Софија Адач (40). 

Оваа фитнес инструкторка е меѓу стотиците мажи и жени кои таа студена сабота дојдоа во Центарот за воздухопловна обука на полските вооружени сили во Деблин. Овде, на околу 140 километри јужно од Варшава, посетуваат еднодневен курс „Вежбај со армијата“. Програмата се нуди на 17 локации низ државата. 

Страв од Русите 

Во Полска расте стравот од ширење на руската војна против Украина. Полска масовно се вооружува поради заканите од Москва. Варшава неодамна потпиша договори вредни милијарди евра со САД и Јужна Кореја за набавка на нови тенкови, хаубици и борбени авиони. Бројот на војници во вооружените сили треба двојно да се зголеми. 

Во земја со околу 38 милиони жители, армијата моментално брои 110.000 војници, плус 30.000 припадници на доброволната територијална одбрана. Во следните години треба да има 250.000 професионални војници и 50.000 територијалци.  

На граѓаните им се нудат еднодневни курсеви за да се запознаат со основите и можеби да одлучат да станат војнициФотографија: Doris Heimann/dpa/picture alliance

„Полската армија мора да биде поголема и посилна за да може навистина да се справи со можен агресор“, изјави неодамна министерот за одбрана Мариуш Блашчак.

Полска воведе доброволно служење воен рок пред многу години. Актуелните еднодневни обуки се и своевидна реклама за младите, со цел нивно привлекување во војската. 

„Сакаме да создадеме услови за што е можно повеќе луѓе да бидат обучени за ракување со оружје, пружање прва помош и вештини за преживување“, вели Блашчак. 

Во случај на војна 

Во симулаторот за гаѓање во Демблин, наредничката Поровска ги охрабрува учесниците. „Сакам да пукаш што повеќе!“ За некои тоа не е така лесно. „Прво морав да ја надминам внатрешната блокада за воопшто да земам оружје в рака“, вели Малгоржата Вос (39). Таа смета дека обуката е корисна за да се избегне паника во вонредни ситуации.

„Се плашам дека украинската војна е само почеток на нешто поголемо. А, ако дојде до вооружен конфликт, не сакам да бегам“, вели Адам Краковјак (28). Овој магационер размислува да стане професионален војник или да се вклучи во територијалната одбрана.

Надвор од полигонот, наредникот објаснува како да се користи рачна граната. „По фрлањето, веднаш засолни се, не гледајте каде паѓа!“

Како се фрла бомбаФотографија: Doris Heimann/dpa/picture alliance

Чувство на сигурност 

Малку извидничка романтика не може да наштети. Инструкторот за скокање со падобран демонстрира како да се запали извиднички оган. За време на паузата за ручек, учесниците добиваат порција брза храна - заедно со хемиски грејач што само треба да се измеша со водата. По десет минути јадењето се готви во алуминиумски сад. Мажите се особено воодушевени.

„Се разбира, не можете да ги обучувате луѓето да станат војници за еден ден“, вели Марцин Хрушицки, кој го следи курсот. Но, во случај на конфликт, не е на одмет што поголем број граѓани да знаат да користат оружје. „Сакаме да им дадеме на луѓето чувство на сигурност, дека нивната војска е тука, во близина“, додава Хрушицки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми