1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна во Газа: Тест за односите меѓу Израел и САД

6 април 2024

Со децении, Израел беше важен, но тежок партнер за САД. Војната во Појасот Газа, која трае веќе 6 месеци, сега ги става на тест односите меѓу двете држави, бидејќи на површина избиваат проблеми што тлееле со години.

Посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Израел, при која тој се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху, веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври беше сигнал за ставање настрана на политичките разлики во интерес на израелската безбедност
Посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Израел, при која тој се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху, веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври беше сигнал за ставање настрана на политичките разлики во интерес на израелската безбедностФотографија: Miriam Alster/UPI Photo/imago images

Во хиперпартискиот Вашингтон, одамна постои една политичка точка за која и демократите и републиканците би можеле да се согласат: американско-израелските односи се свети. Моќта меѓу двете страни со децении осцилира, но посветеноста кон Израел не.

Лидерите на двете страни се држеа на рефренот дека Израел нема поблизок сојузник од Соединетите Американски Држави и дека за безбедноста на земјата не може да се преговара.

Од 1948 година, според Советот за надворешни односи, Израел добил речиси 300 милијарди долари (280 милијарди евра) помош од Соединетите Држави, од кои најголем дел во воена помош. Тоа е приближно двојно повеќе од износот на помошта која оди за вториот најголем примател, Египет, кој има население од 111 милиони во споредба со 9,5 милиони во Израел.

„Тоа е неверојатен однос“, вели за ДВ Чак Фрајлих, поранешен заменик советник за национална безбедност на Израел, кој сега предава на универзитетите во Колумбија, Њујорк и во Тел Авив. „Нема многу преседани“, додава тој.

„Заедничките вредности“, стратешките интереси и моќното лоби кое го држи Израел на милост и немилост на Вашингтон се „столбовите“ на тој однос, објаснува Фрајлих. Американскиот израелски комитет за јавни односи, на пример, е една од најефективните лоби групи во главниот град на САД, која се залага за силни врски меѓу двете земји, без оглед на политичката сезона.

„Стратешко добро“

Откако САД се соочија со критики дека не направиле доволно за да ги спасат европските Евреи од холокаустот, тие брзо ја признаа државата Израел кога водачите на ционистичкото движење прогласија независност во мај 1948 година. Оттогаш, Израел се промовира како либерална демократија која ги проектира американските интереси во регион кој не е секогаш пријателски настроен кон нив.

„Во минатото, Израел се сметаше за чиста одговорност“, вели Фрајлих, наведувајќи го фактот дека регионалниот конфликт со израелските арапски соседи кои беа наклонети кон Советскиот Сојуз за време на Студената војна би ризикувал ескалација меѓу нуклеарните суперсили. „Од деведесеттите, Пентагон го гледа како стратешко добро“, објаснува тој.

Октомвриската војна во 1973 година, по ненадејниот арапски напад врз Израел, беше еден од неколкуте големи конфликти меѓу Израел и неговите соседи.Фотографија: Keystone Press Agency/ZUMAPRESS/picture alliance

Со падот на СССР, Израел стана начин САД да ги држат под контрола помалите противници, како што се Иран и неговите недржавни партнери. Тоа определување ја започна „најблиската стратешка соработка во американско-израелската историја“, вели Фрејлих.

Како одговор на терористичкиот напад од страна на Хамас на 7 октомври, САД му испратија оружје на Израел и ставија вето на резолуциите за прекин на огнот во Советот за безбедност на ОН.

„Мислам дека Бајден од перспектива на Израел одговори апсолутно величествено“, вели Фрајлих.

Американскиот претседател потоа ги остави настрана несогласувањата со премиерот Бенјамин Нетанјаху во интерес на одбраната на Израел.

Промена на пристапот

Во текот на речиси шест месеци од војната, во израелските напади загинаа повеќе од 33.000 луѓе во Газа, што предизвика глобална осуда. Сега, администрацијата на Бајден зборува да не се меша „израелската влада со израелскиот народ“, како што неодамна изјави за американската телевизија ЦБС потпретседателката Камала Харис.

„Тоа е она што го велите за банана републиките“, додава Фрајлих, загрижен за промената на тонот. „Ако Нетанјаху не го промени својот пристап многу брзо, ако наскоро нема нова влада, тоа ќе има трајни последици.“

За некои набљудувачи на американско-израелските односи, наскоро не е доволно брзо.

 Ова беше мачно бавен процес со кој САДи преминаа од зелено светло на жолто, а сега и на портокалово“, изјави за ДВ Ијан Лустик, израелски експерт и професор по политички науки на Универзитетот во Пенсилванија.

„Портокаловите светла“ се однесуваат на неодамнешното американско воздржување за време на гласањето во Советот за безбедност на ОН кое овозможи  да се усвои резолуцијата со која се бара привремен прекин на огнот во Газа, откако претходните обиди не успеаја. Во знак на протест, Нетанјаху ја откажа претстојната посета на израелските официјални претставници на САД.

Сепак, администрацијата на Бајден одобри повеќе од 100 воени продажби на Израел од 7 октомври, како што прв објави весникот Вашингтон пост, вклучувајќи бомби од 900 килограми кои можат да срамнат со земја цели градски населби.

„За мене е изненадувачки колку бавно администрацијата се движеше кон црвеното светло“, рече Лустик. Ова е ризик, додаде тој, и за интересите на САД во странство и за Бајден дома во изборна година.

На пример, државата Мичиген е дом на значително арапско население и се смета дека таму мора да се извојува победа  на претседателските избори во ноември. На прелиминарните внатрепартиски избори за претседателскиот кандидат во февруари, 13 отсто од гласачите на Демократската партија демонстративно не гласаа за Бајден - “ протест што се прошири и во другите држави.

„Ова е првпат политичкото влијание на критичарите на Израел да стане вредно за известување, односно сила која привлекува внимание во американската политика“, додава Лустик.

Тензии меѓу пријателите

Израел со децении се движи кон десно, а верските екстремисти стекнаа поголема политичка моќ, главно под различните видови на влади предводени од Нетанјаху. Зголемените напори на Израел за нормализирање на окупацијата и цементирање на контролата над Палестинците го доведоа Израел во конфликт со американската администрација под водство на Демократската партија. Тие се судрија за клучните прашања како што се Иран, израелските населби на окупираниот Западен Брег и палестинската државност.

Американската администрација сè повеќе го критикува огромниот број на убиени цивили и ја задржува позицијата за „еднакви мерки на слобода, можности и демократија“ за Израелците и за Палестинците. Експандирачката израелска окупација на палестинските области ја поткопува таа визија.

Седум припадници на хуманитарната организација Светска централна кујна загинаа во израелски напад во ГазаФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Променливото јавно мислење на САД за Израел на крајот може да доведе до корекција на курсот во однос на оваа земја. Анкетите покажуваат растечки јаз меѓу постарите гласачи - кои се сеќаваат на Израел од деновите на Договорот од Осло, кога решението за две држави се чинеше возможно - и помладите гласачи, кои знаат само дека Израел ја користи својата еднострана воена предност за да избегне политичко решение со Палестинците..

Ова вклучува сè поголем број американски Евреи, кои се идентификуваат како секуларни и либерални и затоа се чувствуваат се повеќе отуѓени од Израел, кој според нив се движи во друга насока. Таа поделба предизвикува не само културни, туку и национално безбедносни импликации.

„На долг рок, вредностите што ги прифаќа помладата генерација ќе станат сѐ посилни и посилни во САД. Израел ќе продолжи да се судира со нив, а американските политичари ќе откријат: 'Чекај малку, иако ова функционираше пред 25 години, ние всушност запаѓаме во повеќе проблеми обидувајќи се да му угодиме на АИПАК'“, вели Лустик.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми