1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Избори во Полска: Германија е виновна за сѐ

Розалија Романиец
13 октомври 2023

Германија, не по своја вина, игра важна улога во полската изборна кампања. Владејачката партија шири антигерманско расположение. Со непријателски тонови кон Берлин, ПиС се обидува да добие поддршка од гласачите.

Лидерот на владејачката партија во Полска Право и правда, Јарослав Качински
Лидерот на владејачката партија во Полска - Право и правда, Јарослав Качински...Фотографија: Pawel Malecki/AGENCJA WYBORCZA/REUTERS

Без разлика дали станува збор за миграциите или за безбедноста, Берлин е секогаш виновен – тоа е наративот на полската владејачка партија Право и правда. Не поминува ден без зборот „Нијемци“ (Германци) да се појави во негативен контекст на програмата на државната телевизија ТВП.

Откако Полска го блокираше миграцискиот пакт на Европската унија на последниот самит на ЕУ во Гранада (5 октомври), на полската државна телевизија со денови можеше да се чита пораката за „германскиот пакт за миграција и апсурдната присилна солидарност“.

Со тоа се критикуваше инсистирањето на Германија за солидарност на членките на ЕУ во прифаќање на бегалците.

Полските државни медиуми одамна го презедоа наративот на владејачката партија и со тоа го поддржуваат. Придавката „германски“ стана синоним за „злонамерно“ и „антиполско“.

Лидерот на Право и правда, Јарослав Качински, во предизборните говори предупредува дека не треба да се биде премногу близок со западниот сосед. „Германците нè гледаат од високо“, вели тој.

Полска, додава Качински, не смее да има Стокхолмски синдром кон Германија, „како жртва да го засака својот крвник“. „Германија не е светска сила, таа е само силна регионална сила! Но, Берлин би сакал повторно да биде светска сила!“, извикува Качински во микрофонот на митинзите, алудирајќи на ерата на нацизмот и војната што започна со нападот на Германија врз Полска.

Качински ги повикува гласачите да ги прочитаат мемоарите на поранешниот канцелар Хелмут Кол и да видат дека и по падот на комунизмот, Германците ја третирале Полска како помалку вредна. Всушност - ова е крунскиот аргумент - Берлин одбива да зборува за воените репарации. 

Највалкана кампања во историјата

„Ова е највалканата изборна кампања во полската историја“, тврди Давид Грегож, шеф на варшавската канцеларија на Фондацијата Конрад Аденауер, која е блиска до германските демохристијани.

Тој вели дека полската влада во предизборната кампања „опсесивно ги напаѓа партнерите како Германија и Украина и тоа поради чиста внатрешнополитичка калкулација“.

Со иста страст, Право и правда го напаѓа главниот предизвикувач, шефот на либералната опозиција, Доналд Туск. Поранешниот премиер на Полска важи за човек кој одржува пријателски односи со Берлин. Така, во 2014 година, со голема поддршка од поранешната канцеларка Ангела Меркел, стана претседател на Европскиот совет. Оттогаш Качински и неговите истомисленици го навредуваат како „германски агент“, „предавник“ или „марионета на Германците“.

Денешниот премиер Матеуш Моравјецки неодамна го нарече Туск „најголемиот штетник на полската политика“ и го спореди со питон, една од најголемите змии во светот: „Се приближува, за да се задави“.

Тврдењето дека Туск наводно ги застапува германските интереси може да се слушне пред сѐ во контекст на миграциите. Либералот Туск го поддржува европското решение. „Туск би сакал да му помогне на Берлин да ја преплави Полска со нелегални натрапници“, вели Моравјецки за ова на митинзите.

На Шолц „му пукна филмот“

Берлин досега не реагираше на провокациите од Варшава, иако бројот на официјални средби е сведен на минимум. Но, неодамна на канцеларот Олаф Шолц му беше доста од сето тоа.

Повод беше новиот корупциски скандал околу полските визи. Во неколку полски конзулати, очигледно со исплата на мито, беа издадени десетици илјади полски Шенген-визи, благодарение на кои имигрантите од Полска едноставно можеа да заминат во Германија. Шолц затоа го критикуваше зголемувањето на бројот на бегалци на границата на двете земји. Тој ѝ порача на Варшава дека кој и да дојде во Полска, таму треба да побара азил и да добие фер постапка.

Германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

По тоа, министрите од полската влада порачаа дека изјавите на Шолц се „дрско“ мешање во полската предизборна кампања.

Давид Грегож од фондацијата Конрад Аденауер, сепак го критикува и Берлин. Тој вели дека не е лесно да се разговара со Полска, но разговорот не смее да се занемари.

„Ставот на германската влада е контрапродуктивен“, смета Грегож, кој тврди дека нема напори за подобрување на билатералните односи.

Политички капитал на Право и правда

Кои се мотивите на властите во Полска да спроведуваат антигермански кампањи? Тактики и идеолошки причини, велат експертите.

Се смета дека зад сѐ стои лидерот на партијата Качински. Тој никогаш не го криел своето непријателство кон Германија. Кога ваквата реторика се повторува со години, таа добива и свои приврзаници.

„Околу шест до седум отсто од гласачите очекуваат таква реторика од Право и правда, на останатите им е сеедно, но не им пречи“, вели Грегож.

Тоталната критика кон Берлин се вкорени во полското општество, како што покажува германско-полскиот барометар - репрезентативно истражување кое се спроведува веќе дваесет години.

„Сѐ повеќе Полјаци имаат негативна оценка за развојот во Германија, исто како и состојбата на германско-полските односи“, вели Ањешка Лада, авторка на истражувањето.

Пред три години, 72 отсто од Полјаците имаа мислење дека односите со Германија се добри, а само 19 отсто сметаа дека се лоши. Годинава, пак, 47 отсто од испитаниците во Полска сметаат дека билатералните односи се добри, а 39% дека се лоши.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми