1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Полска и Германија: Заеднички учебник по историја

Јацек Лепјарц
19 јули 2024

По долга блокада од страна на полската национал-конзервативна влада, конечно е издадено одобрение за последното издание од заедничкиот учебник по историја на Германија и Полска.

германско-полски учебник по историја
Последниот том од полската верзија на германско-полската серија учебници по историја „Европа – нашата историја“Фотографија: Wydawnictwa Szkolne i Pedagogiczne

Заедничкиот учебник по историја на Германија и Полска под наслов „Европа – нашата историја“ е пример за показ за полско-германското партнерство. Од 2008 година на проектот работат десетици научници од Полска и Германија. Последниот том, во Германијабчетврти, во Полска - седми и осми, е готов уште од 2020 година. Но, за разлика од Германија, во Полска публикацијата досега не беше користена во наставата поради задршките на претходната национал-конзервативна влада. Дури откако со промената на власта на чело на државата е централно-левичарската коалиција на Туск, германско-полскиот проект во декември 2023 година доби нова шанса. Минатата недела полското Министерство за култура, под водство на левичарско-либералната политичарка Барбара Новацка, конечно го издаде одобрението за користење на целокупниот материјал од петто до осмо одделение во полските училишта. По долгогодишното натегање, конечно среќна разврска.

Мултиперспективност и критичко размислување

Тоа е „проектот на мојот живот", нагласува Анджеј Дусијевич, кој го надгледуваше проектот во полската издавачка куќа ВСиП. „Пресреќен сум што целата серија конечно е одобрена“, вели претставникот на издавачот.

„Станува збор за втор билатерален учебник по историја во светот. Две земји, од кои едната, Полска, беше нападната од другата, Германија, и притоа уништена, се покажаа кадарни да создадат заеднички наратив за минатото“, го потенцира полскиот историчар Роберт Траба значењето на учебникот, настанат преку работата на германско-полската комисија, чиј што копретседател бил тој.

„Мултиперспективност", според експертите, е клучниот збор. „Важно ни беше да покажеме зошто еден конкретен настан во Германија или Полска може да има сосема различно значење", раскажува за полското радио Марцин Вјатр, научен соработник на институтот за едукативни средства „Георг Екерт“.

Академик Марцин Вјатр вели дека за креаторите на учебникот било важно да се покаже зошто на одреден историски настан се гледа различно во Полска и во ГерманијаФотографија: Aureliusz M. Pedziwol/DW

Пример Франција

Како пример послужи германско-францускиот учебник по историја кој, меѓутоа, ги третира само последните два века, додека германско-полскиот проект се однесува на периодот од античко време до денес. Наследничката на Треба, Виолета Јулковска, во разговор со ДВ го пофали концептот на германско-полскиот учебник.

„Книгата се одликува со тоа што е модерна. Не им наметнува на учениците одреден начин на мислење, туку има ефект на лабораторија, на работилница во која со помош на добар наставник се учи како историски да се размислува", нагласува Јулковска од универзитетот „Адам Мицкијевич“ од Познањ. Таа додава дека „историско размислување е критичко размислување".

Виолета Јулковска (л.) и Ханс-Јирген Бемелбург се копретседатели на германско-полската комисија за учебнициФотографија: Jacek Lepiarz/DW

Долг пат со многу пречки

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер прв ја пласираше идејата во јавноста. Штајнмајер, во тоа време министер за надворешни работи, есента 2006 година во говор на универзитетот Вијадрина во Франкфурт предложи да се направи заеднички германско-полски учебник со цел да им помогне на Германците и Полјаците „меѓусебно подобро да се разберат".

„Со проектот ние, Германците, можевме да покажеме дека сме отворени за полското гледање на историјата", рече Штајнмајер тогаш и додаде дека многу Германци би го сметале за придобивка подоброто разбирање на таквите гледишта и дознавањето повеќе за полската историја.

Две години подоцна шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски се надоврза на идејата на неговиот германски колега. Двете влади ја овластија германско-полската Комисија за учебници, која постои уште од 1972 година, да изработи препораки. Врз основа на нив, во 2011 година започна подготовката на учебникот, а веќе во 2016 година во присуство на двајцата министри за надворешни работи, Штајнмајер и наследникот на Сикорски, Вашчиковски од ПиС, во Берлин беше промовирано првото издание. Во натамошните години беа без поголеми потешкотии промовирани уште две изданија.

Радослав Сикорски (л.) и Франк-Валтер Штајнмајер (д.) беа министри за надворешни работи на Полска и Германија во 2008 годинаФотографија: Stefan Sauer/dpa/picture-alliance

ПиС блокира - премалку црква, премногу Берлински ѕид

Несогласувања се појавија дури кај четвртото издание, во кое се третира Втората светска војна и повоеното време. Содржината се покажа како неспоива со националистичката политика во однос на историјата, која играше централна улога за ПиС, која во тоа време беше на власт во Полска. Премалку за католичката црква, премногу за Берлинскиот ѕид на сметка на синдикатот Солидарност, прекритичка оцена на Варшавското востание во 1944 година, гласеше обралзожението на полската страна. Па така и вештачењето, кое е предуслов за издавање дозвола од страна на министерството, беше негативно. Пред формалното одбивање, коешто ќе значеше финално пропаѓање на проектот, издавачката куќа ја повлече книгата.  „Сакавме да чекаме на подобри времиња", се потсетува Дусијевич од ВСиП.

Германско-полскиот учебник по историја „Европа – нашата историја“ е втор билатерален учебник по историја во светотФотографија: Barbara Cöllen/DW

Трпелива работа со базата

Многу ангажирани учесници во проектот не сакаа пасивно да чекаат промена на власта. „Ние организиравме бројни конференции и работни средби, за да ги запознаеме наставниците со учебникот", вели Јулковска и додава дека „благодарение на работата со базата сега имаме широк круг на педагози кои веднаш по одобрението беа подготвени да работат со книгата“.

Иако првите три книги се одамна одобрени, полските наставници едвај и да ги користат, бидејќи недостасуваше одобрението за четвртата.

Сега, откако целиот серијал е на листата на дозволен наставен материјал од министерството за култура, авторите сметаат на поголем интерес во Полска. Одлуката дали ќе се користат германско-полските учебници сепак ја носат самите наставници. И на германска страна има доста работа, иако до крајот на минатата година беа продадени околу 30 илјади примероци. Во Баварија, на пример, учебникот не се користи затоа што недостасувале регионални аспекти. По сѐ изгледа дека германско-полскиот учебник нема да остане ексклузивна германско-полска успешна приказна бидејќи во Украина, Литванија и на Западниот Балкан веќе постои интерес за таков проект.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми