1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Туск ја отвори трката за претседателската функција

Јацек Лепјарц
14 октомври 2024

Една година по победата на парламентарните избори, полскиот либерален премиер Доналд Туск ја отвори трката за претседателската функција. Тој се потпира на рестриктивната миграциска политика како универзален лек.

Полскиот премиер Доналд Туск
Полскиот премиер Доналд Туск во јуни 2024 годинаФотографија: Lukasz Gagulski/EPA

Една година по победата на парламентарните избори, полскиот либерален премиер Доналд Туск ја отвори трката за претседателската функција. Тој се потпира на рестриктивната миграциска политика како универзален лек.

Агитацијата против бегалците, кои наводно шират заразни болести, а се всушност маскирани терористи и силувачи, досега беше белег на полските национални конзервативци околу Јарослав Качински. Вештото дејствување против странците од Африка и од Блискиот Исток значително придонесоа за двојната победа на партијата Право и правда (ПиС) на Качински на парламентарните и претседателските избори во 2015 година.

Либерално-конзервативната и левичарската опозиција отсекогаш ја осудуваше миграциската политика на ПиС, особено одбивањата на бегалците на границата со Белорусија, иако Туск пред повеќе години сигнализираше одредена дистанца од „политиката за добредојде“ на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.

Изненадувачки предлог: рестриктивна миграциска политика

Сега Туск ги изненади и своите десничарски конзервативни противници и либералните поддржувачи. На првата годишнина од изборната победа на коалицијата на левиот центар, шефот на полската влада воо саботата (12.10) излезе во јавноста со нова стратегија за миграциската политика на Конгресот на неговата група Граѓанска коалиција (КО).

Државата мора да ја врати стопроцентната контрола врз тоа кој влегува и кој излегува од Полска, им порача Туск на делегатите. „Да се поврати контролата, да се осигура безбедноста“ е називот на концептот, чии детали ќе бидат претставени на седницата на владата во вторник.

Полски граничари строго ја контролираат границата кон Белорусија против нелегални имигрантиФотографија: Maciej Luczniewski/NurPhoto/picture alliance

Според Туск, еден елемент на оваа стратегија треба да биде „привременото територијално суспендирање на правото на азил“. Како преседан тој ја наведува Финска. Правото на азил било злоупотребено од шефот на белоруската држава Александар Лукашенко, од рускиот претседател Владимир Путин и од шверцери и трговци со луѓе. Туск рече дека сака да го промовира ова решение во Европа. Тој го критикуваше миграцискиот пакт на ЕУ: „Ние нема да ги почитуваме, ниту да ги спроведуваме европските идеи ако сме сигурни дека тие се насочени против нашата безбедност“.

Поранешната заменичка на ополномоштеникот за граѓански права Хана Мачинска го критикуваше предлогот за отфрлање на правото на ЕУ и игнорирање на меѓународните обврски. Помалите коалициски партнери на КО - Левица и Полска 2050 - нема да ја поддржат идејата на Туск, објави интернет платформата Онет.

Кој ќе го наследи претседателот Дуда?

Со рестриктивната миграциска политика Туск сака да го тргне ветерот од едрата на ПиС. Имено, партијата на Качински сака да собере половина милион потписи во следните неколку месеци, кои се неопходни за да се спроведе референдум за миграцискиот пакет на ЕУ. Референдумот треба да биде важен елемент на изборната кампања на националните конзервативци пред претседателските избори следното лето. Мандатот на Анджеј Дуда завршува во август 2025 година.

Сега Туск премина во офанзива. Тој го напаѓа Качински во областа која претходно му гарантираше поддршка кај избирачите нему и на неговиот политички табор. За време на владеењето на ПиС, „преплави“ бран на илегална миграција,   ги критикуваше Туск своите претходници и се презентираше како политичар кој ќе ја намали илегалната миграција „на минимум“. 

Полскиот претседател Анджеј Дуда е близок до опозициската партија ПиСФотографија: Marian Zubrzycki/dpa/picture alliance

Туск алудира на неконзистентната имиграциска политика на ПиС, која, од една страна, агитираше против бегалците со цел да им се допадне на гласачите, но во исто време доделуваше прекумерен број работни визи на луѓе од други континенти, некои од нив во замена за мито. Во периодот 2018-2023 година, полските конзулати издадоа 3,8 милиони работни визи - европски рекорд.

Ветувањата за реформи остануваат неисполнети

„Туск знае дека за исходот од претседателските избори во 2025 година нема да одлучуваат верните либерални и левичарски гласачи, туку емоциите на милиони Полјаци“, коментираше главниот уредник на весникот „Жечпосполита“, Михал Шулдрински. „Овие емоции се различни од оние на либералните интелектуалци, кои ја претставуваат базата на партијата на Туск“.

Туск е подготвен да проголта многу за влез во претседателската палата на кандидат од неговиот политички табор. Затоа што токму новиот шеф на државата ќе одлучува за успехот или неуспехот на Туск.

Преку својата политика за вето, Дуда, близок сојузник на ПиС, ги блокира реформите на новата влада. Враќањето на владеењето на правото, процесот на пресметување со корумпираните претходни елити, обновувањето на дипломатската служба - сето тоа е во застој или напредува многу бавно. Дури и најверните следбеници на Туск стануваат нетрпеливи. Расположението може брзо да се промени.

Качински ги збива редовите на „Патриотите“

За важноста на претседателските избори знае и ривалот на Туск, Јарослав Качински, кој сака да ги збие редовите на национално-конзервативниот табор. Во саботата, и покрај отпорот во сопствените редови, ПиС се спои со својот поранешен коалициски партнер, екстремно десничарската партија Суверена Полска (поранешна Солидарна Полска). Малата група предводена од поранешниот министер за правда Збигњев Зиобро се смета за евроскептична и радикална. 

„Спојувањето е сигнал до општеството дека патриотскиот табор е обединет“, рече Качински, објаснувајќи го овој потег. „Ќе мора да се напрегнеме исто како и во 2015 година за да победиме“, рече тој.

Јарослав Качински се обраќа на Конгресот на неговата партија Право и Правда на 12 октомври, 2024 годинаФотографија: Piotr Polak/PAP/picture alliance/dpa

Качински останува доследен на антигерманските слогани

Во својот говор на Конгресот на ПиС во саботата (12 октомври 2024 година), тој ја подложи владата на тотална критика. „Нападната е нашата демократија, сите правила на владеење на правото, областа на правата, не само граѓанските, туку и човековите права“, извика тој од говорницата. Како и во изборната кампања во 2023 година, шефот на националните конзервативци го обвини својот ривал Туск за неговите наводни „мрачни“ врски со Германија. „Премиерот, кој победи на изборите само благодарение на германската поддршка, се откажа од репарациите од Германија и ја спроведе германската агенда, рече Качински.

Се чини дека трката за претседателската палата останува возбудлива до последен момент. Според најновите анкети, двата најважни противници - КО и ПиС - се речиси подеднакво силни.

На големиот митинг во Варшава, две недели пред парламентарните избори, Туск даде свечен завет. „Ви ветувам дека ќе победиме, дека ќе се пресметаме (со претходната влада), дека ќе ги исправиме неправдите и дека ќе се помириме“, вети тој пред милион поддржувачи. За жал само првото ветување е исполнето, пишува коментаторката Катаржина Садло во весникот „Жечпосполита“.

 

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми