1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полската влада: „Германија не е непријател, туку сојузник“

Јацек Лепјарц
2 јули 2024

За време на владата на ПиС во Полска, беше во „мода“ да се критикува Германија. Новиот премиер Туск сака да ги подобри односите меѓу двете земји, а тоа е цел и на сојузниот канцелар Шолц.

Полскиот премиер премиер Доналд Туск и германскиот канцелар Олаф Шолц
Полскиот премиер премиер Доналд Туск и германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

„Германија не е непријател, туку сојузник“, со оваа порака полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски со месеци ги посетува телевизиските и радио студијата, со цел да промовира  промена на полската политика кон западниот сосед.

Промената на владата во Полска, односно  заминувањето на национално-конзервативната влада на ПиС  и доаѓањето на левичарската коалиција во декември 2023. година овозможи да се излезе од длабоката криза во која се наоѓаа германско-полските односи во последните години. А сега, шест месеци подоцна, со усвојувањето на „Акциониот план“, Варшава и Берлин сакаат да одат чекор понатаму, чекор кој всушност би означил нов почеток во билатералните односи. Денеска (вторник, 2-ри јули), сојузниот канцелар Олаф Шолц (СПД) престојува во Варшава со неговиот кабинет, за да учествува на тамошните консултации на владино ниво.

Први консултации по 2018. година

Последен пат вакво нешто се случи во 2018. година. И тоа и покрај фактот што германско-полскиот договор за добрососедски односи од 1991. година предвидува шефовите на владите на двете соседни земји да се состануваат „барем еднаш годишно". Веднаш по преземањето на канцеларската функција во Германија, Шолц во декември 2021 година ја посети Варшава, а потоа патот веќе не го однесе до реката Висла.

Јарослав Качински, првиот човек на Пис, ширеше антигерманска реторика во ПолскаФотографија: Marek Antoni Iwanczuk/SOPA Images/Sipa USA/picture alliance

Антигерманската реторика  на најважниот претставник на национално-конзервативниот табор во Полска, Јарослав Качински, речиси целосно ги парализираше односите. И затоа во Берлин имаше олеснување кога левичарскиот либерал Туск ја презеде власта на 13.12. минатата година.

Многу брзо потоа, расположението на релација Варшава-Берлин темелно се промени. Наместо да се нагласува антигерманското расположение за секое контроверзно прашање, новата полска влада се обидува прагматично да ги реши проблемите што постојат меѓу двете земји.

Воспоставена е комуникација

„Двете влади повторно ја стекнаа можноста за јазична комуникација“, вака тоа го опишува Каи-Олаф Ланг од Берлинската фондација за наука и политика. Германскиот експерт за Источна Европа зборува за „нов процут на контактите. Консултациите на владино ниво треба да станат „висока точка со силна симболика“, додава Ланг.

Ова го потврдува и Марек Кржакала, претставник на турската партија Граѓанска коалиција (КО):  „ПиС ги уништи односите со Германија.  Се вративме на редовниот дијалог со Берлин“, изјави за ДВ Кржакала, кој е и шеф на полско-германската парламентарна група.

Управување со конфликти

Последниот пример како изгледа овој нов билатерален однос: Сојузната полиција на Сојузна Република Германија пред околу две недели преку граница префрли семејство баратели на азил од Авганистан и тоа без договор со полската страна. Тие едноставно ги оставиле Авганистанците на полско тло. А полската гранична полиција после тоа остро протестираше. Полските медиуми објавија алармантни написи. Но, наместо случајот да се претвори во првокласен политички скандал, како што беше вообичаено во ерата на ПиС, надлежните министри брзо го решија проблемот. „Тоа е добро управување со конфликти“, заклучува Ланг.

Германско-полскиот учебник по историја со години беше блокиран од политички причиниФотографија: Wydawnictwa Szkolne i Pedagogiczne

Изминативе месеци брзо беа разрешени неколку проблематични случаи кои со години ги заоструваа односите. Часовите по германски јазик за припадниците на германското малцинство во Полска повторно ќе се нудат во целост од септември оваа година. Зелено светло треба да добие и четвртиот дел од германско-полскиот учебник по историја, кој со години е блокиран од политички причини. Повеќе пари од полскиот буџет би требало да добие и програмата за соработка меѓу германската и полската младина.

А сојузната влада во средата (26.06.) непосредно пред консултациите во Варшава го усвои планот за реализација на германско-полската куќа во Берлин. Тоа е центар што треба да  потсетува на полските жртви на Втората светска војна. Сепак, она што сè уште недостасува во билатералните односи се големи, спектакуларни проекти.

Туск не сака да биде германофил

Агњешка Лада-Конефал од Германскиот институт за Полска во Дармштад се жали на слабиот ангажман на полската страна. „Поради  внатрешни политички проблеми,  кои полската влада треба да ги реши под временски притисок, односите со Германија не се приоритет“, вели таа и потсетува на еден специфичен проблем што го има Туск: „Опозицијата го нарекува германски агент. затоа тој не не се ангажира толку силно за германски теми колку што би требало“, смета таа. „Тие во никој случај не сакаат да бидат сметани за германофили“, заклучува Лада-Конефал.

„Акциониот план“, кој двете страни го подготвуваа со месеци, треба да помогне во интензивирање на соработката и да претставува основа за нови перспективи на билатерална соработка во иднина. Тој треба да биде „сеопфатен пакет“, можеби дури и „голема работа“, велат полски и германски дипломати, кои не сакаат да зборуваат за детали. Јасно е само дека фокусот на тој „пакет“ треба да биде прашањето за безбедноста и  поддршката за Украина.

Зајакнување на источното крило на НАТО

„Зајакнувањето на источното крило на НАТО е од клучно значење. На тоа поле треба да соработуваме што е можно повеќе со Германците“, смета пратеникот Кржакала. Качински греши, вели тој, кога вели дека „прво мора да поминат седум генерации пред да им се дозволи на германските војници повторно да смеат да стапнат на полско тло" . Лада-Конефал, исто така, смета дека прашањето за безбедноста и одбраната е област во која билатералната соработка мора брзо да се зајакне.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер премиер Доналд Туск на самит на ЕУ во Брисел, јуни 2024 Фотографија: Olivier Hoslet/AP/picture alliance

Туск влегува во преговори со Германија без комплекси на инфериорност. Како водечка земја, земја која ја поддржува Украина од самиот почеток, и со испраќање оружје и со пружање хуманитарна помош, Полска се здоби со дополнителна репутација во светот. Туск исто така го бие глас дека е либералната надеж на Европската унија, односно човекот кој со мобилизирање нови гласачи може да ги спречи десничарските популисти да ја преземат власта. Во исто време, Германија, исто како и Франција, е донекаде ослабена токму поради успехот на евроскептичните популисти.

Полската нова самодоверба

И затоа владата на Туск делува самоуверено во Европа и чувствува дека нивното влијание расте, вели аналитичарот Ланг. Овој експерт за Источна Европа потсетува дека Туск, за да го избегне впечатокот дека е фиксиран на Германија, води „диверзифицирана надворешна и европска политика“, а тоа значи дека „Туск свири на различни клавијатури“, нагласува експертот, а како рамноправни партнери на Варшава ги наведува САД, Северна Европа и Балтикот.

Меѓутоа, кој од германската страна мисли дека сите проблеми во односите со Полска се решени по смената на владејачката група во Варшава, тешко се лаже: „Германците брзо сфатија дека Туск не е никаков слабак“, забележува Ланг.

Со ова се согласува и „Лада-Конефал“, добар познавач на ситуацијата во Полска: „Во рамките на ЕУ ќе биде многу тешко да се постигне компромис за прашањето за миграцијата или за мнозинско одлучување“, предвидува таа. „Ние ќе мораме да бараме најмал заеднички именител“.

Новата полска влада го повлече барањето на ПиС за плаќање на репарации за Втората светска војна. Сепак, прашањето за обештетувањето останува на маса. Во јануари оваа година, полскиот шеф на дипломатијата, Сикорски, апелираше до сојузната влада да „покаже креативност“ во потрагата по решение за прашањето. А колку далеку стигнал Берлин во потрагата по „креативни“ решенија ќе се покаже денеска во Варшава.

 

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми