1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Моравјецки: Европа само како заедница на нации

Јан Валтер
21 март 2023

Во вакви кризни времиња, сѐ почесто се слуша дека на Европската унија ѝ е потребна поголема интеграција на членките. Полскиот премиер во говор во Хајделберг пак предупредува дека националните држави се „незаменливи“.

Матеуш Моравјецки,  Хајделберг, Германија
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки одржа говор во ХајделбергФотографија: Uwe Anspach/dpa/picture alliance

Уште од првите денови на европската интеграција владее дилема: треба ли Унијата да биде само заедница на национални држави или да постои стремеж кон ЕУ која со време ќе ги превземе и надлежностите на националните влади? Неодамна германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон предупредија дека токму сега треба да постои насока кон заедништво и силна, обединета Европа.

За полскиот премиер Матеуш Моравјецки во говорот за Европа, одржан во понеделникот (20.03.) на Универзитетот во Хајделберг, тоа никако не е пат по кој треба да се оди: „Ништо во Европа нема подобро да ги штити слободата на нациите, нивната култура, нивната социјална и економска, политичка и воена сигурност отколку националните држави. Националните држави се незаменливи во Европа.“

За Бастијан Сендхарт од германскиот Институт за Полска, тоа јасно покажува дека оваа влада во Варшава нема намера да поддржува зголемена интеграција на Европа: „Денешните говори за Европа редовно имаат визија за иднината на Унијата, а Моравјецки во својот говор всушност сака враќање на почетокот, значи на „Европа на татковини'."

Враќање во шеесеттите од минатиот век

Тој поим своевремено го користел францускиот претседател Шарл де Гол во процесот на помирување со Германија и создавање нова, европска заедница. Според мислењето на тогашниот француски претседател, таа никогаш нема да значи исчезнување на Франција, ниту доминација на било која држава или самата Унија над политиката на Париз. Времињата се променија и политички, воено и економски и на крајот со заеднички пари интеграцијата е сѐ посилна, но полскиот премиер се враќа на визијата на Европа на Де Гол, иако не го изрече неговиот поим. „Тоа беше средишна точка на неговиот говор“, мисли Сендхарт.

Веќе и можноста од надгласување на одделни членки во телата на Унијата за полскиот премиер е неприфатлива: „Ајде да се откажеме од вплеткување во работи кај кои се доведуваат во прашање нациоалните интереси.“ Во таа грижа од создавање „супер-држава“ Европа, спротивна на интересите на поединечни нации, полскиот премиер никако не е осамен во ЕУ, само понекои тоа го мислат и на политичко ниво, но дури и кај заговорниците на силно обединување е присутна задршка кога станува збор за пари, буџет или данок, а тука се и чистите економски итереси на националните индустрии.

Моравјецки се спротистави на ставовите на Олаф Шолц и Емануел Макрон за поголемо сраснување на ЕУФотографија: Benoit Tessier/AP/picture alliance

Брисел исто што и Москва?

Но, полскиот премиер овде запаѓа длабоко во национален популизам, смета Сендхарт. Тој ја обвинува Унијата дека при опстојувањето на принципите на правна држава во таа земја, го „гуши“ полскиот суверенитет. Во основа, германскиот познавач на полските прилики смета дека Моравјецки сака да каже: „Исто како што Путин сака да го задуши националниот суверенитет на Украина, на крајот на краиштата и ЕУ е опасност за суверенитетот на Полска.“  

За разлика од ставот на „елитите на ЕУ“, здравјето на Европа нема да се постигне со „централизирана супер-држава“, вели полскиот премиер. Зашто, на тоа ќе се спротистават европските нации. Глобалната водечка улога Европа може да ја постигне само со рамнотежа на сили преку целиот континент и со нејзино проширување како на Западен Балкан, така и на Украина.

И во оваа прилика Моравјецки предупреди на опасноста од проширување на војната во Украина и на други држави во Европа и го истаакна НАТО како брана за такви обиди. Но, во Хајделберг исто така ја нападна политиката на Германија со зборови дека „оние кои со години ги финансираа руските подготовки, ја разоружуваа Европа и ги силеа послабите држави на партнерство со Русија, сносат соодговорност за војната во Украина.“

Моравјецки пречекан од Винфрид Кречман, покраински премиер на Баден-Виртемберг и ректорот на Универзитетот во Хајделберг, Бернхард АјтелФотографија: Uwe Anspach/dpa/picture alliance

Што всушност се нуди?

Колку и да може да се дискутира околу ставот на полскиот премиер, на Сендхарт најмногу му пречи што Моравјецки во својот говор приговара и обвинува, но всушност не нуди никаква конкретна алтернатива: „Можеше да рече: ‘без оглед на сите разлики, сега е важно Полска и Германија заеднички да соработуваат во воените и одбранбени области.' Но, не се чу никаков друг проект, никаква иницијатива каде би можело веднаш да се дејствува.“

Наместо тоа, полскиот премиер уште еднаш ѝ наложи на Германија да ѝ плати „репарации" на Полска за воените разорувања во Втората светска војна. Во спротивен случај, колку и да е потребно, помирувањето на двете земји нема да биде можно. И тоа е сосем спротивно на ставот на Берлин, дури и користењето на изразот „воени репарации.“

Вкупниот впечаток од говорот на полскиот премиер, со неговите националистички повици и напади врз Брисел и Германија, за Сендхарт значи дека Моравјецки во Хајделберг всушност ѝ се обраќаше на својата публика во Полска. Зашто, сето тоа едвај може да се нарече некаква визија за Европа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми