1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полуобразованоста, инфодемијата и интернетот

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
24 јули 2023

Перфидноста на производителите на теориите на заговор е во тоа што тие им нудат на уплашените луѓе нова митологија, црно-бела митолошка слика, во која од сите страни за обичните луѓе демне злото. Пишува Кица Колбе

Многу онлајн корисници стануваат лесен плен на производителите на теории на заговор, посебно воочливо тоа беше за време на пандемијата на коронавирусФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Уште 1959-тата Т.В.Адорно укажа во прочуениот есеј „Торијата на полуобразованоста” (Die Theorie der Halbbildung) на една од најважните разлики помеѓу тоа што граѓанската култура на деветнаесеттиот век го нарекуваше „образованост” (Bildung) и „полуобразованост”(Halbbildung). Тој беше првиот кој овој поим го разгледа во поширок социолошки контекст, пред се‘, со оглед на модерната „културна индустрија“, односно, масовната култура. Во неа, според него, полуобразованоста се пројавува како „делумна информираност“, како знаење без расудување, во модусот: „тоа е така“. Модерните технологии, особено интернетот и социјалните мрежи, ги потврдија меланхоличните прогнози на Адорно за ерата на полуобразованоста. Особено „теориите на заговорот“ не би можеле да постојат без таа плодна почва кај нивните консументи – полуобразованоста како недиференцирано мислење. Адорно тој феномен го нарекуваше и „псевдомитологија“ која, според него, прво беше типична само за американското општество,а потоа со масовната култура се прошири и во Западна Европа. Сликата за светот во таа „псевдомитологија“ во голема мера е изградена врз стереотипи и полувистини. Тоа веројатно беше нуклеусот и за денешните „лажни вести“ (fake news).

Нови „готови вистини“

Еден од модерните феномени кои се поврзани со полуобразованоста на корисниците на интернетот се нарекува „инфодемија“. Таа го достигна својот процут во пандемијата на короната,кога вистински ураган од лажни вести и теории на заговор го преплави интернетот. Творците на безбројните теории на заговорот го ползуваа стравот и несигурноста на луѓето во пандемијата. Тие им сугерираа на своите симпатизери еден вид „псевдокритичност“. Додека за Кант просветителството започнува со тоа што човекот ја напушта својата „незрелост“ или „неполнолетност“, во која тој не мислеше со сопствениот разум, туку веруваше во „готови вистини“ или догми, теориите на заговорот му нудат на човекот нови „готови вистини“, чиј „творец“ останува скриен во „мракот“ на мрежата од информации. Употребата на разумот како критичко средство за мисловна еманципација кај Кант, теориите на заговор ја манипулираа во оружје за повторно „самозаробување“ на разумот. Во пандемијата теориите на заговор го уверуваа просечниот, медицински полуобразованиот читател дека нему му е доволен неговиот здрав разум за да одлучи што е вистината за пандемијата. Просветителството повикуваше на диференцирано, критичко преиспитување на информациите со силата на разумот, додека „инфодемијата“ нудеше „препариран наратив“, приказна за големата завера на науката и политиката која стоела зад пандемијата. Всушност, „креаторите“ на теоријата на заверата својата свесна „завера“ против науката и‘ ја припишаа на науката и на медицината.

Страв и пак страв

Зошто социјалните мрежи станаа најплодната почва за ширењето на теориите на заговор, но и на новите екстремно десни и неофашистички идеологии? Затоа што состојбата во светот е денес толку сложена и противречна, што за голем број луѓе е тешко да создадат „слика за светот“ со сопственото критичко мислење. Притоа, се‘ подраматичните настани во светот на луѓето им создаваат егзистенцијален страв кој е сличен на митолошкиот страв на луѓето во предмодерното време. Перфидноста на производителите на теориите на заговор е во тоа што тие им нудат на уплашените луѓе нова митологија, црно-бела митолошка слика, во која од сите страни за обичните луѓе демне злото.

Кица Колбе: Дури и во посериозните македонски онлајн-весници „бодат очи“ бомбастично презентираните лични трагедии, како и банални приказни за убиства, кражби и прељуби, но недостигаат есеи, анализи и фељтониФотографија: Privat

Всушност, теориите на заговор некритичките корисници на интернетот не ги ослободуваат од стравот од светот, туку им го зголемуваат. Тие не го еманципираат читателот, туку го прават заробеник на сопствениот страв, кој во приказните за заговорот станува доминантен наратив, мит и бајка. Зошто просечните корисници не ја препознаваат перфидната шема зад теоријата на заговор? Затоа што во неа откриваат нешто што веќе го познаваат – стравот од катастрофата, стравот од необјаснивиот, комплексен свет во кој живеат. И тоа поклопување со нивниот страв им станува гаранција за вистинитоста на приказните за заговорот на „злите сили“ против нив. Таквите корисници дејствуваат како автомати. Тие примаат се‘ „здраво-за готово“ и не се ни обидуваат да ја преиспитаат приказната и да ја споредат со други критички информации за истата тема. Затоа не им паѓа в очи дека во сите теории за заговори „виновниците“ се вечно истите, познати од минатото: Евреите, бегалците, емигрантите. Луѓето кои се различни од нив самите по етничка, религиозна, полова, родова или расна основа.

Онлајн-читателот „голта“ информации кои немаат „тежина“

Интернетот, од своја страна, го култивира расеаниот читател, кој ги голта приказните, без да размислува, додека јаде или седи во кафеана. Читањето весник порано беше вистински ритуал, затоа што весникот се читаше со внимание. Не само заради свесниот избор токму на тој весник според одредени критериуми, туку и затоа што весникот се купуваше, затоа не се фрлаше пред внимателно да се прочита.

#dw_BalkanBooster: Теории на заговор

02:00

This browser does not support the video element.

Денес за половина час во интернетот може да се „разлистаат“ неколку онлајн-портали. Разликата меѓу печатениот весник и онлајн-порталите е брзото губење на веста од мониторот кај вториве. Актуелните вести остануваат кусо време во видното поле на корисникот на онлајн-порталите. Дури и по некој ден да посака да провери некоја вест, тој брзо ќе се откаже од тоа, затоа што треба да умее да ја најде. Во печатените весници тој постојано имаше можност да ја препрочита веста, што се‘ уште одговараше на критериумите на смосвесното и критичко читање и размислување. Онлајн-читателот, всушност, „голта“ информации кои немаат „тежина“, затоа што не може да се фатат „в рака“. Тоа уште повеќе ја зголемува полуобразованоста на просечните корисници на онлајн-порталите, кои за ниту еден настан немаат опширен извештај, затоа што самите читатели не сакаат „долги текстови“. Маѓепсаниот круг станува затворен систем, создаден од полувистини, лажни вести, теории на заговор или само сензационални вести за насилства, катастрофи, убиства и злочини. Погледајте ги само за миг критички дури и посериозните македонски онлајн-весници, за да може веднаш да согледате дека „бодат очи“ бомбастично презентираните лични трагедии, како и баналните приказни за убиства, кражби и прељуби, но недостигаат есеи, анализи и фељтони, кои порано беа „храната“ за вистинските сладокусци во читањето весници.

За жал, ваквите онлајн-портали го обликуваат мислењето на просечниот корисник на интернетот. Онаму каде што културата на читањето книги и весници никогаш не била многу развиена, со полуобразованоста и со инфодемијата перфидно се служат тоталираните режими за да ја пласираат својата „пропагандна“ слика на светот. Тоа го објаснува и подемот на екстремните десничарски и неофашистички партии и во многу земји во ЕУ. „Кујните“ во кои, како во бајките за „злите маѓепсници“, модерни невидливи „маѓепсници“ готват приказни за „катастрофата“ која се заканува да го уништи рајот на богатите европски општества, најчесто се надвор од границите на ЕУ. Со тоа што овие теории на заговор во своите приказни ги претставуваат како опасност основните вредности на европската демократија, тоталитарните невидливи центри на моќ ги употребуваат какоевтина војска против европската демократија токму тие некритични корисници во европските општества, кои им веруваат затоа што имаат дифузен страв дека некој може да ја загрози токму нивната демократија. Дека тоа се тие самите со нивното некритичко прифаќање на приказните за заговор, ним би им се причинило како нова теорија на заговор.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми