На претходните администрации на САД им требаа 20 години и трилиони долари за во Авганистан да ги заменат талибанците со талибанците. Сега, за помалку од две недели и по неспоредливо пониска цена, сегашната администрација го замени Хаменеи со Хаменеи. Заклучок: ова е најефикасната администрација на САД во историјата.
Домашната политика никогаш не била имуна на воена операција како обид за дефокус од интерните проблеми на политичките елити. По таа логика, да претпоставиме дека целите на кампањата во Иран се (1) да се подобрат рејтинзите на администрацијата во пресрет на изборите во ноември, вклучително да се оттргне внимание од проблематичниот домашен дискурс, (2) да се обезглави иранскиот воен капацитет, вклучително нуклеарната програма, и (3) да се промени режимот во Иран, со што би се стабилизирал регионот, но и светската понуда на нафта и енергенси (иако последново напати се потврдува и порекнува од официјални лица). Тешко е да се анализира точно кои се целите, зашто изјавите околу напредокот и крајната стратегија за воената операција изгледаат како да се сочинуваат по дневен хороскоп, но по таа логика, вака би изгледал тој хороскоп: за домашен дефокус – „ѕвездите ви се насмевнуваат“, за воено обезглавување – „ѕвездите ви намигнуваат“, но за промена на режим и стабилизација – „ѕвездите умираат од смеа“.
Успех и неуспех
За првата цел, дури и ако претпоставиме дека домашен дефокус е делумен мотив за воената операција, и дека тоа е успешно: факт е рејтинзите за изборите во ноември и фајловите на Епстин се веќе далеку подолу на медиумските агенди, повторно, таквата стрегија е, во најдобар случај, привремена, и брзо преминува во секундарна варијабла. Војната многу брзо добива сопствен живот: ковчези, скокови на цената на нафтата, паника на пазарите и берзите, нервози и несогласувања кај сојузниците, медиумски кадри од цивилни жртви. Откако тоа ќе се случи, а веќе се случува, часовникот престанува да работи за вас. По некои информации, бројот на загинати надминува 2,000 досега, со над 1,100 убиени или ранети деца (според УНИЦЕФ), повторно скок на нафтата над 100 долари, и покрај рекордните ослободувања од стратешки резерви за да се амортизира недостатокот. Да не зборуваме за инфлаторните шокови кои се очекуваат во светската економија. Тоа не е амбиент за уредна, телевизиски спакувана „победа“. Значи, дури и успех по првата точка, може лесно да се претвори во неуспех.
Победа и пораз
Што се однесува до втората цел, најверојатниот развој, според мене, е во три чина. Првиот чин е оној што веќе го гледаме: интензивна воздушна кампања, ликвидации на команден кадар, уништување на поморски и ракетни капацитети, крајно - обид Иран да биде доведен да не може веќе да проектира сериозна воена сила во регионот. Тоа веќе, релативно ефикасно, се случува. Вториот чин е иранската контра-игра: тука ситуацијата станува проблематична, зашто Иран има стратешка предност во смисла на тоа дека не мора да води симетрична војна, туку доволно е да ја направи операцијата болна и долга – удари по бази, напади на транспорт, танкери, економски центри во регионот, особено теснецот Ормус. Ако се покаже точно дека Иран веќе поставил мини во теснецот, тогаш овие напади врз танкери и трговски бродови брзо ќе не доведат до еден неизбежен заклучок: Техеран не мора да победи на бојното поле – доволно е да ја направи цената на американската „победа“ толку висока што декларативната победа ќе стане де факто пораз. Третиот чин ќе биде, неизбежно, политички: Вашингтон ќе мора да избира меѓу две лоши опции – или да прогласи (најверојатно во 3:00 после полноќ на Х) дека мисијата е исполнета, и да се повлече без промена на режим, или да влезе во теренска, отворена, долга војна и најверојатно една деценија нестабилност во регионот.
Отпорноста на режимот
Третата цел, промена на режим од воздух, од оваа перспектива, повеќе личи на слоган, а не на стратегија. Сите индиции говорат дека „кршењето кичма“ на иранската воена машина, нема директно влијание на режимот – напротив, изгледа дека тој останува кохезивен и, ако е тоа возможно, уште помилитантен одошто досега. Дури и израелски извори наведуваат дека нема гаранции дека бомбардирањето ќе резултира со внатрешен распад на системот. Тука има две опции: вистински внатрешен бунт, заштитен од некаква меѓународна воена сила на терен, или целосна копнена компонента, што веќе не е „казнена операција“, туку влез во мочуриште, во споредба со кое Виетнам ќе изгледа како пикник. Оттаму повиците, прво кон локалното население „земете ја судбината во свои раце“. Тешко, кога населението е истовремено под бомби и под закана од сопствената држава. Во таква ситуација, шансите за револуција се минимални. Неуспешен беше и обидот да се регрутираат Курдите во таква операција, што ги остава Израел или САД како единствени кандидати за теренско распоредување, што би имало огромна политичка цена дома за двете држави.
Затоа, најверојатните два епилога не се многу оптимистички, зашто водат кон еден ист, мачен заклучок. Без оглед дали брзо ќе се прогласи каква-таква победа и ќе се напушти регионот оставен во хаос, или воениот ангажман ќе трае до недоглед со спорадични ескалации, резултатот е ист: тешко е да се очекува стабилизација (воена, политичка, но најнапред економска) во брзо време. Затоа, полнете резервоарите, зашто и на Русија треба да ѝ се помогне со купување нафта, нели?
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
