1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Поморската блокада на Трамп - економски притисок врз Иран

14 април 2026

Американската поморска блокада ќе го прекине главниот извор на цврста валута на Иран со запирање на поголемиот дел од извозот на нафта. Дали притисокот на Трамп ќе го принуди Техеран да се врати на преговори?

Носачот на авиони „УСС Двајт Д. Ајзенхауер“ и други воени бродови го преминуваат Ормускиот теснец и влегуваат во Персискиот Залив, 26.11.2023
Блокадата на американската морнарица, објавена од претседателот Доналд Трамп, започна во понеделникот (13.04.2026)Фотографија: Ruskin Naval/U.S. Navy/AP Photo/picture alliance

Како ќе функционира блокадата на иранската нафта од страна на Трамп?

Откако пропаднаа мировните разговори меѓу САД и Иран во Пакистан, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската морнарица ќе ги блокира бродовите што влегуваат или излегуваат од кое било иранско пристаниште или крајбрежен објект преку Ормускиот Теснец.

До почетокот на војната кон крајот на февруари, една петтина од светската трговија со нафта по морски пат поминуваше низ Ормускиот Теснец, воден појас помеѓу Персискиот Залив и Индискиот Океан.

Доколку блокадата биде успешна, таа би го пресекла главниот извор на приходи на Иран со запирање на неговиот извоз на нафта од речиси 2 милиони барели дневно — потег за кој Трамп смета дека ќе го принуди Техеран да се врати на преговарачката маса.

Американски функционери изјавија дека целта е да му се одземе на Иран влијанието стекнато од неговата контрола врз овој воден пат, кој Техеран практично го затвори кога започна војната, оставајќи заглавени стотици танкери за нафта и гас.

Трамп ја претстави блокадата и како начин да се спречи Техеран да наплатува до 2 милиони долари (1,71 милион евра) по пловило за безбеден помин низ теснецот, пренесуваат медиумите.

„Никој што плаќа нелегална патарина нема да има безбеден помин на отворено море“, напиша Трамп во неделата на Трут Соушл, додавајќи дека американската морнарица исто така ќе „почне да ги уништува мините што Иранците ги поставија“ во теснецот.

Американската Централна команда (CENTCOM), која ги раководи воените сили на Вашингтон, соопшти дека блокадата нема да влијае врз пловилата што патуваат до и од неирански пристаништа — како Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Како американската морнарица ќе ја спроведува блокадата?

CENTCOM соопшти дека блокадата ќе се „спроведува во Оманскиот Залив и Арапското Море источно од Ормускиот Теснец“ и ќе го опфати „целокупното иранско крајбрежје … не ограничувајќи се само на пристаништата и нафтените терминали“.

Во известувањето се вели: „Секое пловило што влегува или излегува од блокираната област без одобрение подлежи на пресретнување, пренасочување и заплена.“

Експерти по поморско право изјавија дека спроведувањето ќе се потпира на стандардни поморски процедури познати како право на посета и претрес, при што американски воени бродови ги запираат и проверуваат танкерите и можат да ги пренасочат доколку има сомневања дека пренесуваат иранска нафта.

Иако користењето на „посета и претрес“ постои како преседан во поморското војување, неколку експерти предупредија дека тоа со себе носи и ризик од влегување на спорна територија според поморското право, што би влијаело врз неутрални бродови и долгорочно би го пореметило критичниот меѓународен теснец.

Во рок од неколку часа по најавата на Трамп, оскудниот сообраќај на танкери во теснецот повторно беше запрен, се вели од компанијата за поморски податоци Lloyd’s List Intelligence.

Колку брзо блокадата би можела да го погоди извозот на нафта на Иран?

Американската блокада би можела драстично да ја намали способноста на Иран да товари и испорачува сурова нафта од својот главен извозен терминал, островот Харг во Персискиот Залив, преку кој поминуваат повеќе од 90% од извозот на нафта на земјата.

Иран продолжува да извезува нафта и покрај меѓународните санкции поврзани со неговата нуклеарна програма, потпирајќи се на т.н. флота на танкери во сенка, користејќи трансфери од брод на брод во близина на Малезија и други тактики за избегнување санкции.

Иран продолжува да извезува нафта и покрај меѓународните санкции (фото: нафтени танкери во Ормускиот Теснец)Фотографија: Altaf Qadri/AP Photo/picture alliance

САД исто така му имаа дадено на Иран привремена дозвола да продава нафта како мерка за стабилизирање на пазарите за време на тековниот конфликт.

Новата поморска блокада треба да ги направи сето тоа далеку поризично и помалку веројатно, бидејќи операторите се соочуваат со можност американска војска да им се истовари на танкерот, да го пренасочи, па дури и да го заплени.

Минатата година, извозот на иранска нафта изнесувал околу 45 милијарди долари, или 13% од БДП на земјата, велат податоците на лондонската компанија Capital Economics. Бидејќи нема копнени нафтоводи за пренасочување на снабдувањето, Иран има малку други опции за извоз освен преку море. Дури и неговиот извозен терминал Џаск во Оманскиот Залив би можел да биде претресуван од страна на американската морнарица.

Континуираниот американски притисок би можел брзо да го принуди Техеран да се врати на преговарачката маса бидејќи ги губи овие приходи.

Дали блокадата би можела да доведе до поширок конфликт?

Заканата на Трамп за блокада беше дочекана со закани за одмазда од страна на Иранската револуционерна гарда.

Таа изјави дека доколку иранските пристаништа се соочат со ограничувања, „ниедно пристаниште во Заливот и Оманското Море нема да биде безбедно“, што ги зголеми стравувањата од напади врз енергетската или бродската инфраструктура во соседните земји од Заливот.

Ебрахим Резаи, портпарол на Комисијата за национална безбедност на иранскиот парламент, исто така предупреди дека Техеран е подготвен да одговори воено доколку е потребно.

„Тоа ќе ја направи сегашната ситуација во која се наоѓа [Трамп] покомплицирана и ќе го направи пазарот — за кој тој е лут — уште понестабилен“, напиша Резаи на платформата X. „А можеби ќе откриеме и други карти што сè уште не сме ги искористиле во играта.“

Револуционерната гарда на Иран дека доколку иранските пристаништа се соочат со ограничувања, „ниедно пристаниште во Заливот и Оманското Море нема да биде безбедно“ Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Неколку американски експерти го доведоа во прашање потегот на Трамп, велејќи дека можеби ги вовлекува САД во воена обврска без јасен крај.

„Трамп сака брзо решение. Реалноста е дека оваа мисија е тешка за самостојно спроведување и веројатно неодржлива на среден до долг рок“, изјави за агенцијата Ројтерс, Дејна Строул, поранешен висок функционер во Пентагон за време на администрацијата на Бајден.

Нил Ширинг, главен економист на Capital Economics, напиша дека блокадата „можеби е наменета и да изврши притисок врз Пекинг да игра поактивна улога во посредувањето за прекин на огнот и повторното отворање на целосните трговски текови низ теснецот“.

Покрај Иран, Кина економски би претрпела најголеми загуби од блокадата, бидејќи во последните години купувала 80–90% од иранскиот извоз на сурова нафта по морски пат.

Ширинг, исто така, се праша дали американската морнарица би запленила сојузнички бродови што плаќале патарини на Техеран или кинески пловила во теснецот, велејќи дека и едното и другото би претставувало „значајна ескалација“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми