Земјотрес: Сирија и Турција ќе добијат помош од ЕУ
9 февруари 2023Службениците од Центарот на ЕУ за цивилна заштита во една од зградите на Европската комисија седат пред монитори и географски карти. Во оваа мала сала се прибираат сите информации - каква помош е потребна и што можат да придонесат 27-те членки и 8 други европски земји? Со денови тука се координира помошта за настраданите во земјотресот во Турција. Претходно најголема задача за службениците беше поддршката за Украина која минатата година беше нападната од Русија.
36 спасувачки тимови на пат
Сега се прибираат барањата од институциите и хуманитарните организации во Турција и понудите од поединечните земји. Соработниците во Брисел упатуваат и конкретни барања до различни организации, противпожарни служби, полицијата или војските во земјите членки за да овозможат нивни ангажман.
Во меѓувреме 20 земји членки и три други европски држави ставија на располагање 36 спасувачки тимови, што се околу 1500 лица и 100 кучиња трагачи. Околу половина од овие сили според податоци на Европската служба за цивилна заштита, веќе пристигнале во регионот во Турција погоден од земјотресот.
Најважна е координацијата со турските сили и хуманитарците од други делови од светот, рече еврокомесарот Јанез Ленарчич, во средата во Брисел. Понудите за помош секој час се намножуваат бидејќи и димензиите на катастрофата во Турција и во Сирија се сѐ поголеми. Властите во Турција проценуваат дека има близу 13.000 загинати, а во Сирија повеќе од 3.000 мртви. Десетици илјади лица се повредени. Европската комисија има сопствен тим за координација стациониран во Турција кој соработува со локалните власти, аеродроми, логистика и хуманитарни организации.
Сирија ја замоли ЕУ за помош
По првичната воздржаност, и режимот на сирискиот властодржец Башар Ал-Асад замоли за помош во Европската служба за цивилна заштита, соопшти ресорниот еврокомесар Ленарчич. „Листата на потребна помош за Сирија е многу долга”, рече тој и додаде дека потребни се трагачи и спасувачи, медицинска опрема и испорака на прехранбени производи. „Ги охрабруваме членките на ЕУ и тука брзо да испорачуваат помош”, нагласи еврокомесарот. На владата во Сирија која заради граѓанската војна е обременета со санкции од ЕУ, ќе и се даде помош во оваа итна ситуација, тврдат европски дипломати. Цивилната заштита на ЕУ не зазема страна и во катастрофите не прашува за политика.
Нејасно е како ќе бидат снабдени со помош посебно погодените од земјотрес региони на северозападот на Сирија каде што се востаниците. Од Обединетите нации посочуваат дека улиците кон единствениот граничен премин отворен за хуманитарна помош, Баб-ал-Хава, меѓу Турција и Сирија се многу оштетени и дека уште пред земјотресот имало околу четири милиони сириски бегалци од двете страни на границата кои зависат од прехрамбените производи од хуманитарната помош.
Санкциите не ја спречуваат помошта
Еврокомесарот Ленарчич гарантираше дека од испораката на помош од ЕУ ќе профитираат само луѓето во Сирија, а не и режимот. „Многу внимателно ќе следиме што се случува", рече тој. Обвинувањата од Сирија дека меѓународните санкции спречуваат хуманитарна помош за настраданите во земјотресот, Ленарчич категорично ги отфрла и за ДВ вели: „Не постои ништо што би можело на било кој начин да ја спречи испораката на химанитарна помош”.
Санкциите се насочени против богатството на членови на владата, фирми кои профитирале од војната, како и против увоз на опрема која може да биде користена за потчинување на народот. Притоа се мисли на полициска и опрема за надзор на телекомуникациите. Покрај тоа ЕУ забрани увоз на нафта од Сирија, како и државни обврзници.
Следен чекор: шатори и ќебиња
Турција сега се спрема за втората фаза за помош, по непосредните акции за спасување и извлекување луѓе од урнатините. Турските власти во ЕУ замолија за испорака на ќебиња, шатори, печки, греалки и медицински материјал за да може да бидат згрижени десетици илјди бездомни и повредени лица. „Пратката ќе ја испратиме во најкраток можен рок", вети еврокомесарот Ленарчич.