1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплави во БиХ: Сѐ повеќе жртви, но и прашања

Вера Солдо
5 октомври 2024

Размерите на страдањата во поплавите и одроните сѐ уште не се познати. Но, загубени се десетици животи. Сè почесто се поставува прашањето дали можело да се направи повеќе за превенција.

Босна и Херцеговина Долна Јабланица поплави
Поројната вода буквално ги претвори домовите на жителите на Долна Јабланица во последни почивалиштаФотографија: Mountaineering Association Prenj Glogosnica 1979

Од Босна и Херцеговина доаѓат апокалиптични слики на страдање и уништување предизвикани од поплави и лизгање на земјиштето. Досега е потврденo дека има 18 жртви, а се трага по уште околу 40 лица. Многу е тешко во Фојница, каде што има и жртви, во Кисељак, местата околу Коњиц, а најтешко е во Долна Јабланица, каде во надојдената вода и стотиците тони камења и земја исчезнаа цели семејства.

Уништени се патни и железнички врски, а сообраќајот од Мостар кон Јабланица е целосно блокиран. Во некои области нема струја, а отежнати се и телекомуникациските врски.

Размерите на страдањето на населението и материјалната штета, како што се проценува, ќе го надминат размерот на поплавата во 2014 година што ја погоди Босна и Херцеговина. По првичниот шок, се поставуваат прашања - можеше ли да се направи повеќе за да се спречи и ублажи оваа најголема повоена катастрофа во Босна и Херцеговина?

Ужас

Тешко е да се замисли ужасот што го преживуваа жителите на Кисељак, Фојница, Коњиц, Јабланица, а особено најтешко погодената Долна Јабланица во ноќта меѓу 3 и 4 октомври. Подивената вода по обилните дождови уништуваше сѐ пред себе. Тешко е да се замисли сцената на див порој кој татне носејќи тони земја и камења кон семејните куќи, ги закопува и буквално ги претвора во последни почивалишта.

„Куќа се гради и поправа, но животите не можат да се надокнадат“, вели потресено жителка на Јабланица, давајќи изјава за новинарски тим од Сараево, додека во исто време пристигнуваат информации за жртви и неверојатни приказни за преживеаните, за уништените куќи и загубените животни.

„Никогаш не сум видел вакво нешто“, изјави еден од членовите на спасувачката служба подготвувајќи се за интервенција во погодената Долна Јабланица.

Долна Јабланица по поројот Фотографија: Mountaineering Association Prenj Glogosnica 1979

Поради сообраќајната отсеченост и полициска забрана, со исклучок на припадници на планинските служби и цивилна заштита и тешка механизација, од правец на Мостар не е можно да се дојде до погоденото подрачје. Тешко е да се процени кога ќе се рехабилитираат патиштата и железницата и ќе се обнови сообраќајот, па сообраќајот се насочува по алтернативни правци Сараево-Нови Травник-Ростово-Бугојно-Купрес-Томиславград-Посушје-Мостар или Сараево-Фоча-Тјентиште- Гацко-Мостар.

Оневозможен е и железничкиот сообраќај - на една делница железничките пруги буквално останаа да лебдат во воздух откако водениот порој ја однесе земјата под нив.

Во Федерацијата Босна и Херцеговина е прогласена состојба на природна катастрофа, соседните земји како Хрватска и Србија нудат помош, а претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, ги повика земјите од ЕУ и региониот да ѝ пружат итна помош на БиХ. На собирање помош апелираат и многу други хуманитарни организации и здруженија, болниците повикуваат на дарување крв... И сѐ погласно е прашањето - дали поплавата можеше да се дочека поподготвено, а катастрофата да се ублажи.

Големи штети на патната и железничката инфраструктураФотографија: Vera Soldo/DW

„Доцна е да се зборува за превенција“

Агенцијата за водното подрачје на Јадранско Море, со седиште во Мостар, на 2 октомври објави предупредување за прогноза на вонредна хидролошка состојба поради очекуваните обилни врнежи. Во известувањето за прогноза за можно зголемување на водостоите и за појава на можни порои беа опфатени општините и градовите: Коњиц, Јабланица, Мостар, Чапљина, Груде, Љубушки, Широк Брег. Слично предупредување беше испратено и од Агенцијата за водното подрачје на реката Сава.

Вицепремиерот на ФБиХ, Војин Мијатовиќ, на вчерашната вонредна прес-конференција се обиде да одговори на прашањето дали е земено предвид ова предупредување.

„Ќе ги испитаме сите околности и евентуалната одговорност на секој кој требало да ги алармира институциите. Мислам дека клучното прашање денес не е да 'лешинариме' над кого било, туку да се обидеме да спасиме што повеќе животи, а потоа ќе утврдиме многу јасно чија е одговорноста за превенција или не“, рече Мијатовиќ.

Долна Јабланица, 4.10.2024Фотографија: Mountaineering Association Prenj Glogosnica 1979

Малку поконкретен одговор даде Алдин Брашњиќ од Федералната управа за цивилна заштита (ФУЦЗ), кој потврди дека веднаш го контактирал градоначалникот на Јабланица за превентивни мерки.

„Цивилната заштита на нашите општини е прилично лоша за работа на некои превентивни мерки, особено кога катастрофата е веќе во тек. Превенцијата е нешто што се прави при убаво време, а не кога веќе треба да се преземат итни мерки за спасување, тогаш е предоцна да се зборува за превенција“, рече Брашњиќ, давајќи му сепак на сè призвук на критика на сметка на поранешната власт за катастрофата.

„Потфрли системот од претходните години и службите кои постојано треба да ги чистат речните корита и проодноста на патиштата. На тоа секогаш се потсетуваме кога ќе дојдеме во ваква ситуација“, смета првиот човек на ФУЦЗ.

Прекината е и патната комуникација меѓу Сараево и МостарФотографија: Vera Soldo/DW

Страшен удар на поројна вода и стотици тони камења

Меѓу многуте политичари и функционери кои вчера ја посетија Долна Јабланица беше и министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ. Тој во изјава за медиумите рече дека тоа е една од најтешките слики што ги видел во животот. Но, јавно го спомна и она за што веќе наголемо се „шушка“.

„Стотици тони камења од блискиот каменолом зададоа страшен удар на целата населба. Дел од населбата е уништен од камен одрон, а друг од поројна вода бидејќи каменоломот направил еден вид брана и ја пренасочил водата во долината, каде што имаше 20-тина куќи и ги поплави со 13 метри длабока вода“, рече Конаковиќ за состојбата во погодената Долна Јабланица.

Тој вели дека не сака да политизира, особено во предизборен период, но треба да се испита дали катастрофата е резултат на неверојатна сила на природата или има и други влијанија.

Ова покренува многу прашања - неконтролирано сечење на шумите и ерозија на почвата, изградба на стопански и приватни објекти во области кои се подложни на одрони и поплави, мали хидроцентрали на реки и.т.н. Од кого да се побараат одговори и дали се почитува зборот на експертите?

Дали комплицираната државна управа во Босна и Херцеговина може да покрене соодветни превентивни планови и да го подигне нивото на подготвеност за вакви природни катастрофи?Фотографија: Mountaineering Association Prenj Glogosnica 1979

„Властите дефинитивно имаат одговорност“

Доц. д-р Един Хреља од Природно-математичкиот факултет во Сараево многу јасно вели: „Властите дефинитивно имаат одговорност кога станува збор за поплави од причина што не преземаат никакви активности во таканаречениот меѓупоплавен период“.

Тој смета дека треба повеќе да се вклучат експертите кои се занимаваат со оваа проблематика за да се дадат насоки за превенција и идентификација на зоните кои потенцијално можат да бидат зафатени од поплави.

„Како и секогаш кога се случуваат катастрофи, дури тогаш почнуваме да зборуваме за тоа. Како за време на поплавите во 2014 година, а истото важи и за загадувањето на воздухот, недостигот на вода, климатските промени... За жал, стручноста многу често не се почитува, се градат објекти онаму каде што не треба да се градат“, коментира за БХРТ1 професорот Хреља.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми