1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГерманија

Поплави во Германија: Ситуацијата е и натаму лоша

Тагесшау | ЕМФ
5 јуни 2024

Ситуацијата во некои поплавени региони во Германија малку се смирува, но има региони каде нивото на водата е сѐ уште високо. Работите сѐ уште се далеку од нормални, иако водата почнува полека да се повлекува.

Deutschland | Hochwasser in Bayern | Passau
Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Во борбата против поплавите во јужна Германија во текот на ноќта повторно беше вршен надзор над насипите. Не се откриени значителни штети или пробиви. Сепак, ситуацијата останува критична, особено во источна Баварија, иако нивото на водата полека почнува да паѓа на одредени места по течението на Дунав. Нивото на водата во Пасау и Регенсбург изутринава (5.06) сè уште беше на највисокото ниво. И покрај тоа што се чини дека ситуацијата на многу места полека се смирува, се стравува дека поради неколкуте случаи на исчезнати лица може да има уште смртни случаи покрај петте веќе потврдени жртви од поплавите.

Ситуацијата во Регенсбург и натаму е напрегната

Во баварскиот град Регенсбург вчеравечер беа евакуирани куќи од улица покрај Дунав, бидејќи постои опасност заштитните ѕидови да се лизнат поради тоа што земјата е мека. Поради високото ниво на подземните води, почвата на дунавските острови е влажна и сунѓереста „како желе“, изјави градоначалничката Гертруд Малц-Шварцфишер.

Поплави во Пфаферхофен ан дер ИлмФотографија: Jason Tschepljakow/dpa/picture alliance

Според портпаролка на градот, ситуацијата останала тензична до раните утрински часови. За Регенсбург, Службата за известување за нивото на водата (ХНД) изутринава соопшти дека нивото на водата е над шест метри - нормално е тоа да биде околу три метри.

Нивото на водата во Пасау полека опаѓа

Сотстојба на катастрофа беше прогласена и низводно, во Пасау, каде заедно течат Дунав, Ин и Илц. Неколку улици и плоштади во градот се затворени поради поплави. До раните утрински часови, на насипите не беа откриени никакви оштетувања или пробиви, изјави портпаролот на полицијата на Долна Баварија. Но, тоа не може да се исклучи во иднина.

Поплавени се делови од старото градско јадро на Пасау Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Според градската управа во Пасау, максимумот на нивото на водата на реките Дунав и Ин е достигнат- сега нивото благо опаѓа. Според ХНД, нивото на водата во Дунав вчеравечер било околу 9,70 метри. Нормалните нивоа на водата таму се околу шест метри. Нивото на водата на Ин падна од седум метри на нешто под 6,70 метри. Градската управа соопшти дека се очекува во следните неколку часа нивото на водата да продолжи да опаѓа. Но, нивото на Дунав ќе паѓа побавно. Голем број улици и плоштади во Пасау се веќе затворени поради поплавите. Наставата е откажана. Освен тоа, делумно е прекинат и локалниот јавен превоз.

Пасау, 5.06.2024Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Помалку дожд, но и натаму тешко

Според Германската метеоролошка служба (ДВД), денеска и утре се очекуваат нови врнежи и грмотевици во Баварија, но обилен дожд е веројатен само на источниот раб на Алпите. Управата на регионот Дунав-Риз предупреди дека и покрај падот на нивото на водата на некои реки, водата би можела да продолжи да расте во областите кои се отворени.

Состојбата по течението на Дунав во Баварија сѐ уште е лошаФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

И во покраината Баден Виртемберг, според ДВД, утре се можни изолирани врнежи од дожд или грмотевици, но денеска би требало да остане главно суво. Таму, исто како и во поплавените подрачја во западна Баварија, започнаа операции на расчистување. Дури и ако ситуацијата полека се смирува, според портпаролката на местото Еберсбах ан дер Филс, „сè уште сме далеку од нормалноста“. На многу места, како и во Баварија, жителите, заедно со службите за итни случаи и волонтерите, се зафатени со расчистување на улиците, испумпување на водата од подрумите и отстранување на исфрлениот отпад.

Чамец за спасување во старото градско јадро во ПасауФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Исчезна пожарникар

Досега во поплавите во јужна Германија загинаа најмалку пет лица. Според баварското Министерство за внатрешни работи, има и неколку исчезнати лица - меѓу кои и 22-годишен пожарникар во Офинген. Спасувачите стравуваат дека се удавил. Младиот човек бил на брод за спасување на вода ДЛРГ во близина на границата со покраината Баден-Виртемберг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми