Никарагва со тужба против Германија пред МСП
2 март 2024Централноамериканската држава Никарагва поднесе тужба против Германија до највисокиот суд на ОН. Таа ја обвинува Сојузната Република за „овозможување на геноцид“ во Појасот Газа. Авторитарната држава го оправда својот потег со политичката, финансиската и воената поддршка на Германија за Израел и со откажувањето на финансирање на палестинската хуманитарна агенција УНРВА на ОН, како што соопшти Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг. Германија на тој начин не ја исполнува својата обврска да „направи сѐ што е можно за да спречи извршување на геноцид“, се наведува во поднесената апликација. Земјата повика на итна одлука против Германија.
По наводите дека вработените во УНРВА биле вмешани во нападот без преседан на исламистичкото движење Хамас врз Израел на 7 октомври, голем број големи земји донатори престанаа да придонесуваат за агенцијата за помош. Покрај Германија, тоа се САД, Велика Британија и Шведска.
Тужбата на Јужноафриканската Република
На крајот на декември, Јужноафриканската Република - како Никарагва, силен поддржувач на палестинските права, го тужеше Израел пред Меѓународниот суд на правдата за наводно прекршување на Конвенцијата за геноцид извршено во војната во Газа. Судот на ОН, во привремена одлука, нареди Израел да преземе заштитни мерки за да спречи геноцид. Другата итна жалба поднесена од Јужна Африка против Израел поради претстојната воена офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа е отфрлена.
Нападот на Хамас и одговорот на Израел
Стотици членови на терористичката организација Хамас влегоа во Израел на 7 октомври и извршија злосторства пред сѐ против цивили. Според израелските информации, тие убија повеќе од 1.100 луѓе, а киднапираа околу 250 како заложници во Појасот Газа. Како одговор на нападот на Хамас, Израел оттогаш презеде масовна воена операција во Појасот Газа, со декларирана цел да го уништи Хамас. Според податоците на Министерството за здравство на Хамас, кои не можат да се проверат независно, оттогаш се убиени повеќе од 30.000 луѓе.