1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Хаос на аеродромот во Бејрут

Мохамед Фархан
7 август 2024

Откако владите на повеќе земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан што е можно поскоро, редиците на аеродромот во Бејрут стануваат сѐ подолги. Голем број големи авиокомпании ги прекинаа своите летови.

Бејрут аеродром
Големите авиокомпании ги прекинаа летовите до и од БејрутФотографија: Houssam Shbaro/Anadolu/picture alliance

Откако голем број земји ги повикаа своите граѓани итно да го напуштат Либан, или како што соопшти американската амбасада во Бејрут - да се купи „секој достапен билет“, се зголемија гужвите на меѓународниот аеродром Рафик Харири, единствениот оперативен комерцијален аеродром во земјата. Тој се наоѓа во јужните предградија на главниот град на Либан, Бејрут.

Шведска, Велика Британија, Германија, Франција, Јордан и Саудиска Арабија објавија слични соопштенија, во кои им порачаа на своите државјани да го напуштат Либан, поради стравувањата дека зголемените тензии меѓу Израел и Иран може да резултираат со поширока војна,што ќе влијае на Либан.

Збунетоста и паниката меѓу патниците се совпаднаа со прекинот на летовите до и од Бејрут од страна на голем број авиокомпании, вклучително и германска Луфтханза, Ер Франс и буџетската авиокомпанија Трансавија. Кувајт ерлајнс исто така ги запре летовите, а Катар ервејс ги стави на пауза ноќните летови за Бејрут.

Многумина од луѓето заглавени на аеродромот објавија слики и видеа на социјалните мрежи.

„Требаше да тргнам вчера, но мојот лет беше одложен“, изјави за новинската агенција АФП една од потенцијалните патници, Сирине Хаким. 22-годишната девојка поминала три недели во Либан, била во посета на семејството, но морала да замине поради работни обврски.

И покрај конфликтот, либанската дијаспора си доаѓаше дома

Иако на границата со Израел речиси постојано имаше ракетен оган, тој немаше некое големо влијание на Либанците кои работат и живеат во странство, кои си доаѓаа дома.

Либан има голема дијаспора. Во земјата живеат околу 5 милиони луѓе, а дури 14 милиони Либанци живеат во странство. Многумина од нив редовно се враќаат во Либан и се чини дека тоа беше случај и оваа година.

Либанската управа за цивилно воздухопловство соопшти дека во јуни годинава пристигнале 400.000 луѓе, при што во Бејрут дневно доаѓале од 80 до 90 авиони. Во текот на истиот месец минатата година пристигнале околу 426.000 луѓе.

Повеќето од оние што пристигнаа оваа година се либански иселеници, истакнуваат аеродромските власти. Најмногу настрада туризмот. Пристигнувањата од Европа и Северна Америка се намалени за околу 17%, односно 15%, покажуваат статистичките податоци собрани во март оваа година.

Аеродромот функционира нормално

И покрај хаосот и конфузијата на аеродромот во Бејрут оваа недела, тој сè уште функционира нормално, потврди за ДВ Мазен Самак, шеф на Здружението на приватни пилоти во Либан. Аеродромот беше преполн, вели тој, но тоа најверојатно се должи тоа што многу амбасади истовремено побараа од своите граѓани да го напуштат Либан.

„Овие амбасади беа јасни за потребата од напуштање на Бејрут со првиот лет, што предизвика паника, бидејќи странските државјани сакаа да отпатуваат што е можно побрзо“, објасни Самак. „Кризата се влоши кога некои од авиокомпаниите ги прекинаа летовите кон Бејрут. Тоа потоа доведе до зголемување на побарувачката за билети за летовите кои сѐ уште се одвиваат, што потоа предизвика зголемување на цените на билетите“, нагласува тој.

Франција, Велика Британија, Италија, Турција и други побараа од своите државјани да го напуштат Либан додека сѐ уште има комерцијални летовиФотографија: Houssam Shbaro/Anadolu/picture alliance

Досега метежот и откажаните летови во Бејрут немаа никакво влијание врз воздушниот сообраќај во околните земји. Но, ако ваквата ситуација продолжи, тоа може да се промени.

„Ако воздушниот простор во Либан е затворен на краток период, тоа нема да влијае на воздушниот сообраќај на египетските аеродроми и, досега, сообраќајот до нашите аеродроми не е зголемен“, вели Калед Васел, менаџер за копнени операции во Каиро за Корендон ерлајнс.

Но, тоа не беше случај во април, кога аеродромите во Јордан, Либан и Ирак беа затворени поради ирански напад со беспилотни летала и ракети во Израел, потенцира тој. Нападот беше одмазда на Иран за израелскиот проектил кој го погоди комплексот на иранската амбасада во Дамаск, Сирија, при што загина висок ирански воен командант.

„Во тоа време, Египет не го затвори својот воздушен простор, така што имаше значително зголемување на воздушниот сообраќај овде“, објаснува Васел.

Овој конфликт може да предизвика катастрофа за воздухопловниот сектор во регионот, предупредува Зухаир Кашман, извршен директор на приватната авиокомпанија Џордан Авијација.

„Затворањето на воздушниот простор и пренасочувањето на летовите и маршрутите за патување - сето тоа може да доведе до економска катастрофа за авиокомпаниите, особено затоа што многумина сè уште се опоравуваат од пандемијата на Ковид-19“, објаснува тој.

Затворање е малку веројатно

Многу од патниците заглавени во Бејрут веројатно стравуваат од повторување на настаните од 2006 година. Тогаш, како одмазда за заробувањето на двајца израелски војници од страна на Хезболах, израелските авиони го бомбардираа аеродромот во Бејрут. Во тоа време, Израел соопшти дека тоа е затоа што аеродромот може да се користи за внесување оружје за Хезболах или за транспорт на киднапираните мажи надвор.

Либанската влада изјави дека не ги поддржува нападите на Хезболах и повика на итен прекин на огнот. Бомбардиран во јули 2006 година, а потоа блокиран од Израел, аеродромот во Бејрут потоа беше затворен до септември истата година.

Самак од Здружението на приватни пилоти не мисли дека аеродромот во Бејрут сега ќе биде затворен, освен ако не мора, на пример, ако биде бомбардиран.

„Не би било првпат да се затвори“, изјави тој за ДВ. „Во минатото луѓето сè уште наоѓаа начин да заминат, било преку Триполи или преку Џунија. Верувам, со оглед на околностите, дека дури и ако сега има потреба да се затвори аеродромот, тоа ќе биде само за период од неколку часа, или најмногу ден-два. Затворањето моментално едноставно не е опција.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми