1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пинг-понг политички игри со Договорот од Преспа

ДТЗ
17 мај 2024

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во парламентот, доколку не се почитува Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Јоргос Герапетрис Грција
Јоргос Герапетрис, министер за надворешни работи на ГрцијаФотографија: Giorgos Kontarinis/Imago Images

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. 

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, тој го повтори ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа, посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

„Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот“, се вели во изјавата на  Мицотакис која што ја пренесе агенцијата МИА.

Нема простор за отстапки

Претходно и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис рече дека нема простор за отстапки околу Договорот од Преспа,  по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека има право да ја нарекува земјата како што сака и дека преферира да се употребува само името „Македонија“. 

„Грција ќе ја следи ситуацијата во Северна Македонија. Навистина бараме од Владата и од претседателот на Северна Македонија верно да го имплементираат Договорот од Преспа. Среќни сме да продолжиме со разговорите, но не може да се толерираат отстапки“, дециден е Герапетритис. 

Тој изјавата ја даде одговарајќи на новинарски прашања по средбата со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски.

Договорот како услов за во ЕУ 

На новинарското прашање дали смета дека по претстојните европски избори ќе биде можно Северна Македонија да започне преговори за нејзино пристапување во Европската Унија, Герапетритис вели: 

„Во однос на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, ги делиме истите ставови како и Чешка. Ние во принцип сме за проширување. Сметаме дека природниот пат за државите од Западен Балкан е европското семејство. Верувам дека тоа ќе биде во корист и на ЕУ. Тоа ќе го ревитализира европскиот проект и секогаш е добро да се даваат позитивни пораки на народите во Европа за нивната иднина“.

Што се однесува до Северна Македонија, додава тој, еден од условите за развој на претпристапниот процес е Владата на Северна Македонија целосно да го почитува Договорот од Преспа, кој точно укажува на уставното име на државата.

„Во секој случај, волја на грчката влада е да продолжи да го спроведува Договорот. Но, мораме да бидеме целосно свесни за фактот дека не може да има отстапка кога станува збор за фактичкото спроведување на меѓународните договори, кои по дефиниција, според Уставот, имаат предност пред обичните закони“, е пораката од Атина.  

Пинг-понг политичките препирки околу Договорот од Преспа со денови ја брануваат македонската и грчката јавност, по свечената заклетва на новата претседателка Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пинг- понг 

Пинг-понг политичките препирки околу Договорот од Преспа со денови ја брануваат македонската и грчката јавност, по свечената заклетва на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, што повторно ја отвори Пандорината кутија на недоверба со јужниот сосед. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во четвртокот (16.05) го оцени говорот на Сиљановска како достоинствен, откако таа земјата ја ословуваше како Македонија. Тој повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелираше да нема веќе закани, опструкции и враќање назад во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината. Меѓудругото, тој и порача на Грција ако смета дека земјава го прекршила Преспанскиот договор, дека постои Меѓународен суд за правда.

„Не очекувам односите помеѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекуваме да имаме добри и одлични меѓусоседски односи. Ценам како ВМРО-ДПМНЕ, а и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, нити на едните ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, рече Мицкоски. 

„Рушење на Преспанскиот договор“ 

Професорот и прв министер за надворешни работи во независна Македонија, Денко Малески оценува дека идниот премиер и водач на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски му нуди на грчкиот премиер и лидер на Нова демократија Мицотакис да му се придружи во рушење на Преспанскиот договор. Во став кој го пренесува Либертас, тој вели дека парадоксално, во обид да го ревидира договорот од Преспа, иако тој се враќа во минатото, Мицкоски упатува апел до Грците да не се враќаат во минатото и да гледаат кон иднината.

„Мицкоски ја повикува Грција да не ги употребува 'мускулите' и да престане со закани и опструкции. За жал, меѓународната политика е истите проклети работи одново и одново низ човековата историја: мускули, сила, влијание, закани, опструкции, интереси, војни… Зарем и после руската агресија врз Украина има некој кој не верува дека меѓународната политика е пред се „мускули“?“, анализира Малески.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми