1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порака од Атина: Меѓународното право не е селективен процес

3 јули 2024

Кога би можеле да избереме некои од одредбите на договорите, а другите да ги оставиме нефункционални, тогаш очигледно, нема да има меѓународно право, вели шефот на грчката дипломатија.

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос ГерапетритисФотографија: Giannis Panagopoulos/Imago Images

Меѓународното право не е селективен процес, меѓународното право е основата на меѓународната безбедносна архитектура, одговори вчера грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на прашање за Северна Македонија (и Албанија) на 28-та тркалезна маса на „Економист“, на тема „Геополитички војни: Кои се условите за одржлив мир“.

„Кога би можеле да избереме некои од одредбите на договорите, а другите да ги оставиме нефункционални, тогаш очигледно, нема да има меѓународно право или меѓународна заедница од каков било вид. Мора да се придржуваме до меѓународните договори. И ние имавме сериозни грижи. Нашата партија, како опозиција, јасно реагираше на Договорот од Преспа и навреме посочивме дека има некои сиви прашања во договорот. Но, и навреме кажавме дека откако ќе се ратификува договорот, нема враќање назад и мора целосно да го почитуваме. Тоа е она што навистина го бараме од Северна Македонија и веруваме дека меѓународната заедница е јасно на наша страна“, рече Герапетритис.

Потенцира дека постојат три услови за европската перспектива да оди напред: прво - европското законодавство, второ - меѓународното право и меѓународните договори, и трето - демократијата и владеењето на правото.

„Не може да има попусти за овие прашања", порача тој.

Државниот врв на РСМ да учи

На почитување на меѓународното право вчера повика и бугарскиот претседател Румен Радев кој учествуваше на тркалезната маса на „Економист" во Атина, по што имаше средби со премиерот и претседателката на Грција

„Според зборовите на бугарскиот претседател, неопходно е и познавање на меѓународното право, затоа што кога ќе се потпише меѓународен договор тој треба да се исполнува од сите следни влади, а не да се ревидира. Радев посочи и дека недостигаат знаења за уставно право, бидејќи моделите на основните закони на двете држави се многу различни - тој на РСМ ги заштитува колективните права, а бугарскиот - индивидуални права", објави кабинетот на Радев, за одговорите што ги дал бугарскиот претседател пред новинарите по средбата со грчкиот премиер Мицотакис. 

Покрај двете „незнаења" припишани на сметка на РСМ, како што соопшти неговиот кабинет, „Радев ја истакнал и потребата од одредени знаења од областа на човековите права и нивното почитување".

„Во Бугарија не тепаме луѓе кои изразуваат различен идентитет. Не пукаме по нивните клубови, не ги палиме, не ги држиме далеку од никакви функции во администрацијата“, истакнал Радев и додал дека државниот врв на РСМ има многу да учи.

Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

„Подготвени сме да помогнеме таму каде што недостига знаење и соодветно на политичка волја", порачал тој и ја истакнал поддршката на Бугарија за европскиот пат на РСМ, соопшти неговиот кабинет.

Отчет за процесите по францускиот предлог

Каква и колкава е поддршката од Бугарија за РСМ ќе може да се слушне утре (4-ти јули, кога втора точка на дневниот ред на бугарското Собрание е сослушување на премиерот на службена влада и вршител на должноста министер за надворешни работи, Димитар Главчев. Како што се наведува, Главчев треба да одговара „во однос на развојот на процесот на проширување на ЕУ по усвојувањето на т.н. француски предлог, острата антибугарска кампања и изјавите на голем дел од политичката елита во РСМ, повеќекратниот координиран дипломатски притисок кон Бугарија, кој има за цел да ја внесе РСМ во ЕУ преку заобиколување на правилата и принудувајќи ја Бугарија да отстапи од веќе договорените услови, како и веќе преземените и планирани дејствија за заштита на бугарските национални интереси по овие прашања“.

Барањето било поднесено од  Костадин Костадинов (од „Преродба) и група пратеници.

Западен Балкан - минско поле

Поддршка за интегративниот процес во ЕУ на сите земји кандидати ветува и Атина. На тркалезната маса на „Економист“ Герапетритис вчера потсети дека Грција е голем поддржувач на европското проширување со Западен Балкан и оти мора да се работи интензивно на тој процес.

Знамињата на ЕУ и на земјите од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

„Вистината е, како што алудиравте, дека Западен Балкан е вистинско минско поле. Затоа, историски е неопходно да се задржи моментумот што го изградивме во изминатите 20 години со Солунската агенда. Треба да создадеме успешна приказна. Затоа, важно е проширувањето кон Молдавија и Украина, но и со Босна и Херцеговина и Црна Гора. Мора да им дадеме визија на луѓето, бидејќи навистина поминаа 20 години и постои очекуван замор. Затоа можам да разберам зошто луѓето делумно ја изгубија вербата во европскиот сон“, рече Герaпeтритис.

Според шефот на грчката дипломатија, има дополнителна причина зошто треба да има поголема активност во процесот на проширување - „бидејќи европскиот проект сѐ повеќе се претвора во геополитички".

„Започна како еден вид економски потфат насочен кон постигнување силна економија. Потоа преминавме на еден вид политичка унија, а сега сме соочени со геополитички предизвици на сите нивоа. Има очигледна транзиција кон оваа геополитичка димензија и затоа треба да се приклучат сите земји кандидати“, оцени Герапетритис.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми