1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки од Скопје: Украина е морален победник во војната

ДТЗ
24 февруари 2023

На 24 февруари 2022 година, светот се промени не само за Украинците, туку се промени и светскиот поредок. Амбасадорите порачаа дека ЕУ ќе остане обединета во поддршката за украинскиот народ

Ukraine-Krieg - Großbritannien
Фотографија: Tayfun Salci/ZUMA/IMAGO

Украина е веќе морален победник во конфликтот со Русија, бидејќи успеа зад својата кауза да го обедини демократскиот свет кој покажа невидена солидарност и поддршка во спротивставување на газењето на човековите права. Нема никаква дилема дека руската агресија е војна на една диктатура против една демократија. Војна на минатото против просперитетот и во тој судир демократскиот свет нема право на пораз - ова е пораката која што ја испратија македонскиот претседател Стево Пендаровски и странските амбасадори во земјата на конференцијата „Украина – година на хероизмот“ којашто се одржа во Скопје, во организација на Цивил. 

Пораките се испратени на денот кога изминува точно една година од почетокот на руската воена агресија врз Украина, која го втурна украински народ во невидени страдања, загуба на човечки животи и ужасна деструкција. Останатиот дел од светот, пак, го соочи со фактот дека во Европа повторно се води крвав конфликт кој предизвикува хуманитарна, економска, енергетска и безбедносна криза.  „Станува збор за трагедија која влезе во нашите домови и во нашите мисли и пред која немаме право да останеме без зборови“, вели Пендаровски. 

Украина е веќе морален победник во конфликтот со Русија, вели Стево ПендаровскиФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Прогнози

Во февруари минатата година, во предвечерието на агресијата, на Минхенска безбедносна конференција, најоптимистичките прогнози беа дека во случај на напад, Украина нема да може да издржи повеќе од две недели. Но, Украина издржа, решена по секоја цена да ја сочува својата независност.

„Украина, која изминатите месеци ја плати борбата за демократија со илјадици човечки животи, покажа дека дефинитивниот избор на секој народ се демократијата и слободата, а не тиранијата и насилството. Сцените кои секој ден ги гледаме пред нашите очи од украинските градови и села говорат за храброста и нескршливиот дух на украинскиот народ, што е најсилна потврда дека оружјето на агресорот не е посилно од вербата во слободата и љубовта кон татковината. Жртвата која денес ја прави украинскиот народ е порака за сите оние кои сè уште калкулираат и анализираат за тоа како треба да заврши оваа војна. За секое морално човечко суштество единствениот праведен исход треба да биде ослободување на целата територија на Украина“, рече Пендаровски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери е уверен дека ниту еден конфликт, ниту една одбрана немала подобро организирана воена, морална и секаква друга поддршка. Потсетувајќи дека тој беше прв претседател на Собрание од регионот којшто отиде во Украина, Џафери вели дека соочен со бројот на загубените животи и разрушената инфраструктура во земјата, се обврзал дека ќе се заложи за помош со сета негова моќ. 

„Мирен договор не се постигнува кога го гледаш противникот низ нишанот на оружјето.  Со секој одминат ден, се подлабоки се раните, се повеќе се разгорува огнот и се разјарува гневот. Доста е! Нема повеќе време за губење. Сега повеќе од кога било се потврдува колку е значајно проширувањето на ЕУ и со земјите од Западен Балкан за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европскиот континент“, рече Џафери.

 

Во четири часот наутро на 24 февруари, 2022 година, светот се промени не само за Украинците – туку се промени воопшто и светскиот поредок.Фотографија: Vladyslav Musiienko/REUTERS

Промена на светскиот поредок

Во четири часот наутро на 24 февруари, 2022 година, светот се промени не само за Украинците – туку се промени воопшто и светскиот поредок. „За Украинците, светскиот поредок се промени во најбруталниот можен начин – со руски ракети и ирански дронови, воени злосторства и злосторства против човештвото кои ги вршеа и сé уште ги вршат руските окупатори; вели амбасадорката на Украина, Лариса Дир.

Една година по инвазијата, неизвесноста и одолговлекувањето само ги зголемуваат украинските жртви.

„Храброста на Украинците сега мора да биде поддржана со тенкови, оружје со долг дострел и борбени авиони. Украинците го даваат својот живот не само бранејќи ја својата суверена територија, Украинците ги бранат вредностите според кои демократскиот цивилизиран свет живее“, посочи Дир.

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир вели дека ЕУ ќе остане одлучна и обединета во својата поддршка за украинскиот народ на сите фронтови: хуманитарен, економски, политички, дипломатски и воен. „Украина мора да победи. А европската безбедност е заштитена“, додаде Гир.

Тој порача дека ЕУ и Западен Балкан треба да застанат заедно во одбрана на заедничките вредности и меѓународниот поредок заснован на правила. „Северна Македонија покажа примерно морално лидерство со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ за Русија. И веќе прави значителни напори, во овој поглед, како претседавач со ОБСЕ. Работејќи заедно, имаме шанса да го вратиме мирот во Европа“, потенцираше евроамбасадорот. 

 

Технологијата ѝ помага на Украина во војната против Русија

00:59

This browser does not support the video element.

 

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми