1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обединување не само на зборови, туку со дела

28 март 2025

Сега нѐ обедини тагата, но да направиме сѐ во иднина да нѐ обединуваат успеси и убави нешта, беше една од главните пораки на политичарите во синоќешниот телетон на ТВ Канал 5.

Собир во Скопје во спомен на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани
Собир во Скопје во спомен на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, 18.03.2025Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, партиски лидери, пратеници, градоначалници и јавни личности испратија значајни пораки за солидардност и помош за семејствата на загинатите и повредените во  пожарот од 16-ти март  во кочанската нелегална дискотека. Можноста да се обратат и да разговараат со граѓаните ја имаа на синоќешниот хуманитарен телетон во отвореното студио на ТВ Канал 5.

„Се радувам дека  дел од повредените полека се испишуваат од болниците  во Скопје, но се враќаат и од странство. Сѐ што е потребно за економски и социјален препород на Кочани, ние како Влада ќе го ставиме во нашите врвни приоритети и тоа ќе го направиме“, порача Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски: Посакувам да се обединуваме за убави работиФотографија: Government of North Macedonia

„Посакувам да се обединуваме за убави работи, а  оваа трагедија нека биде за сите нас поука дека она што денеска го правиме - ќе има свое значење во иднина. Би сакал тоа што ние денеска го правиме како Влада да има позитивно и убаво значење за иднината на нашите граѓани и нашата Македонија“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Да престанеме со импровизации

Во студиото полно со гости и телефони кои постојано ѕвонат, беше присутна и претседателката  Гордана Сиљановска Давкова. Во неколку наврати не можеше да ги скрие солзите, а на сите граѓани им се заблагодари на човечкиот однос.

„Нашите новинари деновиве, особено во оној ужасен ден, на погребот, се однесуваа достоинствено. Мислам дека и политичките партии се однесуваа достоинствено. Мислам дека луѓето се однесуваа достоинствено. И  децата се однесуваа возрасно“,  рече претседателката.

Посочи кои поуки општество треба да ги извлече од трагичниот настан.

„Да престанеме со импровизации, да градиме стандарди, да не бидеме специфични, да не бидеме оригинални, во демократија оригиналност не е потребна. Предвреме да се подготвиме, не секогаш постфестум да реагираме, да учиме уште од градинка како да се однесуваме кон заканите, кон катастрофите. Така ќе бидеме подготвени.  Ова е една од најголемите лекции.  Никогаш нема да прежалам дека во мој мандат се случило ова. Тоа е не само моја политичка и лична траума, тоа е национална траума“, рече претседателката.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на сите граѓани им се заблагодари на човечкиот односФотографија: North Macedonia President

Нејзината порака е - да се остават конфликтите, недоразбирањата, да се стори сè за вакво нешто повеќе да не се случи, да се гради здрав функционален систем, за да не е важно кој ќе биде на власт.

„Да ја санционираме неодговорноста  секогаш кога треба, да ги инспирираме младите, да ги задржиме, да возвратиме на помошта со помош, подобар свет да изградиме и дома и во соседството и надвор. Ако во тагата, ние се концентрираме на најважните предизвици, тоа покажува дека она за што се расправаме е - споредно, маргинално. И дека ако се однесуваме како луѓе, човечки ќе ги решаваме сите проблеми“, порача претседателката.

Филипче ќе повика на лидерска средба

Кога по трагедијата ја чула првата изјава на претседателот на СДСМ,  Венко Филипче, претседателката му испратила порака.

„Му реков - звучевте како лекар, благородно, лековито, и многу ви благодарам за тоа“, сподели Сиљановска Давкова.

Филипче, кој синоќа зборуваше и како лекар и како партиски претседател, рече дека  после оваа трагедија е потребно единство и обединување,  поддршка за семејствата во Кочани и делување за промена на работите. Тој оцени дека „конвенционалните начини на водење политика очигледно не даваат доволно брзо резултати“ и најави инцијатива.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека по оваа трагедија е потребно единство и обединување, поддршка за семејствата во Кочани и делување за промена на работитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Следната недела јас ќе повикам на лидерска средба во Собранието, на лидерите на најголемите политички партии, на којашто сакам да го презентирам мојот план што мислам дека треба и имаме обврска да направиме за државата“, најави Филипче.

Рече дека треба да се направи тоа што е суштински потребно за вистински реформи во правосудството, во здравствениот систем, да почне изградбата на Клиничкиот центар, да се дуплираат примањата на наставниците, да има суштински промени во системот на образование и во системот на јавна администрација.

„И конечно, да разговараме за отворање на европските поглавја, затоа што тоа е единствениот начин да се бориме против корупцијата. Главна причина за корупцијата е сиромаштијата. Нема да можеме да ја совладаме сиромаштијата без да го започнеме тој процес. Ако час поскоро го започнеме овој процес, да се надеваме дека првите резултати ќе ги видиме за период од 5 до 10 години. Мора да бидеме реални и да знаеме што и кога можеме да очекуваме“, рече Филипче.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми