Пораките од анкетата на ИРИ - аларм за политичарите
21 декември 2022Политичарите ги анализираат податоците од последната анкета на ИРИ и се уверени дека од неа можат да се извлечат корисни заклучоци. Премиерот Димитар Ковачевски не е изненаден од резултатите, кои покажаа дека граѓаните речиси и да немаат доверба во актуелните политичари, што се рефлектира и врз опаѓање во довербата и во владејачката СДСМ и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Но, тој е убеден дека времето кога е направена анкетата во септември-октомври, по прифаќањето на францускиот предлог, влијаело на резултатите. Доколку била направена малку подоцна, по потпишувањето на Договорот со Фронтекс, резултатите би биле сосема поинакви, смета премиерот.
„Во тој период беше направена голема хистерија во однос на европскиот предлог, што тој ќе предизвика, дека Македонците ќе го изгубеле својот јазик, дека ќе сме изгубеле идентитет. Тоа го правеа опозицијата и, пред се Левица со нивниот заложник ВМРО – ДПМНЕ и тоа сигурно дека влијаело врз перцепциите на граѓаните“, изјави денеска Ковачевски. Но, според премиерот, многу важен заклучок е дека граѓаните во огромен процент – три четвртини се за зачленување на Северна Македонија во ЕУ и не гледаат друга алтернатива, освен еден мал процент.
Можеше ли да биде поинаку?
„Има уште еден значаен податок, а тоа е дека во таа анкета не се опфатени подоцнежните одлуки коишто се случија, а тоа е бидејќи тие се случија на 26 октомври кога е веќе завршено истражувањето, а тоа е потпишувањето на Договорот со Фронтекс и практично воведувањето на чист македонски јазик без никакви фусноти, дообјаснувања и појаснувања во ЕУ, рамноправно со сите други јазици, како и почетокот на преведување на целото законодавство на македонски јазик, за што веќе се склучени договори за оператори“, оценува премиерот.
Тој е задоволен од неговиот рејтинг. Вели дека за 10 месеци од неговото назначување за претседател на Влада, свесноста за работата растела со 1,44 проценти на месечно ниво, што е прилично голем процент. „Ако гледаме во однос на политичките рејтинзи, тогаш исто така и тоа е респектабилно со оглед на десетмесечниот период на управување со Владата“, вели тој, истакнувајќи дека очекува на следната анкета резултатите ќе бидат подобри.
Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, според најновата анкета на ИРИ, е најпопуларниот политичар во Македонија со седум проценти. По него следуваат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ Али Ахмети со по шест проценти и премиерот Димитар Ковачевски со пет отсто. На прашањето „за кого би гласале, доколку утре се одржат избори во земјава“, за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 19 отсто од испитаниците, за СДСМ – 11 отсто, за ДУИ – 7 отсто, а за Левица – 6 отсто. Според анкетата на ИРИ, во моментот процентот на неопределени изнесува 21, додека 12 проценти изјавиле дека нема да гласаат.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека анкетата ги потврдила нивните позиции дека „во овој момент, под овие околности, под овие услови, под бугарски диктат, нема промена на Уставот“. „Нашиот став е принципиелен. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот. Во ниту еден момент не сме ни размислувале дека ќе го поддржиме тоа, изјави Мицкоски. Претходно тој во изјава за МТВ коментирајќи го рејтингот на партиите рече дека политиката е тимски спорт, а тоа не е индивидуална игра. „Се додека тимот победува, а јас сум капитен, ќе бидам среќен“, рече Мицкоски.