1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораките примени - опозициските партии пред промени

3 ноември 2025

Владејачките партии и на локалните избори ја потврдија довербата, опозициските се пред нов испит - темелно преиспитување на политиките и кадровските избори.

Изборен митинг пред локалните избори во Северна Македонија - луѓе со развиорени македонски знамиња
Владејачките партии и на локалните избори ја потврдија довербата, опозициските се пред нов испитФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ прослави голема победа, ВЛЕН смета дека станува втора сила во државата, СДСМ е пред големо преиспитување на партиската и кадровска политика, ДУИ ќе го обновува начинот на кој ги претставува нејзините вредности на терен, а Левица во добиените гласови препозна потенцијал во иднина да стане прва партија во Скопје.

Ова се првите партиски оценки по вториот круг од  локалните избори,  во кои владејачките партии повторно добија најголема доверба од гласачите.

„Партиите од актуелната власт се единствените победници на овие локални избори“, вели за ДВ новинарот и аналитичар Џелал Незири.

„Иако со голем пад на гласови,  ВМРО-ДПМНЕ победи во рекорден број на општини,  додека  СДСМ го изгуби речиси целосно теренот. Овој исход и беше очекуван со оглед на ситуацијата на СДСМ, партија која се соочува со најголемата криза во нејзината историја, но и на останатите опозициски партии. ВМРО-ДПМНЕ, всушност, најголемата битка ја имаше со НАИ, која започна од пред парламентарните избори во 2024 и заврши на овие локални избори. Оваа долга нивна битка заврши во Кичево, општина која беше формирана со Законот за територијално организирање во 2004 година, но фактички градот се обедини со околните рурални општини дури во 2013. Тогаш победи Дехари, чиј прв мандат беше претставен како добиена територија по една меѓудржавна војна. Сега победи кандидатот на  ВМРО-ДПМНЕ,  по што Мицкоски триумфално рече дека ‘Кичево е повторно наше’. И така Кичево, наместо функционална општина, стана фолклористички трофеј на политичарите кои претпочитаат етно-национализам“, оценува Незири.

Кичево е на кичевчани

Токму изборниот исход во Кичево, како и во Брвеница, ВМРО-ДПМНЕ го смета за најдиректен пораз на политиката на етноцентризам и етнички поделби. Партискиот лидер Христијан Мицкоски кој пред денешното заминување во Брисел синоќа лично во Кичево му ја честиташе победата на новоизбраниот градоначалник, Александар Јовановски, порача дека во таа општина победил соживотот и вербата во вредности. На неговиот профил на Фејсбук, Кичево го нарече град кој испиша историја.

Нема да ве убедуваме со зборови - ќе ве убедиме со дела, вети МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Падна митот дека Кичево е нивно или наше, мала или голема општина. Кичево е на кичевчани. Победи надежта дека иднината не се гради со поделби, туку со почит и заедничка работа. Таа победа не е само локална, таа е симболична. Таа зборува за Македонија што созрева, за народ што не се плаши да се обедини околу вредностите, а не околу поделби“, порача Мицкоски пред заминување за Кичево.

На победничката прослава, поздравувајќи ги сите етнички заедници во општината, новиот градоначалник, Александар Јовановски, инаку почитуван лекар во општината, рече дека Кичево е богато затоа што во него се испреплетуваат многу култури, вери и етнички заедници.

„Затоа сме богати. Имаме убав живот. На сакам да кажувам ‘соживот’. Сакам живот, убаво живееме и ќе продолжиме да живееме уште поубаво. Не гласавте за мене како за Македонец, гласавте за мене како за човек, што ќе ви пружи подобра и иднина. И верувајте, уште од утре тоа ќе се случи. Ќе почувствувате кој е вашиот брат, кој е вашиот комшија, кој е вашиот доктор, кој е вашиот градоначалник. Нема да правам никаква етничка, политичка, ниту пак верска разлика. Ние сите сме Кичевчани“, порача Јовановски.

Мицкоски: Ја слушнавме и тишината

По  финишот на изборната трка,  од денеска почнуваат темелни анализи на изборните резултати и пораките што со нив ги испратиле граѓаните. И покрај  огромната победа во 54 општини  и  Градот Скопје,  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски,  синоќа потенцираше дека го слушнале и гласот на тишината.

„Знам дека некои не гласаа за нас. И тоа е во ред. Тоа е дел од демократијата. Но, сакам искрено да им порачам: и вашиот глас, и вашата тишина - ги слушнавме. Затоа што оваа победа не е само победа на оние што гласаа за нас, туку и обврска кон сите вас што сè уште чекате да видите голема промена. Нема да ве убедуваме со зборови - ќе ве убедиме со дела“, вети Мицкоски.

Во СДСМ во наредните денови ќе се кристализира дебатата какви промени и се потребни на партијата – лидерска, делумно кадровска или паралелно и  темелна промена на досегашните политики, особено во надворешнополитичкиот сегмент.

Ахмети: Пораката ја прифаќаме со почит и одговорност

Од  ДУИ  се подготвени да им погледнат на резултатите во очи.

„Ќе спроведеме длабинска анализа, ќе ги обновиме нашите редови и ќе започнеме одново посилни“, најави партискиот претседател  Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети: Пораката ја прифаќаме со почит и одговорностФотографија: Petr Stojanovski/DW

Задоволен е што на советничките листи имаат 23.000 гласови повеќе од опонентите, но признава дека не ја добиле градоначалничката трка.

„Ова е сложена порака, која ја прифаќаме со почит и одговорност. Граѓаните покажаа дека веруваат во нашите вредности, во нашата визија, но во исто време бараат да го обновиме начинот на кој ги претставуваме овие вредности на терен (...) Губењето на неколку позиции на ниво на градоначалници е повик за зајакнување на структурите, за приближување до народот и за подобрување на начинот на кој управуваме со локалната политика“, рече Ахмети.

Тој нагласи дека резултатите во некои општини не се одраз на вистинската волја на граѓаните, туку последица на непринципиелни коалиции и привремени договори, кои го нарушиле духот на демократската конкуренција.

„Овие вештачки сојузи може да донесат краткорочни победи на хартија, но ќе имаат сериозни последици за напредокот и достигнувањата досега, на локално ниво, но особено на национално ниво“, оцени Ахмети, обвинувајќи и за злоупотреба на државни ресурси, оркестрирано изборно инженерство, уцени и финансиски притисок врз гласачите.

Што понатаму?

Големата победа на ВМРО-ДПМНЕ кај аналитичарите го враќа прашањето дали партијата, односно владејачката коалицијата ќе ја искористат добиената доверба - и за предвремен парламентарен натпревар. Незири смета дека Мицкоски ќе се согласи на предвремени парламентарни избори напролет, идната година.

„Партијата на Ахмети која побара предвремени парламентарни избори, ја чека турбулентен период, кој ќе биде многу предизвикувачки. Ахмети ќе мора паралелно да ја заддржи коалицијата НАИ, без која ќе поминеше уште полошо, и да ја реформира сопствената партија. Дали тоа ќе го постигне до пролет, тешко е да се каже. ВЛЕН, со општините во кои победија, го доби поголемиот дел на гласачкиот терен кај етничките Албанци, што и дава поцврста подлога за побрзо да се реорганизира и подготви за можните избори. Јас мислам дека во една ваква ситуација, каде на ВМРО-ДПМНЕ перфектно му се вклопија коцките, предвремените избори ќе бидат логичен исход“, смета Незири.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми