1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаИталија

Италија мора да врати 12 мигранти од кампот во Албанија

Тагесшау | ЕМФ
19 октомври 2024

Италија отвори два бегалски кампа во Албанија, каде треба да се обработуваат барањата за азил. Суд во Рим сега одлучи дека првата група мигранти треба да се врати во Италија затоа што нивните татковини не се безбедни.

Италија Албанија мигранти
Од Италија за Албанија и повторно назад - мигрантите се качуваат на брод кој од кампот во Албанија ќе ги врати во ИталијаФотографија: Florion Goga/REUTERS

Италијанската десничарска влада на Џорџа Мелони доживеа голем пораз во врска со првата група мигранти во кампови надвор од Европската унија. Судот во Рим нареди враќање во Италија на дванаесет мажи од Египет и Бангладеш, кои од средата (16.10) се сместени во камп во Албанија. Италија и била нивна вистинска дестинација кога побегнале од Либија со брод преку Медитеранот.

Судот го прогласи за недозволиво сместувањето на дванаесетте мигранти надвор од ЕУ. Одлуката се образлага со фактот дека ниту Египет ниту Бангладеш не се безбедни земји на потекло. При донесувањето на својата одлука, судот се повика на пресудата на Европскиот суд на правдата (ЕСП) во врска со земјите на потекло класифицирани како безбедни.

На првиот брод кој од Италија донесе мигранти во Албанија имаше вкупно 16 лица. Четворица од нив веднаш се вратени во Италија. Двајца од нив рекле дека се малолетни, а на другите двајца им била потребна медицинска помош.

Сега преостанатите дванаесет мажи ќе бидат вратени во Италија оваа сабота (19.10) со брод на италијанската морнарица, веројатно до пристаништето Бари. Тогаш таму ќе биде донесена конечната одлука за нивните барања за азил.

Италијанската премиерка Мелони и албанскиот премиер Рама при потпишување на договорот за бегалските кампови во Албанија (6.11.2023)Фотографија: Filippo Attil/Chigi Press Office/Zumapress/picture alliance

Владата сака да се жали

Партиите од делумно десноекстремната коалиција зборуваат за политичка пресуда на левичарското судство. Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси најави дека ќе поднесе жалба - доколку е потребно до највисоката инстанца.

Владата на Мелони неодамна го прошири списокот на држави што ги смета за безбедни земји на потекло (каде што нема закана од гонење, тортура или дискриминаторско насилство) за да вклучи и држави во кои овие услови не се исполнети во некои делови од земјата. Сепак, според ЕСП, како безбедни области на потекло не е можно да се класифицираат само поединечни делови од земјата, туку само цели држави.

Опозицијата смета дека плановите на Мелони во иднина да се носат одлуки за барањата за азил надвор од Италија и ЕУ веќе се неуспешни. Лидерката на социјалдемократската опозиција Ели Шлајн зборуваше за „срам“ што ќе ја чини Италија 800 милиони евра. На оваа сума се проценети трошоците за изградба на камповите.

Италија е првата земја од ЕУ која сместува бегалци во кампови надвор од земјата. Во Албанија нивните барања треба да бидат разгледани од италијански официјални лица по брза постапка. Оние кои имаат право на азил можат да продолжат во Италија. Сите други би морало да се вратат во нивните земји на потекло. Сепак, во камповите во Албанија може да се носат само возрасни мажи од земји на потекло кои се класифицирани како безбедни. Регулативата не важи за деца, жени, болни лица и жртви на тортура - тие можат да одат директно во Италија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми