1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поразот кон ЕУ е дело на СДСМ

27 септември 2024

Криминогените СДСМ и ДУИ презедоа катастрофални обврски по националните интереси на Македонија и обврски кои не беа способни да ги изгласаат и реализираат. Пишува Ивор Мицковски

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во само една недела се покажа дека Брисел не им поверува на нашите  солзи и фрустации,  па пристигна одлуката за  одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ.  За нас, барем засега, останува условот за одржување на Втора меѓувладина конференција преку спроведување на уставните измени со кои Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав. 

Бугарската политика буквално ликува  и фаќа сеир од ваквиот исход, презадоволни дека на европско ниво успеале да ја закочат Македонија, со проблем кој самите го измислија и перфидно го наметнаа. Ќе остане историска и треба да биде запаметена како врвен чин на соседско непријателство изјавата на Бојко Борисов „дека одмаздата е најубава кога се сервира ладна“. 

Перење гревови

Но, доколку ваквата одлука на ЕУ, и ова ниско радување на бугарската политика помалку беше и за очекување, тогаш тоа што не би требало да се случува е ова бедно катастрофално однесување од опозицијата и особено СДСМ. Поточно, за СДСМ ова е шанса за перење на гревовите, но тоа што е пострашно е што одлучија да си ги перат на грбот на државата. 

СДСМ е последен што треба да зборува за катастрофи и виновници за  раздвојувањето со Албанија на патот кон ЕУ.  Криминогените СДСМ и ДУИ презедоа катастрофални обврски по националните интереси на Македонија и обврски кои не беа способни да ги изгласаат и реализираат. И сега тие ќе зборуваат - кај штетници, кај поразени од народ, кај уште памет делат. И ова е последица од нивното сервилно, брзоплето и неодговорно носење одлуки. Да не зборуваме дека владата на СДСМ-ДУИ се обиде да реализира „купување“ на политичка поддршка за уставните измени со амнестија за организираниот криминал преку измените на Кривичниот законик, проблем со кој сега допрва ќе се соочуваме. 

„Катастрофизмот" на СДСМ е дополнително непотребен во оваа фаза затоа што доаѓа од една султан партија или поточно фондација, чиј рејтинг во моментов е некаде и под Левица. 

Тоа што го направи или засега го доби Албанија е што седна понапред во автобусот којшто не мрда напредФотографија: Imago

Дополнително, создавањето паника и разочараност делува инфантилно во моментот кога ќе сфатиме дека и наводното „преткрување“ од Тирана не значи премногу кога ништо не гарантира дека Албанија ќе не претрка и во зачленувањето. Ми текнува на траги-комичната опсервација и метафора на политичкиот аналитичар Гералд Кнаус кој евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан го спореди со раскантан автобус без тркала кој не оди никаде. Така да, тоа што го направи или засега го доби Албанија е што седна понапред во автобусот којшто не мрда напред. 

Ако некое утре овој раскантан автобус евентуално добие ремонт и тргне некаде, дали навистина мислиме дека тогаш Македонија ќе биде исфрлена од автобусот?! Искрено, не би избрзувал со такви замисли и констатации. Со таа разлика што СДСМ и ДУИ денеска се дел од минатото и огромен дел од проблемот, па најмалку што можат да направат околу кашата во која не внесоа, е да не шират хистерија и да не се бават со политикантство. 

Одложено дејство 

Одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ,   за премиерот Христијан Мицкоски  е лоша порака за македонскиот народ. По две ипол децениски напори да се изоди патот кон Унијата, тој смета дека се неправедни условите коишто и се наметнуваат на земјата. Мицкоски додаде дека станува збор за диктат и порача дека „никој не треба да не условува за национални отстапки“. 

„Го делам впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови.  За мене ова е диктат.  Ако ова е условот за Македонија, тогаш - не благодарам! Тоа не се европски вредности."

Човек не може, а да не се согласи со овие зборови на Мицкоски, работата е што тие точни констатации не го решаваат проблемот. Јасно е дека власта ќе инсистира на одложено дејство на уставните измени и очигледно ќе треба да видиме дали ова барање можеби некогаш ќе биде земено предвид од Брисел или се ќе се сведе на залудни барања и изгубено време. 

Проблемот со одложеното дејство е што не е во согласност со Вториот протокол кој е резултат на „брилијантната“ дипломатија на Бујар Османи, на којшто одоколу се повикува Преговарачката рамка. 

Дополнителен проблем е што ние немаме гаранции дека барањата од Бугарија ќе запрат, додека самите се саботиравме прифаќајќи небулозни услови како согласноста членството на ЕУ да зависи од завршетокот на работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања или прифаќајќи ги едностраните изјави за македонскиот јазик дека бил дијалект. Замислете, тогаш нашите владини преставници се правдаа дека тоа било само став на Бугарија. 

Оттука, тотална лага  на СДСМ и на Филипче  е кога ќе изјави дека ВМРО-ДПМНЕ сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија. Таа билатерализација ја направи Владата на СДСМ. Владата на СДСМ прифати сѐ и сешто од барањата на Бугарија преведени на европски јазик, вклучени во секој можен чекор од преговорите, без никакво наше право за заштита или некакви гаранции. СДСМ стави печат, камен и светлечка реклама врз билатерализацијата и не врзаа во јазол од кој денеска не можеме да се отплеткаме. 

Ако се сеќавате на 5+1 точките во времето на Заев, тогашен официјален владин став во летото 2021 година беше да постои одложено дејство, нешто што и написмено и беше дадено на Бугарија. За жал Бујар тука попушти, како што и Бујар и Ковачевски попуштија и дозволија билатералните прашања да влезат и да станат услов во нашиот пристапен процес, наместо Копенхашките критериуми. 

Алтернативно решение 

Затоа, одговорноста за актуелните состојби не може и не е коректно да му се припишува на ВМРО-ДПМНЕ. Јас, иако не сум експерт на темата, но сепак гледам дека ВМРО-ДПМНЕ бара алтернативно решение, според искуството со Преспанскиот договор, кога сите амандмани кои што тогаш беа усвоени влегуваа во сила само откако Грција го ратификуваше пристапниот протокол на Македонија во НАТО. 

Како ќе се дојде до конечно решение или ќе се излезе од оваа несреќна дупка во која СДСМ и ДУИ не втурнаа, сѐ уште е рано да се каже. Но, време е и редно е да се каже дека СДСМ нема никакво право да профитира, да политизира или да се вади на оваа тема. Денешниот пораз е дело на Владата на Ковачевски кој успеа цела Европа да ја стави на страната на Бугарија, иако до пред тоа ситуацијата беше обратна и ние уживавме целосна поддршка. 

Затоа, денеска е неопходен еден проактивен и конструктивен став, како што и верувам дека на Владата и е потребна помош за да се надеваме дека ќе излеземе од оваа стапица. Се надевам дека властите размислуваат да ги повикаат сите релевантни експерти, да се направи тим со сите здравомислечки луѓе, и од нас, како општество и држава да произлезат решенија. 

Верувам дека со добри решенија и аргументи и малку пообединети, старо-новата и помоќна  претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лејен, особено благонаклонета кон проширувањето, ќе мора во еден момент да не ислуша и да ни поверува на маките.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми