1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Порше“ со полна пареа излезе на берза

Миша Ерхард
29 септември 2022

И покрај тешките берзански услови денешното излегување на „Порше“ на берзата е целосно успешно. Голема е побарувачката на акции, а со тоа и приходите на „Фолксваген“.

Голем успех на автомобилскиот производител „Порше“ - излез на берзата
Голем успех на автомобилскиот производител „Порше“ - излез на берзатаФотографија: Frank Schneider/ImageBroker/picture alliance

По „Германски телеком", „Порше" денеска изгледа е второто најголемо излегување на берзата во германската историја. Таквиот потег на сестринската компанија на „Фолксваген" е целосен успех. Уште во понеделникот вечерта соодветните инвестициски банки најавија дека побарувања под највисоко дефинираната цена од 82,50 евра нема да дојдат до акции, иако од „Фолксваген" понудената цена се движеше од 76,50 до 82,50 евра.

Со тоа при продажбата на акциите се достигна приход од 9,4 милијарди евра. Досега само „Телеком", кога во 1996 излезе на берзата, успеа со 9,65 милијарди евра да заработи повеќе со таквиот потег.

Фактичките приходи од околу 19,5 милијарди евра со излегувањето на берзата за „Фолксваген" се двојно повеќе од сумата на „Телеком". Причина за тоа е што со излегувањето на берзата, 25% од основните акции на „Порше" се враќаат на „Порше автомобил холдинг" кој е во рацете на семејствата Порше и Пих.

Оливер Блуме, прв човек на „Порше" и истовремено на концернот „Фолксваген"Фотографија: Michael Probst/AP/picture alliance

Голем играч на сцената

53% од основните акции на концернот „Фолксваген" се во сопственост на „Инвестмент холдинг". Преку излезот на берзата, сопствениците повторно имаат директен пристап до концернот „Порше" којшто го изгубија откако пред десет години пропадна дилот за преземање на концернот „Фолксваген". Половина од парите треба да останат во концернот „Фолксваген" за да се поттикне трансформацијата во правец на електромобилност при истовремено дигитално вмрежување. 49% од приходите во форма на посебна дивиденда ќе бидат поделени на акционерите на „Фолксваген". „Порше" засега е една од 12 сестрински брендови во концернот „Фолксваген" и дефинитивно највредниот.

„Порше" не важи само како „златна кокошка“ на концернот, туку од денеска ќе биде и голем играч на берзата. Производителот на спортски автомобили својата берзанска кариера неделава ја стартува со берзанска вредност од околу 75 милијарди евра. Само за споредба, „Фолксваген"  на берзата вреди 85 милијарди евра, а „БМВ" - 48 милијарди.

И приватните акционери ќе се офајдат

„Фолксваген" во подготовките за излегување на берза на „Порше", основниот капитал го подели во 50% акции кои се поврзани со право на глас, додека кај останатите 50% без право на глас, дивидендите се почесто повисоки. 25% од вториве може да бидат купени и од приватни акционери, покрај големите институционални инвеститори како Катарскиот државен фонд КИА, еден холдинг од Абу Даби и Норвешкиот државен фонд.

„Порше" со излегувањето на берза очекува поголема самостојност надвор од структурите на концернот „Фолксваген", се надеваат дека ќе станат повидливи и дека компанијата ќе може да ја водат на пофлексибилен начин.

Дека „Порше" сега и навистина ќе може самостојно да блесне, докажува и излегувањето на берзата со ваков успех во кризни времиња. Со  недели берзите бележат пад, бидејќи високата инфлација и загриженоста од рецесија ја спречуваат трговијата. Затоа некои аналитичари сметаат дека излегувањето на берзата токму во овој момент е приличен потфат. Дополнителни прашања отвора и двојната функција на Оливер Блуме. Првиот човек на „Порше" истовремено беше назначен и за нов шеф на концернот „Фолксваген". Аналитичарите страхуваат дека двете улоги се тешко споиви. Затоа пак во „Фолксваген" и „Порше" поинаку гледаат на нештата и велат дека за можните случаи на конфликт на интереси веќе се добро подготвени.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми