Посета на Нетанјаху: Унгарија го напушта МКС
3 април 2025
Унгарија сака да го напушти Меѓународниот кривичен суд (МКС), соопшти шефот на канцеларијата на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљас. Најавата се совпадна со четиридневната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Унгарија, против кого има налог за апсење издаден од МКС за воени злосторства. Соодветната процедура за истапување на Унгарија од МКС треба да започне подоцна во текот на денот, објасни Гуљас.
Нетанјаху ноќеска слета на аеродромот во Будимпешта нешто по 2:30 часот, каде што беше пречекан од министерот за одбрана на Унгарија Кристоф Шалај-Бобровницки.
„Добредојдовте во Унгарија, Бенјамин Нетанјаху“, напиша Шалај-Бобровницки на онлајн мрежата Фејсбук. Утрото Нетанјаху беше примен од неговиот колега, унгарскиот премиер Виктор Орбан.Според медиумите, Нетанјаху покрај Орбан ќе се сретне и со унгарскиот претседател Тамаш Суљок.
Нетанјаху беше поканет во Унгарија од Орбан, иако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на шефот на израелската влада во ноември, поради војната во Појасот Газа. Повеќе од 120 земји-членки на МКС - во кои спаѓаат Германија, но не и Израел и САД - се обврзани да го уапсат Нетанјаху штом ќе влезе на нивна територија.
Унгарија го ратификуваше таканаречениот Римски статут на МКС во 2001 година. Сепак, унгарската влада никогаш официјално не го објави стапувањето во сила на одлуката за статутот поради уставни причини, па затоа не се чувствува обврзана со одлуките на МКС. Орбан остро го осуди издавањето на налогот за апсење против Нетанјаху и упати покана до неговиот израелски колега.
На крајот на февруари, потенцијалниот иден германски канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) вети и неизбежна средба со шефот на израелската влада во Германија. За време на телефонски разговор, тој рече дека го уверил Нетанјаху дека нема да биде уапсен во Германија.