1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Посетата на Венс е уште една провокација за Гренланд

АРД
28 март 2025

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и неговата сопруга Уша патуваат за Гренланд. Данската влада ја гледа посетата како натамошна провокација, а не се одушевени ниту Гренланѓаните.

САД 2025 | Џеј Ди венс Уша Венс
Американскиот потпретседател Венс патува на Гренланд со сопругата Уша Фотографија: Jeff Kowalsky/AFP

Од почетокот на неделата, околу оваа посета нема ништо друго освен конфузија: Прво, на Гренланд слетаа два американски авиони кои носеа оклопни возила - како претходница на американскиот министер за енергетика Крис Рајт и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Тие, без официјална покана, сакале да дојдат и, меѓу другото, да посетат американска воена база.

Џеј-Ди Венс сепак доаѓа

Во исто време, сопругата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс исто така треба да го посети островот и да присуствува на трка со санки со кучиња. Жена која, според американскиот претседател Доналд Трамп, наводно „е слаба“ на Гренланд. Уша Венс е „многу љубезна жена која го сака концептот на Гренланд“, рече Трамп.

Таа, како што беше речено, сака да присуствува на традиционална трка на кучиња со санки во придружба на Рајт и Волц. Тоа е променето во текот на недела. А потоа доаѓа и следниот пресврт: Уша Венс не треба да биде сама, објавува ненадејно нејзиниот сопруг, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. „Sharing is Caring“ - и тој доаѓа на Гренланд.

„Здраво, имаше толку многу возбуда околу посетата на Уша на Гренланд што си помислив: таа не треба да се забавува сама, јас ќе ја придружувам“, објави потпретседателот на платформата X. „Јас ќе ја посетам нашата воена база. И ќе проверам што се случува таму во однос на безбедноста. Знаете, многу други земји му се заканија на Гренланд, на територијата, а се закануваат и на поморските патишта.“

Вселенската база Питуфик на северот од ГренландФотографија: Thomas Traasdahl/Ritzau Scanpix/AFP

„Гренланд не е на продажба“

Но, многу Гренланѓани во моментов се чувствуваат загрозени пред сѐ од САД. Доналд Трамп неодамна повторно јасно стави до знаење дека ќе се оди толку далеку колку што е потребно. „Гренланд ни е потребен, Данска мора да ни го предаде Гренланд.“

Жителите на островот сметаат дека ова е многу загрижувачко: „Премногу е, Гренланд не е на продажба“; „Тие си доаѓаат овде спонтано, како што им одговара. Тоа не е во ред“, гласат дел од реакциите.

Огромното мнозинство од луѓето на Гренланд не сакаат да бидат дел од САД. Во исто време, населението сака да биде независно од Данска. По изборите, Гренланѓаните во моментов преговараат за нова влада.

Гренланд не е на продажба, порачуваат жителите на островотФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Данска протестира против „ескалацијата“

Гренланд ѝ припаѓа на Данска и е делумно политички автономен. Копенхаген има мал интерес да им го отстапи најголемиот остров на светот на Американците. Бидејќи Гренланд ја прави Данска - а со тоа и цела Европа - арктичка сила. Затоа владата во Данска уште еднаш става јасно до знаење: црвената линија е помината.

„Ние се спротивставуваме на оваа ескалација од страна на САД. Од данска страна, линијата е јасна. Така било отсекогаш“, изјави министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен на данската телевизија. „Јасно кажуваме: нема да прифатиме Американците да веруваат дека можат да одлучат како да изгледа данското кралство во иднина. Ова е одлука што Данска и Гренланд ќе ја донесат заедно.“

Протести пред американскиот конзулат во Нуук, Гренланд (15.03.2025)Фотографија: Christian Klindt Soelbeck/REUTERS

Данска денес со исчекување гледа на север - а 56.000 Гренланѓани исто така се прашуваат: Што сакаат да постигнат американскиот потпретседател и неговата делегација со својата посета? Ретко кој верува дека сакаат само да проверат дали е сѐ во ред во сопствената воена база.

Авторка: Софи Донгес, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми