Германија: Сценариото за предвремени избори сѐ поверојатно
6 ноември 2024На вечерниот состанок на коалицискиот одбор ќе се разговара дали СПД , Зелените и ФДП можат и сакаат нивната заедничка влада да продолжи со работа. Во последно време најмногу се зборува за нивните конфликти. Актуелниот спор е околу тоа што владата во Берлин може и што треба да направи за да и помогне на болната економија на Германија. Покрај тоа, СПД, Зелените и ФДП мора да постигнат договор за буџетот за наредната година, како и да одлучат кои проекти сè уште сакаат да ги реализираат заедно.
Коалицијата е во најголемата криза досега. За тоа отворено зборуваат водечките политичари од СПД, Зелените и ФДП. А во јавноста се почести се гласовите дека е можен крај на владината коалиција.
Предлозите на ФДП како провокација за СПД и Зелените
Сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер, претходно деновиве, предизвика нов спор во владината коалиција со документ за економската политика во кој шефот на Либералите бара „економски пресврт со делумно фундаментална ревизија на клучните политички одлуки“ - преку намалување на даноци за компаниите, олабавување на прописите во врска со заштитата на климата и намалување на субвенциите и социјалните давачки. Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и на ковладеачките Зелени одговорија со остра критика за потегот на Линднер.
Министерот пак обвинува за индискреција и тврди дека документот сè уште не бил наменет за јавноста. Но, дискусијата е во полн ек , а особено опозицијата сѐ погласно бара предвремени избори. Во тој случај составот на германскиот Бундестаг би се сменил пред регуларниот датум (28 септември 2025 година). Вообичаено, изборите на сојузно ниво се одржуваат на секои четири години, но во посебни политички кризни ситуации - особено ако поддршката на канцеларот во парламентот е разнишана - гласањето може да се спроведе и порано.
Во Сојузна Република Германија исклучително ретко доаѓа до предвремени избори. Тие можат да бидат важно демократско средство за враќање на легитимитетот и способноста на владата за владеење, но за тоа е потребна согласност од неколку уставни органи, особено од Сојузниот претседател.
Нови избори се можни само во два случаи
Според Уставот, пратениците не може сами да одлучат за одржување на предвремени избори. За тоа не може да одлучи ниту канцеларот. Наместо тоа, Уставот дозволува предвремено распуштање на парламентот само во два случаи. Ако по изборот на канцелар не се постигне апсолутно парламентарно мнозинство, односно ако кандидатот не добие барем еден глас повеќе од 50 проценти од сите пратеници, сојузниот претседател може да го распушти Бундестагот. Ваков случај досега не е забележан во историјата на Сојузна Република Германија.
Во вториот случај, канцеларот бара гласање на доверба од Бундестагот што му овозможува да утврди дали сѐ уште ја има потребната поддршка од пратениците. Доколку гласањето биде негативно, сојузниот претседател може на предлог од канцеларот да го распушти Бундестагот во рок од 21 ден.
Трипати предвремени избори во историјата на Германија
Штом се распушти Бундестагот, во рок од 60 дена мора да се одржат предвремени избори, чија организација се одвива според исти принципи како и кај редовните. За спроведувањето се одговорни Сојузната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи. Гласачите имаат два гласа - еден за директен кандидат и еден за покраинската листа на партиите.
Во историјата на Сојузна Република Германија само тр пати се одржани предвремени избори на сојузно ниво и тоа во 1972, 1983 и 2005 година.
Поради политиката за Истокот, Брант прв побара гласање доверба
Во 1972 година сојузниот канцелар Вили Брант (СПД) ја унапреди својата политика за растоварување на односите со Истокот, што на внатрешнополитички план беше многу спорно. Тоа доведе до толку големи разлики во социјал-либералната коалиција, што неколку пратеници на СПД и Либералите ја напуштија коалицијата.
Владиното мнозинство се намали на 248 членови од пратеничките групи на СПД и ФДП во Бундестагот и 248 членови на опозициската ЦДУ/ЦСУ, што ја парализираше политиката. Брант на 24 јуни 1972 година рече дека граѓаните имаат „право и натаму да функционира законодавството“, но оцени дека се зголемува опасноста „опозицијата да отстапи од конструктивната соработка. Затоа објавувам дека се стремиме кон предвремени избори“.
Затоа Брант мораше да постави прашањето за доверба, што наиде на критики, меѓу другото и од страна на уставни експерти, кои посочуваа дека намерно изгубено гласање за доверба не соодветствува на духот на Уставот. Брант на 20 септември 1972 година го постави прашањето за доверба и очекувано загуби, што пак го отвори патот за распуштање на Бундестагот и избори на 19 ноември 1972 година, на кои беше реизбран. СПД доби рекордни 45,8 отсто од гласовите. Излезноста на гласачите беше 91,1 проценти, до денес највисока во историјата на сојузните избори.
По смената на власта: Кол побара дополнителен легитимитет на владата
Вo 1983 година се одржаа вторите предвремени избори во време на Хелмут Кол (ЦДУ), кој на функцијата дојде во октомври 1982 година преку конструктивно гласање за недоверба на тогашниот канцелар Хелмут Шмит (СПД). Мнозинството од Бундестагот не му даде доверба на Шмит поради разликите околу неговата економска и безбедносна политика.
Меѓутоа, со оглед на тоа што демохристијанско-либералната владина коалиција на Кол, ЦДУ/ЦСУ и ФДП, дојде на власт преку гласање за доверба, а не преку избори, Кол сакаше да добие дополнителен легитимитет преку нови избори. Тој побара гласање за доверба и на 17 декември 1982 година, како и Брант пред него, намерно го загуби и со тоа постигна распуштање на Бундестагот. „Го отворив патот до нови избори за да ја стабилизирам владата и да добијам јасно мнозинство во Бундестагот“, изјави тогаш Кол.
Дел од пратениците не сакаа да го прифатат таквото дејствување и поднесоа претставка до Уставниот суд. По 41 ден одлучување, судиите од Карлсруе го одобрија патот на Кол до нови избори со намерно предизвикување пораз при гласањето за доверба, истовремено нагласувајќи дека прашањето за доверба е дозволено само во „вистинска“ криза. На изборите што се одржаа на 6 март 1983 година, канцеларот доби убедливо мнозинство и неговата влада продолжи со работа.
Нови избори поради контроверзни реформи: Шредер се пресмета
Во 2005 година тогашниот канцелар Герхард Шредер (СПД) беше одговорен за третите предвремени избори. Неговата партија, која владееше во коалиција со Зелените, поради серија порази на покраинските избори и намалената поддршка во Бундестагот - особено поради неговите контроверзни реформи во Агендата 2010 кои драстично го променија општествениот систем и пазарот на трудот – го постави прашањето за доверба и намерно го изгуби гласањето на први јули 2005 година и на тој начин иницираше нови избори.
„Цврсто сум убеден дека мнозинството Германци сакаат да продолжам по овој пат. Но, само на избори може да добијам потребно мнозинство“, изјави Шредер.
Но, неговата математика не излезе како што посакуваше. На предвремените избори на 18 септември 2005 година, Унијата од ЦДУ/ЦСУ под водство на Ангела Меркел постигна тесно мнозинство. Меркел на крајот стана канцеларка и тоа беше почетокот на нејзиното 16-годишно владеење.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик