1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последици од војната: Нема смирување на пазарот на керозин

АРД
22 април 2026

Снабдувањето со керозин на светскиот пазар и натаму е проблематично, иако политиката се обидува да ја смири јавноста. Засега има одредени резерви, но се намалуваат. Цените на авиокартите може значително да поскапат.

Авион на компанијата ТУИ се полни со керозин преку црево на аеродром
Скапиот керозин создава засилени главоболки кај авиокомпаниитеФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Цената на авионското гориво (керозин) се зголеми за 122 проценти од почетокот на војната на САД и на Израел против Иран, наведува лондонската консултантска компанија Енерџекс (Energex). Најпрво беа забележани проблеми со снабдувањето на азиските аеродроми, а пред две недели дојде и до доцнења при точењето гориво на аеродромите во Италија.

Германскиот авиопревозник Луфтханза ја затвори својата превозничка компанија Ситилајн и повлече од употреба стари авиони кои трошат многу гориво. Како причина се наведува скапиот керозин, но и реакција на штрајковите на персоналот. Германските медиуми пишуваат за заканувачки пораст на цените на авионскиот превоз и за проблеми што би можеле да следат, пред сѐ за далечните патувања во текот на летото.

Досега половина од керозинот потребен за Европа доаѓаше од Блискиот Исток. „Европа е регионот со најголема зависност од увозот од Блискиот Исток“, предупредува Меѓународната агенција за енергија (МАЕ). Од почетокот на војната со Иран пристигнува помалку од половина од тоа количество – што значи дека една четвртина од европските потреби за керозин повеќе не се задоволуваат на вообичаен начин. Саудиска Арабија, за волја на вистината, ја пренасочува суровата нафта кон пристаништето Јанбу на Црвеното Море, но тоа е несигурна работа бидејќи Иран може да го нападне Јанбу.

И војската има потреба од керозин

Но, не е отежнат само дотокот на сурова нафта и керозин. Постојат проблеми и во преработката, складирањето и дистрибуцијата на авионското гориво за цивилните летови. „Европските власти сѐ повеќе му даваат предност на снабдувањето на војската со гориво“, пишува Енерџекс, „што дополнително ја отежнува состојбата“. 

Американски воени авиони во Германија: Големи потрошувачи кои имаат приоритетФотографија: Reuters/G. Garanich

Во дистрибуцијата на керозинот клучна улога има ЦЕПС- Централноевропскиот цевководен систем (Central Europe Pipeline System). Тој ги поврзува морските пристаништа со аеродромите и воените гарнизони. ЦЕПС е воен објект на НАТО. На системот се приклучени аеродромите во Франкфурт, Амстердам, Цирих, Брисел и Луксембург.

Во актуелната војна на САД и на Израел против Иран и американското воено воздухопловство мора да размислува од каде ќе обезбеди гориво. „Користењето на ЦЕПС ќе се зголеми за да се снабдат американските воени аеродроми во Германија“, предупредува Енерџекс и потсетува дека ЦЕПС за време на војната во Косово во 1993 година привремено беше затворен за цивилна употреба.

Аеродромот во Франкфурт не е целосно зависен од ЦЕПС. Дополнително постои цивилен нафтовод до пристаништето Ротердам, кој ги полни резервоарите, од каде што посебен цевковод води до блискиот аеродром. Но без разлика дали станува збор за цивилен или воен нафтовод – во големото европско пристаниште Ротердам сега пристигнува премалку гориво.

Кој уште може да испорачува

Начелно постојат алтернативи на добавувачите од Блискиот Исток, но не е секогаш едноставно да се префрли на нив. Преработувачите во Азија користат руска нафта, но поради војната во Украина во моментов се под бојкот. Други, пак, скапо ја наплатуваат состојбата на пазарот. Така доаѓа до вистински процут на нафтените компании во Нигерија и во САД. Но тоа се мали капацитети и овие извори не можат да го надоместат прекинот на нафтата од Блискиот Исток.

Германската министерка за економија Катерина Рајхе и други европски политичари се обидуваат да ја смират ситуацијата. Европа, велат тие, не е зависна од увозот на готов керозин, бидејќи постојат рафинерии кои од сурова нафта можат да произведуваат авионско гориво. Но по падот на побарувачката за време на пандемијата на коронавирусот и настојувањата повеќе да се користи зелена енергија, рафинериските капацитети се намалија. Енерџекс објави дека денес во Европа се произведува една четвртина помалку керозин отколку пред пандемијата. 

Освен тоа, недостига и сурова нафта. Згора на тоа, не се сите рафинерии технички способни за сложеното производство на керозин. Оние што можат, веќе работат со полн капацитет и остваруваат големи профити.

Германската авиокомпанија Луфтханза веќе укина некои линии поради скапото авионско горивоФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Не постои алтернатива за авионско гориво од нафта. Обидите за вештачко производство на керозин со помош на зелена енергија засега функционираат само во мали пилот‑постројки кои годишно произведуваат неколку илјади тони. Поради огромната потрошувачка на електрична енергија, тонот од таквото гориво и понатаму е околу 1.000 долари поскап од фосилниот керозин.

Според податоците на Енерџекс, вкупните резерви во Германија се доволни за шест недели потреби од керозин. Снабдувачот со гориво на аеродромот во Франкфурт наведува дека може да складира најмногу 186 милиони литри. Дневната потрошувачка на аеродромот изнесува 15 милиони литри. Енергетската агенција МАЕ на глобално ниво смета на благ пораст на побарувачката, додека Организацијата на земјите извознички на нафта - ОПЕК предвидува значително поголем раст на побарувачката за авионско гориво.

Помалку летови за повеќе пари

Војната во Украина, а сега и Иранската војна, и онака ги поскапеа авионските патувања. Авионите мора да летаат по обиколни рути. Поради подолгото траење на летовите и неповолните пристигнувања, екипажите и авионите повеќе не можат да се распоредуваат толку ефикасно како порано.

Се додека е затворен Ормускиот теснец, ситуацијата на пазарот на нафта нема да се нормализираФотографија: www.marinetraffic.com

На овие фактори, кои веќе ги зголемуваат трошоците, сега им се придружуваат и растечките цени на керозинот. Досега тие сочинуваа 20 до 30 проценти од оперативните трошоци на авиокомпаниите. При цена што порасна на повеќе од 1.800 долари по тон – повеќе од двојно – старите пресметки повеќе не важат.

Авиокомпаниите сега од политиката бараат олеснувања поради високите цени на керозинот. Сојузот на германската индустрија за воздушен сообраќај - БДЛ, на пример, предлага привремено суспендирање на системот за тргување со емисии на штетни гасови за воздушниот сообраќај во ЕУ, како и аеродромските такси. „Судирот на Блискиот Исток има најголемо влијание врз меѓународниот, европскиот и националниот воздушен сообраќај од пандемијата на коронавирусот наваму“, предупреди Сојузот.

Германските авиокомпании Луфтханза и Еуровингс веќе укинаа некои линии. Ако Ормускиот Теснец остане затворен, редовите на летање би можеле дополнително да се проретчат, а картите да поскапат. Денеска (22 април, 2026) Европската комисија сака да претстави план за справување со кризата со нафта и керозин.

Автор на текстот: Инго Натузиус

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми