1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалХрватска

Последниот танц на легендарниот Лука Модриќ

Среќко Матиќ
13 декември 2022

Лука Модриќ повторно ја доведе хрватската репрезентација до полуфиналето на едно СП. И на 37 години, тој и натаму е играч на одлука. А против Аргентина, неговите „Огнени“ немаат од што да се плашат.

Лука Модриќ
Лука Модриќ ја прославува победата над Бразил во четвртфиналето на СП во КатарФотографија: Igor Kralj/Pixsell/IMAGO

Без тетоважи, без гел во косата и без трач-рубрики. Лука Модриќ делува како фудбалер од некои минати времиња. 172-сантиметри високиот капитен на хрватската репрезентација е срамежлив, а прес-конференциите и интервјуата не му се омилени. Тешко му е да зборува за себеси. Но на теренот, тој е главен. На СП во Русија, како најдобар играч на турнирот, сензационално ја предводеше Хрватска до финалето, каде загубија од Франција. Сега во Катар, Хрватска е повторно во полуфиналето, по победата во пенал-рулетот над Бразил. 

„Лука наметна одличен ритам низ сите 120 минути. Тој е мозокот на победата“, оцени селекторот Златко Далиќ по триумфот. „Пред Светското првенство некои го отпишаа, но сега им покажа на сите“, додаде селекторот. Но, тоа важеше за целиот тим на Хрватска за кого многумина сметаа дека му минало времето.  

Хрватските фудбалери ја слават победата над Бразил на СП во Катар 2022Фотографија: Suhaib Salem/REUTERS

Хрватска ефикасност 

По победата над Бразил, и самиот Модриќ го призна тоа. „Бевме речиси победени, сите нѐ прогласија за мртви. Но покажавме дека никогаш не се откажуваме, и дека нашата верба е огромна“. Модриќ е тркач, кој е насекаде на теренот. Трча напред и назад, дрибла, не се плаши од дуели, и ја презема одговорноста. Модриќ е истовремено борец и техничар. Неговиот заштитен знак е пасот со надворешниот дел на копачката, неретко и над 30 или 40 метри. 
Со него, малата Хрватска е повторно во едно полуфинале. Веќе третпат на вкупно шест учества на Мундијалите. Билансот од пенал-дуелите е безгрешен: Хрватите победија во сите четири изведувања на пенали на Светските првенства. И сето тоа со речиси минимален принос: Хрватите во Катар извојуваа само една победа во 90 минути, и ниту еднаш не беа први во водство.
Со Аргентина играа и на последното СП во Русија, и тогаш Хрватска победи во групната фаза убедливо со 3:0. Еден од головите постигна и Модриќ. Овојпат, тој ќе ја има последната шанса да ја круниса својата кариера со титулата. Со 160 настапи, Модриќ е рекордер во националниот тим. Досега веќе петпати ја освојуваше Лигата на шампионите. И понатаму е главен играч на Реал Мадрид и покрај поодминатите 37 години возраст. 

Хрватска во фудбалска славеничка еуфорија

01:09

This browser does not support the video element.

Осуден за затајување данок 

Во неговиот живот, сепак, не оди сѐ како подмачкано. Во Хрватска немаат сите високо мислење за него, особено поради врските со контроверзните ликови на хрватскиот фудал, браќата Здравко и Зоран Мамиќ. Дополнително, повеќепати мораше да се појавува и на суд. Во 2018 беше осуден на висока парична казна и условна затворска казна поради затајување данок. 

„Војната, животот во бегалски камп ме зацврстија“, рече тој во една прилика, раскажувајќи за своето детство во времето на хрватската војна за независност. Во секој случај го зацврстија доволно за да ја издржи конкуренцијата во Реал Мадрид. „Ел Пони“, како што го нарекуваат соиграчите, го носи дресот со број 10 во Реал и во репрезентацијата - знак на почит за неговите постигнувања. Поради неговото фудбалско умеење тој е обожуван во Хрватска и Шпанија. Ништо друго не е важно, особено кога се работи за титулата.

„Не треба да се плашиме од никого“, вели дефанзивецот Јосип Јурановиќ пред мечот против Аргентина.

„Полуфиналето не е крај“, вели селекторот Далиќ. „Можеме уште многу да постигнеме“. Особено со Лука Модриќ во топ-форма.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми