1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последното искушение на Никола Груевски

22 декември 2022

Груевски може да дојде дома, но не може да се врати. Единствено може да биде вратен. На уште попонижувачки начин од бегството во гепек – сега во бизнис класа лет на Луфтханза виа Вашингтон. Пишува Арсим Зеколи.

Никола Груевски, поранешен премиер на Северна МакедонијаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Единственото изненадување во објавата дека Никола Груевски е најпопуларен политичар во Македонија е нискиот процент на подржувачи. Очекував цифрата да биде двоцифрена. Сето друго беше и очекувано и најавувано. Затоа е неразбирливо зошто токму оние кои до пред година-две го вртеа пасивно-агресивниот контра-аргумент „е па тогаш да го вратиме Грујо” предничеа во кубење коси, кршење прсти и црнење на „неразбраниот глупав народ”. Кога најсилниот аргумент на твоето владеење е споредбата со најдеструктивниот лик на политичката сцена, тогаш самиот си кажуваш дека си свесен колку всушност вредиш на пазарот. А цената на Владата Ковачевски-Ахмети е банкрот. 

Вториот момент, не изненадувачки туку индикативен, е вклучувањето на Груевски и невклучувањето на Максим Димитриевски, Арбен Таравари и опфаќањето на демисионираните Зијадин Села и Бранко Црвенковски. Прилично непријатна порака, понепријатна дури и од фамозната анкета од славните денови на Зоран Заев нарачана за на граѓаните воопшто и на Радмила Шеќеринска директно да им се објави дека потпретседателката на СДСМ ужива некои мизерни 2% популарност. Токму онолку доверба и подршка колку што сега ужива Заев. Можеби затоа анкетата на ИРИ не беше да се оцени популарноста на партиските претседатели, туку да се оценат лидерските капацитети на ликовите. 

Што се однесува до рејтингтот на Димитар Ковачевски, единствениот заклучок е дека колку и да е непријатен, сепак е реал-политички соодветен на неговата позиција во партијата и карши коалициониот партнер. И за тоа си е самиот виновен. За пропуштената можност да низ летна реконфигурација на Владата ја рекалибрира сопствената битност пред партнерите и особено пред граѓаните. Неговите обиди низ митинзи и комични Кутуњо попевки очигледно не го засилуваат рејтингот. Кој, парадоксално, е повеќе хендикепиран од неговото партиско и коалиционо опкружување, отколку од него самиот како премиер. 

Победници и губитници 

Но да се вратиме на Никола Груевски и неговата опстојувачка, но секако не и изненадувачка популарност, која потврдува дека гласачите ја ценат константата како препознатливост и гаранција, дури и кога е таа со негативна конотација. Како што може да се заклучи низ подемите и падовите на Мицкоски, Апасиев, Села, Касами низ нивните постапки во последните година дена во кои или доаѓаа во контрадикција со сопствените ставови или влегуваа во соработка со доскорешни арх-ривали. За разлика од нив, политички неактивниот и на Фејсбук мошне ажурниот Груевски сепак успева да се придржува кон перцепцијата создадена за него, особено во етно-македонското општество. Сосема е небитно дали таа перцепција е соодветна на реалноста или е прашање на носталгија. Перцепцијата во политиката е факторот кој определува имиџи на победници и губитници. 

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Првите реакции за „шокантната” популарност на Груевски беа на линија на оценките дека станува збор за мал број die hard националистички следбеници и/или Македонци разочарани од политиките на СДСМ-ДУИ во идентитетските спорови со соседите. Таа оценка не соодејствува со фрагментацијата на политичката сцена во која тврдокорните идентитарци се имаат приклонето кон Левица или пост-СДСМ изданоците кои ја имаат превземено идентитетската штафета од ВМРО-ДПМНЕ. Во прилог на ваквата оценка се и бројките на падот и подемот на популарноста на Груевски кои не се совпаѓаат со најдраматичните моменти на „предавствата на Зоќе и Таќе”. Но еруптираат токму на крај на третиот квартал на Владата на Ковачевски, среде јавно објавениот колапс на довербата во правосудството, на експлозијата на корупцијата и перцепцијата за тотална дисфункционалност на институциите и сеопшта неказнивост. Додајте го на тоа неуспехот на Ковачевски и Мицкоски да се наметнат како лидери, со намалената подршка за Ахмети во неговата партија и какофонијата на разни дилетанти со вербално лидерски, но реално пазарџиски апетити.

„Шарени споменици“ 

Б.Ц. навистина беше ем крив, ем виновен за сѐ. Немаше сегмент во политиката и економијата за која вината не паѓаше врз негови плеќи, заслужено. Се додека вината не прерасна во рефрен, во виц, во какофонија и финално навреда за здравиот разум на оние кои не живееја во минатото, туку стенкаа од денешницата. На СДСМ и „шарените” им успеа да ја повторат истата формула преку мрзливо, нарцистичко, препотентно, шминкерско и лицемерно глумење на вечни носители на „шарени споменици” во рушење на режимот на Груевски. Нивната ароганција во игнорирање на поплаките, во цинични одбрани „да го вратиме режимот”, елитистичката пресветост дека „некои прашања не заслужуваат одговор” и генералното наметнување врз општеството како моралистичка полиција која определува што е прогресивно, а што регресивно, на крај успеа да ја релативизира меморијата за „режимот” и да го хуманизира ликот на Груевски. Парадоксот не е популарноста на Грујо денес. Парадоксот е што СДСМ и ДУИ, а не ВМРО-ДПМНЕ - го вратија „диктаторот” како поприфатлива опција од сите владини „оптимизми и успеси” и опозициските „Изногуд сака да биде Грујо” карикатури.

Дискутабилно е дали СДСМ, па и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, ќе имаат доволно време за радикално да го сменат длабоко вкоренетиот впечаток за нив како излитено нужно зло карши Груевски. Партии сведени на Кутуњо севдалинки, зелени агенди и Мизрахи на коњ кампањи небаре несвесно праќааат сублиминални апели за помош и чаре. Домашното расположение секако не им оди во прилог, барем не онака како што времето одработува за реставрација на груевизмот. А притоа, ни надворешните прилики не се за машала. 

Гледано во глобални рамки, примерот Груевски е речиси идентичен со судбината на екс-премиерот на Тајланд, Таксим Шинаватра.Популарен кај руралните и омразен од урбаните слоеви, подржуван од западот, срушен низ протести на „жолти кошули” и воен удар во 2006година, пребеган во Лондон и се уште сметан како влијателна сива еминенција на политичката сцена во Тајланд, особено пред изборите кои следат во 2023. Но суштинската дилема за причините на вклучување на Груевски во анкетите и неговата популарност кај определен слој на општеството треба да ја бараме во нашето непосредно опкружување. 

„По барање на гледачите“ 

Доколку се загледаме во тоа опкружување ќе увидиме дека Груевски не е исклучок, туку е правило во трендот на враќање на отпишаните. Разлика е што тоа некаде се одвива „по барање на гледачите”, а некаде „по замисла на режисерите”. Гледано од тој аспект, Груевски е дел од бранот промени во кои паднаа или беа срушени Борис Тадиќ, Мило Ѓукановиќ, Хашим Тачи, Сали Бериша. Притоа, денес, Груевски, Тадиќ, Ѓукановиќ, Тачи, Бериша се водечките ликови на опозициските сцени со надеж за враќање на власт. Дел од нив стремат да се вратат „по барање на публиката” како Ѓукановиќ, Бериша, Тадиќ, другите пак според „замислата на режисерите”, како што е Тачи. И Груевски. За кој сепак имаме подзаборавено (особено неговите подржувачи) дека и самиот негов продор кон власта беше со огромна подршка и проекција на влијателни земји од западот. Скандалозните обиди на американскиот Стејт Департмент за шиканирање на Сали Бериша наместо со негово отстранување од политичката сцена, доведоа до реставрација на имиџот на остарениот 70 годишен прв демократ на Албанија, дури и кај помладите генерации. Некогаш општиот консензус на Западот за отстранување на Ѓукановиќ од политичката сцена е веќе сериозно нарушен благодарение на авантуризмот на Дритан Абазовиќ. Оние кои се насладуваа на апсењето на Хашим Тачи (особено Белград) денеска би го пречекале со ловорики и црвен тепих како замена за Албин Курти. И на крај, Груевски, кој лично, како и неговите следбеници, би сакал да биде сместен во графата на кам-бек дечко „по барање на публиката”. Проблемот е што имаме подзаборавено – особено неговите најтврди подржувачи – е што неговиот првичен подем кон власта немаше да се случи без силна потпора од западните режисери. Вклучително и некои нивни регионални експоненти. Како соседна Бугарија, на пример. 

Оттаму, согледувањето на опстојувањето на Груевски се должи на два паралелни процеси кои се одвиваат кај нас и во регионот. Првиот процес е дијаметралната разлика помеѓу САД и ЕУ околу смислата на реформите согласно нивните стратегии и предности. Во случајот на САД, Груевски, Ахмети, Тачи, Абазовиќ се дел од домашно омразената, но американски интересната пракса на „стабилократија” одржувана преку за Америка ефтин илиберализам, платен со евро-германски пари. Во случајот на ЕУ; Курти, Ѓукановиќ, па дури и Бериша се несовршени водачи кои сепак испорачуваат реални реформи барани од ЕУ и ги почитуваат фундаменталните демократски правила на играта и нивните слободи.

Вториот процес е зреењето на домашното гласачко тело кое по интеграциските излети во световите на „што ми е мило, ми се снило”, се враќаат кон домашните реални предизвици и егзистенцијални приоритети. Низ тоа зреење се дефинираат двете концепции на претставништвото во постојан судир. Од една страна претставничката реал-политичка претставителност базирана врз предизвиците сега, овде, ургентно. Од друга страна проектираната фондациска демократија која егзистира преку мимикрија на можното - но неизвесното, саканото – но недостапното, ветуваното – но измаменото, нашминканото – но испразното, коректното – но неискреното, конструктивното – но напати докажано како бесмислена скапо платена пропаганда од која никој ништо не очекува.

Дали ќе се врати Груевски? Тоа е одговор во рацете на оние кои му го дозволија тоа што му го забранија на Санадер или на Хашим Тачи. На оние кои доколку сакаа, ќе го вратеа од Будимпешта за да се соочи со правдата на својот народ, наместо со питачењето за милост од дипломатијата. Груевски може да дојде дома, но не може да се врати. Единствено може да биде вратен. На уште попонижувачки начин од бегството во гепек – сега во бизнис класа лет на Луфтханза виа Вашингтон. За да штом слета во „библиската" земја се соочи со неговото последно искушение. Речиси препишано од зборовите на Исус според перото на на Никос Казанцакис: Никогаш се немам плашено од животот онака како што сега се плашам од воскреснувањето.   

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми