1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постапката за Беса Адеми - порака со далекусежни последици!

29 декември 2023

Пораката е дека интегритетот и отпорот се непожелни, дури и кога се јасно насочени кон заштита на авторитет и независноста на судството.

Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд
Беса Адеми, претседателка на Врховниот судФотографија: Petr Stojanovski/DW

Постапка за утврдување на одговорност на претседател на суд. Тоа е точката за која денеска ќе расправа Судскиот совет, а се однесува на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Иницијативата за утврдување на нејзина одговорност е поднесена во индикативен период - откако Адеми со судиите на Врховниот суд оствари средба со амбасадорката на САД во РСМ, Анџела Агелер, на која се говорело за прашања што се однесуваат на независноста на судството. Средбата беше одржана во екот на шпекулциите дека една партија од власта бара начин за враќање на Никола Груевски во земјата, преку политички притисок врз Врховниот суд да даде начелно мислење со кое ќе се оживее амнестијата на Ѓорге Иванов. По интервјуто на Беса Адеми за СДК.мк во кое таа јавно проговори дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт“, почна и црна кампања против неа. Беше спроведена од два сајта без импресум, кои истражување на БИРН ги доведе во врска со функционер од ДУИ. Набрзо се „роди“ и иницијативата за нејзино разрешување, според информациите поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, кој беше избран за член на Судскиот совет на предлог на претседателот Стево Пендаровски

Не е прекршување на законот!

Еден од „аргументите“ на кој се засновала иницијативата било отсуството на претседателката на Врховниот суд од седници на Судскиот совет. Претседателката на Врховниот суд, како и министерот за правда се единствените двајца кои по функција членуваат во Судскиот совет и немаат право на глас при одлучувањето. Од друга страна, интересен е фактот дека претседателката на Врховниот суд Беса Адеми е „најотсутна“ токму на веб-страницата на Судскиот совет, кадешто таа воопшто не е наведена како член на Судскиот совет. 

Судскиот совет на последниот работен ден во 2023 расправа за иницијативата за утврдување одговорност на Беса АдемиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, уште побитно е тоа што денешното „преслушување“ на Адеми за нејзино отсуство од седници, е во спротивност со една од препораките во Извештајот на Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет, за кој пак Советот до денес сѐ уште не расправал! Во неа се вели дека „треба да се напомене дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда не присуствуваа на состаноците на Судскиот совет, по сопствена одлука, по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет и тоа не е прекршување на законот“.

Од друга страна, Советот досега не изрази идентична „загриженост“ што министерот за правда не присуствува на седници на Судскиот совет.

„Членовите на Советот, кои очигледно се одлучни да се занимаваат со формата наместо со суштината, треба да одговорат каде во Уставот пропишува дека Советот може да ги ‘превоспитува’ членовите на Советот по функција“, пишува новинарот на БИРН Васко Маглешов.

„Зошто Судски не испрати иницијатива за интерпелација за министерот за правда до парламентот, кој, исто така, не доаѓа на ниедна седница? Со колку неоправдани изостаноци следува опомена, а со колку исклучување? Се претвора ли Судскиот совет во истражен орган, кој ќе го испитува (не)оправданото отсуство од седниците?“, коментира Маглешов.

Порака со далекусежни последици

Според правни експерти, пораката која се испраќа преку самото поведување на оваа постапка оди многу подалеку и ќе има пoдалекусежни последици од статусот на Беса Адеми како претседателка на Врховниот суд. 

„Се праќа јасна и директна порака до сите останати судии дека доколку вакво нешто може да му се случи на претседател на Врховниот суд, дури и по неуспешните и дилетантски обиди за дискредитација преку нарачани текстови и сомнителни портали, тогаш ниту еден друг судија не е недопирлив и имун од ваков тип на арбитрарна ретрибуција. Особено доколку се дрзне јавно да проговори за очигледните притисоци кои доаѓаат од различни центри на моќ“, вели за ДВ професор од Правниот факултет на УКИМ.

Македонскиот Врховен СудФотографија: Petr Stojanovski

Во таа смисла, смета дека ефектот на одвраќање и замолчување на судиите, кое и сега постои, ќе биде енормен. Пораката е дека интегритетот, пркосот и отпорот се очигледно непожелни, дури и во ситуации во кои тие се јасно насочени кон заштита на авторитетот и независноста на судството, додека полтронството, потчинетоста и клиентелизмот се единствениот modus vivendi и modus operandi во судството, но и пошироко.

„Сите ние како граѓани сериозно треба да се замислиме дали е ова начинот на кој треба да ни функционира државата и судството. Станува збор за класична демонстрација на сила во која правото дури и не мора да се инструментализира, бидејќи тоа станува ирелевантно исто како и аргументите. Судиите, а особено судските членови на Судскиот совет, треба да бидат особено внимателни и будни за ова прашање, бидејќи утре може истото и нив или нивните колеги да ги снајде, а тогаш ќе нема кој да ги брани со оглед на тоа што ваквите апсурдни постапки стануваат нормални, а со време дури и прифатливи. Правото треба да ги штити послабите, а реално многу ни е јасно на сите каде е концентрирана моќта во нашата држава“, оценува нашиот соговорник.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми