1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Потиснато сеќавање на Февруарската револуција

Фолкер Вагенер
23 февруари 2017

Пред точно сто години, во февруари 1917, во Русија му беше ставен крај на владеењето на царското семејство Романов. Но, Русите малку знаат за Февруарската револуција, претходницата на доаѓањето на власт на болшевиците.

Февруарска револуција Русија
Масовни демонстрации во Петроград пред почетокот на февруарската револуцијаФотографија: Wikipedia

Според јулијанскиот календар на 23 февруари, а на 8 март според грегоријанскиот, руското општество е принудено да се соочи со минатото за кое е тешко да се суди. Вообичаено е по повод стогодишниците да се организираат големи државни манифестации. Но, од страв од минатото, тоа не е случај со Февруарската револуција во Русија. Никлаус Кацер, директор на германскиот Историски институт во Москва, вели дека спасот на државата од анархија секогаш бил доминантен фактор во руското гледање на историјата. Тој на тој начин ја објаснува упадливата воздржаност во односот кон годишнината. Затоа што 1917 и годините кои следуваа, навистина беа анархистички.
За волја на вистината, во декември претседателот Владимир Путин наложи да се подготви одбележување на годишнината, но официјалното барање за тоа пристигна упадливо доцна. Во повторно засилената Русија на Путин, сопствената држава од пред 100 години се доживува како слаба. Од власта беше урнат законскиот владетел Николај Втори. Русија повторно стана силна дури под власта на болшевиците. Зошто тогаш потсетување на времињата на слабост?
Многумина од Калининград до Владивосток мислат на следниот начин: сѐ што ја направи Русија силна, голема и суверена е добро- без оглед дали се работи за Романови или за Сталин. Но, револуциите кои го загрозија континуитетот на државата- тие се лоши. „Мнозинството Руси не знаат ништо за претходницата на големата Октомвриска револуција“, вели Јуриј Пивоваров, историчар на московскиот Универзитет Ломоносов.

Децата на Николај II: најпрво куќен притвор, а потоа стрелањеФотографија: picture-alliance / akg-images

Состојбата пред револуцијата

Непосредна причина за востанието во февруари беа Првата светска војна, гладта и економската беда. Руските трупи од 1915 година се повлекуваа. Загубени беа Полска, Литванија и сите области долж линијата Двина, до Романија. Беше тоа целосен колапс на целиот западен фронт. Моралот беше на нула. Само во текот на 1916 година дезертираа околу 1,5 милиони руски војници. Населението страдаше од глад и студ. Зимата 1916/17 беше невообичаено остра. Немаше огрев, дрва и јаглен. Индустријата воглавно произведуваше за потребите на војната. За тоа да може да се плати, беа печатени пари. Инфлацијата беше галопирачка, кон крајот на 1916 изнесуваше 400 проценти. Во неколку индустриски центри дојде до штрајкови и радикализација. Особено во Петроград, подоцна наречен Ленинград, а денес Санкт Петербург.

Долго пред клучниот 23 февруари, во фабриките за муниција дојде до немири. Ноќе пред пекарниците се формираа редови. Илјадници луѓе скандираа „Леб, леб!“ Но, царот одлучи да ги посети трупите. Состојбата ескалира во повеќе фабрики, а масите ја разоружаа полицијата, додека војската немо гледаше. Царот со телеграма нареди да се задуши бунтот, па следниот ден во Петербург беа убиени 60 демонстранти. Потоа, цело армиски полкови се солидаризираа со штрајкувачите. Иако царската влада прогласи вонредна состојба, војската им се придружи на демонстрантите. Примерот го следеа и работниците и војниците во Москва.

Екатеринбург: во оваа соба на 17 јули 1918 е стрелано царското семејство.Фотографија: picture alliance/akg-images

 

Војската со народот

Целосно погрешно проценувајќи ја состојбата во земјата, царот Николај на 26 февруари со телеграма му наредува на претседателот на Думата да го распушти парламентот. Но, пратениците го одбиваат тоа. Еден ден подоцна се формира комитетот на Думата. Пратениците ги преземаат владините канцеларии, именуван е нов врховен командант. Рускиот парламент ги презема сите државнички работи.

Од пресудно значење за промената на власта е воздржаноста- дури и премолченото одобрување- на генералите. Интересот на армијата е јасен: тие не биле премногу загреани за либералните идеи, туку нивните клучни интереси биле: способноста за одбрана на земјата и продолжување на војната. Решавачката политичка битка се случува половина година подоцна. Во Октомвриската револуција победуваат болшевиците, а новата мултинационална држава СССР е формирана дури во 1922 година. Русите повеќе сакаат да се сеќаваат на тој датум, а помалку на револуцијата во февруари.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми