Потона ферибот кај Бали
3 јули 2025
Ферибот со 65 лица и возила потона кај индонезискиот остров Бали. Според локалните власти, досега се пронајдени најмалку четири тела на загинати, а 29 лица се спасени.
Екипите за итни случаи трагаат по 32 исчезнати лица. Според властите, потрагата се одвива со девет бродови. Темнината и лошото време, со бранови високи до два метра, ја комплицираат операцијата за спасување. Фериботот бил на пат од соседниот остров Јава кон пристаништето Гилиманук на Бали.
Преживеани биле во морето со часови
Фериботот „Туну Пратама Џаја“ испловил од пристаништето Кетапанг доцна навечер и испратил сигнал за помош околу 20 минути подоцна, изјави Вахју Сетиабуди, координатор на локалната акција за спасување. На бродот имало 53 патници и 12 членови на екипажот.
Неколку од преживеаните биле спасени во морето кај Чекик, на Бали. Тие стигнале на безбедно со сплав за спасување, соопштија властите. Многу од спасените биле во несвест откако пловеле со часови по немирно море, изјави началникот на полицијата Рама Самтама Путра.
Протекување во машинската просторија?
Фериботот превезувал и повеќе од 80 возила, вклучувајќи околу 20 големи камиони и автомобили, како и многу мотоцикли.
Причините за потонување на фериботот засега се нејасни. Меѓу пристанишните работници неофицијално кружи верзија за протекување во машинската просторија пред превртувањето.
Преминувањето низ Балискиот Проток - тесен, но често турбулентен теснец, познат по силните струи и ненадејните промени на времето - обично трае помалку од еден час. Многу Индонезијци патуваат помеѓу Јава и Бали, двата најпрометни и најгусто населени острови во земјата. Но, безбедносните стандарди за фериботи честопати недоволно се спроведуваат.