1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе генерации под ист покрив

Фолкер Витинг
23 мај 2023

Стари и млади под еден покрив - тоа го има сè поретко. Алтернатива е повеќегенерациско живеење, според мотото: заедно сме помалку осамени.

Проект-иницијатива „Живеење во заедница е.В.“
Проект-иницијатива „Живеење во заедница е.В.“Фотографија: Volker Witting/DW

Заедничкиот појадок е дел од секојдневниот ритуал. Оној кој може, во 9 часот се симнува во светлата заедничка просторија на приземје. Не секогаш сите единаесет членови на здружението „Живеење во заедница Менделштрасе е.В“. се симнуваат на појадок. Но најголемиот дел од нив појадуваат заедно. „Тука секогаш имам некој со кого можам да разговарам“, вели Хајдемари Мелау. „Ние живееме заедно и покрај сите наши разлики. И тоа е убаво чувство“, вели 80-годишната жена која живее сама. Особено кога ви треба помош или сте болни, добро е да имате заедница зад вас, додава таа.

Валтрауд (71) тоа го формулира вака: „Да се ​​живее овде, значи да се добие на лотарија“. Долго време уживала во мирниот живот на село, но потоа сакала промена. Овде, во Берлин-Панков, проектот за домување е на извесен начин како да сте на село: „Вие помагате и се грижите за другите, зборувате за секојдневните работи“, додава Валтрауд, која не сака да го каже своето презиме.

Единаесетте членови на зедницата се на возраст од 13 до 90 години. Диверзитет и заедништво: Тие не сакаат да живеат сами и анонимно. Имаат своја заедничка куќа во голем, модерен комплекс со вкупно 351 стан. Мал остров во голем проект. Секој член има сопствен стан. Големината варира од 43 до 100 квадратни метри. Секој стан е во голема мера без бариери. Здружението заедно ја финансира заедничката соба со телевизор и кујна, каде што секојдневно се појадува заеднички. Еден вид станбена заедница со многу приватност.

Заеднички појадокФотографија: Volker Witting/DW

Корнелија Апел е нешто како иницијатор на проектот. 65-годишната жена била вклучена во проектот уште пред повеќе од десет години. Да се ​​најде инвеститор кој сака да поддржи проект за домување со повеќе генерации беше многу тешко, вели Апел: „Контактирав секакви можни задруги и други градежни инвеститори. Честопати не испраќаа ниту одговор.“

Живот на повеќе генерации под еден покрив сè уште е исклучок во Германија. На почетокот на 2014 година, бил потпишан договор за соработка со берлинското градежно здружение „Гезобау“. Членовите на заедницата можеле да се вселат во новиот комплекс на згради на почетокот на 2019 година. Во тоа време тие биле 13-мина посветени луѓе кои барале и нашле нов дом во заедницата. Двајца членови на здружението во меѓувреме се починати, објаснува пензионираната негувателка Апел, која тогаш се вселила заедно со својот сопруг, кој веќе не е жив. „Не сакав да се чувствувам осамено“, вели пензионерката за својот главен мотив за вселување.

Корнелија Апел била вклучена во проектот „Живеење во заедница е.В.“ уште пред повеќе од десет годиниФотографија: Volker Witting/DW

Домување со повеќе генерации - модел за индустриските општества кои стареат брзо?

Повеќегенерациското живеење има многу предности. Жителите остануваат независни. За нив се појавуваат нови можности за контакт во и преку заедницата. Разновидноста на животни искуства, образование, хоби и професии на жителите на заедницата е стимулативна за сите. Тоа го доживува и Хајдемари Мелау. „Секогаш има некој со кого можеме да разговараме и да размениме идеи.“ Расправиите се исто така дел од тоа. Но, до нив обично доаѓа само на состаноците на станари, кога се работи за технички работи. Друга предност на животот со повеќе генерации: вработените родители можат да бидат ослободени од грижата за децата. Живеењето во куќи со повеќе генерации за старите лица е поевтино од сместувањето во установа за нега.

Ингрид Мајер-Ригел е таму од самиот почеток. Оттогаш, 86-годишната жена „повеќе не се плаши да биде сама“. Таа смета дека проектите за домување со повеќе генерации се показател како треба да изгледа иднината. „Премногу стари луѓе се осамени во едно општество кое има сѐ повеќе самци и постари луѓе.“

Куќата на заедницата се наоѓа во задниот двор на овој станбен комплекс во БерлинФотографија: Volker Witting/DW

Ваквиот тренд е глобален, особено за високо развиените индустриски општества како Германија. Процентот на 65-годишници во однос на вкупното население рапидно се зголемува. Во Германија процентот на луѓе кои се постари од 65 години е 21,8 отсто, објави агенцијата за статистика „Евростат“. Во Италија, овој процент е највисок во рамки на ЕУ - 23,3 проценти. Јапонија е лидер. Таму процентот на лица над 65 години е веќе 29,1 проценти.

Бројни истражувања покажуваат дека чувството на осаменост се зголемува со возраста. Истражувањето на институтот за истражување на јавното мислење Форса од 2021 година доаѓа до заклучок дека секој петти човек на возраст над 75 години понекогаш се чувствува осамено. Луѓето над 80 години се изложени на ризик од социјална изолација.

Затоа на Јоаким Вирц долго време му било јасно дека сака да биде дел од проект за домување во заедница. Тоа за него бил „лоз за среќа“, вели 74-годишникот, кој не можел да замисли друг живот освен во разновидна заедница. Уште од мал, тој отсекогаш живеел во домови со повеќе лица. За него е возбудлива и охрабрувачка и размената со двајцата најмлади членови на заедницата, кои имаат 13 и 22 години. Со нив се доаѓа во разговор и за теми како заштита на климата. „Мене никој не може да ме извлече одовде“, резимира Јоаким Вирц.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми