1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќето Германци сакаат избори што е можно поскоро

8 ноември 2024

Добро е што дојде крајот на „семафор коалицијата“, сметаат шест од десет Германци. Одговорноста за падот на владата на Олаф Шолц најмногу им се припишува на либералите.

Карикатура Олаф Шолц
Олаф Шолц би сакал да остане уште малку во канцеларската фотелјаФотографија: DW

Набргу откако беше објавено дека владејачката германска, т.н „семафор коалиција“ пропадна, се слушнаа гласни барања да се одржат предвремени избори што поскоро. Побрзо отколку што замислуваше канцеларот Олаф Шолц. Овој социјалдемократ во средата вечерта најави дека има намера да постави прашање за доверба на владата на 15 јануари во Бундестагот, што значи дека предвремените избори може да се одржат на крајот на март. 

Опозицијата, пак, бара веднаш да се постави прашањето за доверба на владата и на канцеларот, за во јануари да се одржат предвремени избори. Ова го поддржуваат дури две третини од Германците (64 проценти). Од друга страна, 33 отсто од нив го поддржуваат планот на канцеларот да го постави прашањето за доверба дури кон средината на јануари, покажува репрезентативното истражување на агенцијата Инфратест димап спроведено за јавниот сервис АРД меѓу 1.065 граѓани со право на глас. 

Големо незадоволство од владата 

Шолц го објасни својот план со тоа што сака да протурка важни закони до крајот на годината и за таа цел побара соработка од опозициските демохристијани ЦДУ и ЦСУ. Претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц, од своја страна објасни дека германскиот претседател по поставувањето на прашањето за доверба, има уште 21 ден да го разреши актуелниот состав на Бундестагот. Во тој период, ветува Мерц, пратеничката група на неговите демохристијани ќе проверува кои правни проекти сè уште може да се усвојат - но под услов канцеларот со гласање доверба да го отвори патот за брзи предвремени избори. 

Претседателот на ЦДУ Фридрих Мерц се надева дека тој ќе биде нов канцелар на ГерманијаФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Граѓаните одговорноста за крајот на германската влада најмногу ја припишуваат на либералите (ФДП), чиј шеф е Кристијан Линднер, поранешниот министер за финансии. Четириесет отсто од испитаниците сметаат дека оваа партија е најодговорна за крајот на коалицијата, секој четврти (26 отсто) смета дека тоа се Зелените , а само секој петти (19 отсто) ја смета за одговорна партијата на канцеларот Шолц, Социјалдемократската партија. од Германија (СПД).

Мнозинството Германци, според таа анкета, го поздравуваат крајот на „семафор коалицијата“: 59 отсто сметаат дека тоа е „многу добро“, односно „добро“, еден од тројца (36 отсто) сметаат дека е „помалку добро“, односно дека е „лошо“. 

Очигледно е дека граѓаните и понатаму се многу незадоволни од работата на владата, која на крајот на октомври падна на најниско ниво во однос на поддршката: само 14 отсто од граѓаните беа задоволни од тогашната влада на Олаф Шолц. Само четири пати во 27-годишната историја на спроведување на анкетата на АРД тој процент бил помал. Тоа дури трипати се случи за време на вториот мандат на Социјалдемократите и Зелените, кој заврши во 2005 година, исто така со предвремени избори.  

Демохристијаните водат во анкетите 

Доколку изборите се одржат веќе оваа недела, СПД би освоила 16 отсто од гласовите, исто како и при последното истражување пред неколку недели. Демохристијаните, ЦДУ и ЦСУ, би биле најсилната политичка сила во Германија со 34 отсто, додека Зелените би се подобриле минимално и би имале 12 отсто (+1). Минимално се подобри и рејтингот на ФДП, но со петте проценти што би ги освоиле, би биле на границата на изборниот цензус. 

Алтернатива за Германија (AfD) малку го подобри рејтингот - 18 проценти (+1) и со тоа остана втора најсилна политичка сила. Сојузот на Сара Вагенкнехт (БСВ) би освоил шест отсто од гласовите. Сите други партии заедно би освоиле девет проценти, вклучувајќи ги Левицата и Слободните гласачи, што значи дека овие партии не би можеле да влезат во Бундестагот.

Кога и да се одржат предвремени парламентарни избори - а редовниот датум требаше да биде 28 септември 2025 година - секој втор Германец (46 проценти) верува дека идната влада ќе ја водат демохристијаните, ЦДУ и ЦСУ. Тринаесет отсто веруваат дека СПД би можела да биде на чело на следната влада, девет отсто гледаат шанса за АфД, а осум отсто веруваат дека тоа би можеле да бидат Зелените. 

Шолц спорен како кандидат за канцелар 

Актуелниот германски канцелар Олаф Шолц пред извесно време најави дека сака да биде кандидат за канцелар на СПД и на следните избори. Но, тоа е спорно и меѓу неговите партиски приврзаници: 45 отсто од поддржувачите на СПД сметаат дека Шолц би бил добар кандидат, но 47 отсто сметаат дека тоа не би било добро решение.

Генералната оценка за граѓаните со право на глас за ефектите од работата на канцеларот останува негативна: моментално само 21 процент од нив се „многу задоволни“ или „задоволни“ од неговата работа, а 76 проценти се „понезадоволни“ или „незадоволни“.

Министерот за економија Роберт Хабек (Зелените) го подобри својот рејтинг во споредба со последната анкета на крајот на октомври на 26 отсто (+6), но подобар резултат забележа и претседателот на ФДП, Кристијан Линднер (25 отсто). 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми