Повици за етничко гласање го „нишаат“ владиниот брод
27 октомври 2025
Пред вториот круг на локалните избори во Македонија,повиците за етничко гласање во одредени општини стануваат се погласни. Ситуацијата се чини „излезе од контрола“ особено во тетовското село Брвеница, каде силите ќе треба да си ги измерат кандидатот за градоначалник на Вреди за општина Брвеница, Хаќим Рамадани и неговиот противкандидат - актуелниот градoначалник на Брвеница, Јовица Илиевски од ВМРО- ДПМНЕ.
По реакциите на Левица, дека „Рамадани од Влен во јавно обраќање од дијаспората наместо да говори за проекти, со шовинистичка реторика го глорифицира сепаратизмот на Илирида, со што директно промовира национална и етничка омраза против македонскиот народ“, премиерот Христијан Мицкоски испрати порака: „Тоа е грешка која ќе ја плати со пораз и со разрешување од неговата функција“, како директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
„Направи голема грешка пред се за кандидатите, од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Тетово Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар досега во поновата историја Македонија не видела. Да влегува и мисли само за себе и својот кусоглед, а притоа да ги занемари сите останати што се борат во вториот круг за градоначалнички мандат, навистина е за жалење“, рече Мицкоски во неделата (26 октомври).
„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од функцијата“
Кандидатот за градоначалник на Брвеница од Вреди, Хаќим Рамадани, кој преку социјалните мрежи ја повикува дијаспората да се организира и да даде за него „еден глас кој вреди“, во објава на Фејсбук вели дека има нешто што му е побитно од јавната функција.
„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција. Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации“, вели тој.
Рамадани порачува: „Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница“, напиша Рамадани на Фејсбук, откако премиерот Христијан Мицкоски рече дека Рамадани прво ќе ги изгуби изборите во Брвеница, па ќе биде разрешен од позицијата директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Зад Рамадани застанаа и од неговата партија Вреди. Тие преку соопштение порачаа дека во нивната кампања ниту еден кандидат не користел говор на омраза, туку зборувал за патишта, училишта, водовод, економски развој, за реалните проблеми на луѓето.
Проекти наместо тензии
Претходно и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами ги повика жителите на Општина Брвеница да дадат поддршка на кандидатот на Влен, а не на тој од нивниот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ. Тоа предизвика жестока реакција на Мицкоски кој на почетокот на септември оцени дека Касами „за жал влегува во фолклорот на опозициската ДУИ, без потреба“.
„Моја препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече внимание во јавноста и да се добијат гласови, туку треба да зборува во Тетово за проектите што заедно со поддршка од Владата се направени за сите и за Македонци, Албанци, Турци, Срби“, рече Мицкоски на 4 октомври во одговор на новинарско прашање.
Мицкоски денеска потврди дека имал средба со Касами, кој е еден од лидерите на Вреди и кандидат за градоначалник на Тетово. „Да, се сретнав со Билал Касами. Разговаравме. И мислам дека тој веќе почна да ги испраќа оние вистински изјави кои треба да му прилегаат на еден градоначалник на мултиетничко Тетово“, рече Мицкоски.
Премиерот очекува на вториот круг на локалните избори на 2 ноември победата да биде заокружена со шеесетина градоначалници и Градот Скопје.