Повици за смиреност пред седницата на Уставниот суд
10 декември 2024Во пресрет на седницата на Уставниот суд кој во среда, 11 декември, треба да расправа за оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците, државниот врв во Северна Македонија повика на смиреност и воздржаност.
„Како партиски, лични или субјективни, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар. Најмалку што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да работи согласно Уставот и Деловникот“, изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, коментирајќи ги изјавите на партискиот лидер на ДУИ, Али Ахмети во пресрет на одлуката на Уставниот суд за Законот за јазици.
„Политички глодари“
Демократската унија за интеграција (ДУИ) во повеќе наврати предупреди дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку и директен удар врз стабилноста и мирот на државата.
„ДУИ точно знаат како функционира Уставниот суд и утре нема да се случи ништо, но целта им е да излезат пред јавноста и како политички глодари да кажат дека поради нивниот политички притисок се одложила одлуката за Законот за јазици“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, процесот во Уставниот суд може да трае со месеци, па и години. Тој упати порака за смиреност до сите граѓани и да не дозволат да бидат злоупотребени.
Повици за смиреност
„Ги молам нашите сограѓани Албанци, Македонци, сите, да бидат смирени, целата работа е под контрола, да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Немојте да дозволите да бидете злоупотребени. Ништо нема да се случи утре“, рече премиерот.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен по забелешките на Венецијанската комисија. Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.
ДУИ веќе неколку дена „стражари“ пред Уставниот суд, од кого бара да ги отфрли поднесените 13 иницијативи за оспорување на одредби во Законот за употреба на јазиците.